Јулија побара оставка од Јушченко и го обвини за банкрот на Украина
Тимошенко обвини дека намерно била намалувана вредноста на националната валута
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Премиерката на Украина, Јулија Тимошенко, ги обвини за грабеж претседателот Виктор Јушченко и претседателот на Националната банка Владимир Стељмах и побара да поднесат оставка. Тимошенко изјави дека претседателот Јушченко сега работи по принципот „колку е полоша ситуацијата во земјата тоа за него е подобро“. Премиерката го обвини Јушченко дека заработува на неволјата што и се случува на Украина. Јулија тврди дека Јушченко, Стељмах и Виктор Балога, шефот на претседателската администрација, по пат на незаконски операции преку банката „Надра“ сакале да заработат 4,55 милијарди гривни. Банката „Надра“ беше во привилегирана позиција и требаше да ја одигра улогата на шверцер со девизи. Тимошенко објаснува дека намерно била намалувана вредноста на националната валута, иако имало далеку повеќе долари отколку што била побарувачката. Ова досега е најтешкото обвинение на Јулија Тимошенко на сметка на претседателот Јушченко. Се' уште нема реакција од Јушченко.
Претседателот на Националната банка Владимир Стељмах вели дека сегашната влада ја довела земјата до банкрот. Владата нема доволно пари да ги исплати пензиите и платите, како и да ги враќа долговите. Додека претседателот и премиерката се расправаат националната валута гривната ослабе во однос на доларот за 100 отсто. „До крајот на годинава Украина може да дојде до банкрот“, изјави претседателот на украинската Национална банка Стељмах. Тој објаснува дека светската економска криза ја влошила конјунктурата, па драстично опадна извозот од металургиските комбинати од кои Украина обезбедува околу 40 отсто од девизите. Експертите тврдат дека производството на украинските металургиски комбинати сега е опаднато за дури 70 отсто.
Вредноста на националната валута не е зачувана без оглед на тоа што за стабилизација на гривната беа потрошени 4,5 милијарди долари добиени од ММФ како и дел од националните девизни резерви. За еден долар се' до кризата се добиваше 5,5 гривни, а сега повеќе од 10. За несреќата да биде уште поголема девизниот долг на Украина (околу 120 милијарди долари) е четирипати поголем од украинските национални резерви. Тие бројки ги плашат странските инвеститори.
Претседателката на владата Јулија Тимошенко го обвинува раководството на Националната банка што дозволи да дојде до криза во банкарскиот сектор. Тимошенко смета дека падот на вредноста на националната валута гривната била планирана операција на раководството на Националната банка.
Претседателот на Украина, Виктор Јушченко им даде рок од 10 дена на раководството на Националната банка како и на комерцијалните банки да донесат програма за стабилизација на гривната. Јушченко е убеден дека нема економски причини за таква девалвација на гривната.
Политиколозите во Киев тврдат дека сменувањето на Стељмах, претседателот на Националната банка, би бил нов политички пораз на претседателот Јушченко. Дека народот не им верува на властите е доказ и тоа што во последните три месеци од депозитите на населението на Украина се повлечени дури 30 милијарди долари, што е речиси двапати повеќе од кредитот на ММФ што и беше одобрен на Украина.
За излез од економската криза Јулија Тимошенко како премиер има намера на малите и средни бизниси да им ги намали даноците за да го оживее стопанството. Истовремено ќе воведе даноци за богатите. „Ние сме единствена земја на светот која не воведе данок за сопствениците на вили, големи имоти, скапи автомобили. Ќе се воведе и данок за скап накит“, најави Јулија Тимошенко. Сегашната украинска влада нема намера да ги намали социјалните трошоци. |