Нередите во Грција продолжуваат, расте рејтингот на опозицијата
Демонстрантите во Атина го користат националниот Технички универзитет за своја база
АТИНА - Грчката полиција повторно се судри со демонстрантите во Атина, две недели по убиството на тинејџер од страна на полицијата што предизвика нереди низ целата земја. Насилството се случи на меморијалното собирање на местото каде што на 6 декември почина Александрос Григоропулос. Групи демонстранти фрлаа камења и молотови коктели кон полицијата, која во неколку наврати одговори со солзавец. Протестите во Атина и другите градови во последниве 14 дена поради убиството од страна на полицијата честопати прераснуваа во насилство. Најлошите безредија во Грција во последниве неколку децении се подгреани од големата стапка на невработеност кај младите и непопуларните владини реформи. На протестите беше предизвикана штета од стотици милиони евра, погодувајќи ја конзервативната влада која има мнозинство од едно место и заостанува зад опозицијата во анкетите.
Демонстрантите во Атина го користат националниот Технички универзитет во Атина, познат како Политехник, за своја база. Тој е лоциран во близина на централната атинска населба Егзархија каде беше убиен 15-годишниот Александрос Григоропулос. На безбедносните сили не им е дозволен пристап до Политехник без одобрение од администрацијата на Универзитетот. Досега не е дадена таква дозвола. Група младинци ја нападнаа божикната елка поставена на плоштадот Синтагма во централниот дел на Атина фрлајќи ѓубре кон неа и обидувајќи се да ја запалат. Полицијата за сузбивање на немири постави кордон околу елката, која и самата е замена за претходно изгореното дрво, кога на 8 декември кулминираа безредијата. Против полицаецот, обвинет за убиството на Александрос Григоропулос, е поднесен обвинителен акт за убиство.
Конзервативниот премиер Костас Караманлис ги отфрли повиците за негово повлекување и покрај се' поголемиот притисок од јавноста. Меѓутоа, тој призна дека „долго време нерешените проблеми, како недостигот на меритократија, корупција во секојдневниот живот и чувството на социјална неправда“ го подгреваат бесот кај младите луѓе.
Грчката опозициона Социјалистичка партија го зголем�� водството во анкетите на околу 6 проценти во однос на владејачките конзервативци во услови на незадоволство на јавноста околу справувањето со најлошите безредија во последниве неколку децении, покажуваат резултатите од истражувањата.
Анкетата објавена во весникот „Катимерини“ покажа дека ПАСОК ја има поддршката од 38,5 проценти од гласачите, во споредба со 32,5 отсто за владеачката Нова демократија. Анкетата спроведена врз 1.013 лица од анкетарот „Паблик ишју“ покажа дека 86 отсто од Грците не се задоволни од тоа како власта се справува со насилството и веруваат дека „работите во Грција се движат во погрешна насока“. „Владиното справување со младинските демонстрации резултираше со дополнително влошување на угледот на власта и премиерот“, изјави Јанис Маврис, генерален директор на „Паблик ишју“ во текст за весникот. Меѓутоа само половина од испитаниците се изјасниле дека владеачката партија треба да распише предвремени избори, откако победи на минатогодишните.
Мандатот на актуелната влада истекува во септември 2011 година, но голем број аналитичари посочуваат дека владеачката партија можеби ќе мора да распише предвремени избори веќе следната година. Караманлис ги отфрли повиците од ПАСОК да излезе на избори.
Мнозинството на грчката влада падна на едно место во 300-члениот парламент по исклучувањето на еден бунтовен парламентарец што се случи минатиот месец, а нејзината популарност е погодена и од 15-дневните протести што предизвикаа штета од стотици милиони евра и губење на бизниси.
ПАСОК премина во водство во анкетите во септември по серијата политички скандали и забавената економија, делумно поради глобалната финансиска криза, што и нанесоа штета на угледот на власта. Во втората анкета објавена вчера во весникот „То вима“ се забележува дека социјалистите имаат водство од 4,5 процентни поени. Анкетата спроведена од „Капа рисрч“ во периодот меѓу 17 и 18 декември, исто така, покажа дека 49,2 отсто од луѓето веруваат оти сегашните безредија нема наскоро да се смират, но Грците повторно се поделени околу тоа дали власта треба да го заврши својот мандат или да распише предвремени избори. (Би-Би-Си/ Ројтерс) |