Компјутерите не вредат ни денар за осигурителните компании?!
Директорите на средните училишта во Струмица биле советувани да не ги осигуруваат компјутерите
Жаклина Ѓорѓевиќ
Осигурителни компании ги советувале директорите на средните училишта во Струмица дека не е пожелно да ги осигурат компјутерите, кои им беа донирани како дел од проектот „Компјутер за секое дете“, бидејќи по четири години, ја губат вредноста. „Сметководствено, компјутерите ја губат вредноста по четири години, бидејќи годишно нивната вредност се намалува за 25 отсто, но тоа не значи дека ја губат и употребната вредност. Ако се употребуваат, сепак, имаат некаква вредност“, тврдат во осигурителните компании. Иако во законот стои спротивното.
Откако се инсталирани компјутерите, училиштата се оставени сами на себе да се снаоѓаат како знаат и умеат за да ги заштитат компјутерите од кражби и уништување. Некои компјутери ја губеа вредноста складирани во магацини додека го чекаа светлото на денот, во исчекување да дојде некој и да ги инсталира. По четири години, прв пат сега Градот Скопје и во другите општини потпишаа договор со училиштата со кој ја преземаат обврската да ги осигурат и да се грижат за одржувањето на компјутерите. Одговорните го кријат договорот што го потпишале самите, па дури велат и дека не ги знаат деталите од овој договор со кој компјутерите им се отстапуваат на училиштата, кои стануваат нивни сопственици.
„Се распрашавме кај осигурителните компании да ги осигуриме компјутерите во почетокот од учебната година, но тие не' предупредија дека нивната вредност се губи по четири години. Затоа моментално го стопиравме осигурувањето“, велат во струмичките средни училишта. Раководството во училиштата ќе чека на општината да најде пари за осигурување. „Проектот е тешко одржлив, иако е потребен за учениците“, сметаат директорите на училиштата.
Училиштата веќе потпишаа договор за преземање на компјутерите со општините и со Министерството. Во нив се прецизира дека општините се обврзани да ги осигурат компјутерите и да ја платат штетата на компјутерите ако таа е над 5.000 евра. До тој износ штетите ги покриваат училиштата. Компјутерите преоѓаат во трајна сопственост на училиштата. Упатените во оваа проблематика се чудат зошто сега по втор пат се потпишуваат вакви договори кога и претходно кога биле набавени и донесени во училиштата, биле потпишани слични вакви договори. Тогаш Министерството ги осигури компјутерите, но на неколку месеци, а осигурувањето остана обврска и добра желба на училиштата.
Сите училишта не ги осигураа компјутерите. Некои го направија тоа со свои средства, а од годинава средствата се намалени. Лани за ученик им биле исплаќани по 1.200 денари, а годинава таа сума е намалена на 1.000 денари. Така, при изборот што да се осигури кај компјутерите, секогаш се избира најевтиниот пакет, оној со кој компјутерите се заштитени само од елементарни непогоди.
„Овој месец ни изминува периодот на осигурување, така што ќе мора да го обновиме. Го одбравме пакетот со кој компјутерите се заштитени од природни непогоди, бидејќи тој е многу поевтин од оној за кражби“, вели Драган Арсовски, директор на средното училиште „Раде Јовчевски-Корчагин“.
Во Уредбата за начинот на пресметување на амортизацијата, која е објавена во „Службен весник“ во 2002 година, се наведува дека годишната стапка на амортизација за компјутери е 25 отсто. Ако се почитува ова, тоа значи дека по четири години, компјутерите не би требало да вредат ни денар. Но, не е така. Иако ова правило го почитуваат во осигурителните компании, имаат и сопствени услови за осигурување. На пример, во „Кјуби Македонија“ вредноста на компјутерите при процена не се отпишува целосно по четири години, туку се оди најмногу до 30 отсто. Кај нив училиштата најчесто се о��игуруваат од пожари и кражби што е поевтино отколку да ги осигурат од расипување.
„Компјутер, кој стар е четири години, депласирано е да се осигури, бидејќи новите модели ги истиснуваат старите. Така, по четири години, фактички, самата компанија не може да ги даде цените по кои ги произвела сопствените компјутери“, објаснуваат менаџерите за осигурување.
Во сметководствените книги училишните компјутери на кои се поврзани неколку тин-клиенти се заведени дека вредат 28.000 денари. Малите лаптопи за учениците и наставниците сметководителите ги завеле со вредност околу 13.000 денари. Според сметководителите, компјутерите сметководствено не ја губат вредноста годинава, туку на крајот на идната година. Тогаш компјутерите би требало да се ревалоризираат и да им се одреди нова вредност.
(Истражувањето е поддржано од Центарот
за граѓански комуникации во рамките на
проектот за мониторинг на јавните набавки) |