Демант
(Повод: текстот „Хонорари за неверување“, објавен во „Утрински весник“ од 21 август 2008 година)
Министерство за финансии
Во уредничкиот коментар „Хонорари за неверување“ од авторот Катица Чангова, објавен на 21 август 2008 година, се изнесуваат серија невистини, произволности и подметнувања на сметка на Министерството за финансии и министерот за финансии, д-р Трајко Славески, кои најостро ги демантираме.
Авторот на текстот, веројатно во занес дека открил некој мегаскандал, манипулира со јавноста дека неговите пишувања предизвикале реакција на министерот Славески и истовремено изнесува тешки лаги дека наводно скандалозните надоместоци за членовите на Комисијата за контрола на предмети за денационализација биле исплаќани во изминатите две и пол години.
И двете работи воопшто не се точни, што впрочем беше кажано и во изјавата на министерот Трајко Славески за „Утрински весник“.
Имено, одредените неправилности во исплатата на надоместоците за членовите на Комисијата за контрола беа утврдени далеку пред новинарот да го открие случајот и тие се однесуваат за исплатите извршени делумно за март и април 2008 година.
За таа цел беше формирана Комисија за утврдување материјална одговорност која работи на случајот и која наскоро треба да се произнесе со конкретни наоди и препораки за отстранување на утврдените неправилности.
На крај би истакнале дека секогаш постои можност за грешки при работата во која било институција. Затоа постојат јасни процедури преку кои се утврдува постоење материјална одговорност, а во одредени случаи, доколку е потребно, и понесување политичка одговорност.
Но, истовремено би истакнале дека постои и кривична одговорност за изнесување лаги, клевети и манипулации во јавноста.
Истрели во празно
Катица Чангова, „Утрински весник“
Во скандалите што ги откриваат новинарите најпогодени се првите личности во државните институции, а во аферата „Скандалозни хонорари“ министерот за финансии, Трајко Славески.
Разбирлива е реакцијата на Славески ако демантира неточности, на пример, за кој месец биле исплатени бонусите на членови во Комисијата за контрола на предмети од денационализацијата, март и април 2008 или јуни истата година.
Но, факт е дека министерот призна дека во неговиот ресор се делеле екстремно високи хонорари и дека за тоа знаел „многу порано пред новинарот да го открие случајот“. Затоа демантот за „серија невистини, произволности и подметнувања на сметка на Министерството за финансии и министерот Славески“ звучат како истрели во празно. |