Мислења
За слободата
Филип Петровски
Само со целосно практицирање на слободата можеме да се надеваме на прогрес во нашето општество
За слободата никогаш не е доволно да се пишува. Многумина пишувале за неа. Книги, цели томови. Никогаш не е премногу ништо што ќе се напише на оваа тема. Па, сепак, мислам дека во ова општество, во оваа неслобода во која цапаме, слободата се смета за освоена, за апсолвирана тема, за нешто за што нема потреба да се дебатира. И така овците (во библиска смисла, за да не се навреди некој), си остануваат во стадо и лесно се контролираат. Пак ќе речам, познат ми е ризикот оваа тема воопшто да не ви е интересна затоа што можев да коментирам и за сите можни и неможни контроверзии што се случуваат во државата на неделно ниво. Толку има материјал, што и да се пишува колумна на дневно ниво, не може се' да опфати.
Но, јас сметам дека слободата никогаш не е освоена до крај. Дека секој од нас треба одново и одново да ја освојува, да се бори за неа, а ако смета дека ја освоил за неа да се грижи како за мало дете на кое му е потребна сета љубов и внимание на овој свет. Дури и општеството треба да се однесува во целост кон слободата на овој начин. Ми се чини дека треба да се земат предвид историските примери, според кои, општествата што ја негувале слободата може лесно денеска да се издвојат по својата напредност и развој во светски рамки. Се разбира, тенденциите што се контра слободата секогаш и во таквите општества се изразени и тие се трудат да надвладеат. Тоталитарниот ум никогаш не се предава. Тој бара начини да се наметне, да завладее. Денеска лесно се гледа каде владее тоталитарниот ум, во кои држави, општества, средини. И ова што го кажувам не е ништо ново. Така било и ќе биде. Ама кога се знае ова, подготвени сме да се спротивставиме и да се избориме одново и одново за слободата.
Еден од мотивите да пишувам денеска за слободата е и најновиот филм на Ридли Скот, „Робин Худ���. Во овој филм тој се надминал. Иако на прво гледање публиката, која е претходно подготвена на студиски ефекти, реагира доста критички и негативно, во него и тоа колку има материјал. Поради трендовите во технологијата и Холивуд, начинот на кој сега се прават филмовите, навистина „Робин Худ“изгледа бавно, неинтересно, нема многу крв, нема убиства на кило, нема акција. Па, сепак, Ридли Скот е еден. Помладата публика се сеќава, веројатно, на „Гладијатор“, но малкумина се сеќаваат на „Блејд Ранер“, легендарниот СФ-филм, кој, исто така, во тоа време кога се појави, немаше добри критики, за денеска да стане еден од најтретираните, најкоментирани, најцитирани филмови од таа област во историјата на кинематографијата.
Да се разбереме, не сум филмски критичар. Не е тоа моја специјализирана област. Ниту, пак, претендирам на авторитет во неа. Само сакам да кажам како го разбирам тоа што го сигнализира Ридли. Мислам дека е мајстор да исплете порака во филмовите што ги прави, за која треба да бидете будни, вклучени, а не да го гледате филмот по инерција. Да се вратам на „Робин Худ“. Има една порака во него за која сум сигурен дека допрва низ годините што доаѓаат ќе дебатираат критичарите, историчарите, но и фановите. „Rise and Rise Again Until Lambs Become Lions“, или во слободен превод, бори се додека да се ослободиш и да ја освоиш слободата. Се' додека не станеш како Кралот лав - е централната порака што е исплетена многу ненаметливо и фино. Ако не сте концентрирани, може да ја пропуштите сосема. Оваа порака не е текст што е изваден од Библијата. Во него, сепак, има нота на спиритуалност, духовност, да се бориш за праведна цел, за слободата.
Во таа смисла многу е блиска до однесувањето на Черчил во времето на Втората светска војна кога Британија се наоѓала пред најголемиот предизвик во нејзината историја во период од 1.000 години. Исто така, коренспондира со пораките, мислењата и борбата на основачите на САД, таканаречените American founding fathers. Значи, за слободата вреди да се бориш, но ако е потребно и да го положиш својот живот. Тоа во филмот го направил таткото на „Робин Худ“, гравирајќи ја погоре пренесената максима. Тоа е подготвен да го направи Черчил, но тоа за нас го направил и Исус. Тој го жртвува својот живот за човештвото да може да биде слободно, ослободено.
Само со вакво целосно практицирање на слободата можеме да се надеваме на прогрес и во нашето општество. Ако примерите се тука околу нас, ако Ридли само сака на луциден начин да не' потсети како да живееме, нема причина да останеме заспиени. Во контекст на нашата денешна и тукашна живејачка, тоа би значело, исто така, да се освојува слободата по секоја цена. Да нема конформирање пред лажни авторитети, кои својата тапост сакаат да ја наметнат како врвна вистина. Тоа би значело дека сите тие такви лажни авторитети треба постојано да се предизвикуваат во име на напредокот на нас самите и на нашето општество.
Дали ви е ова можеби премногу сувопарно? Премногу далечно? Сигурен сум дека за дел од вас е така. Посебно за тие што по партиска задача ќе треба сега на ова да имаат негативен коментар. Додека пишувам, ве гледам, ве замислувам како се мачите да го денунцирате ова, а да изгледа паметно. Ајде размислете, како да се исплука ова!? Бидејќи на „Фејсбук“ го тестирав почетокот на овој текст објавувајќи го како статус, ќе ја пренесам првата негативна реакција. Било смешно да се користи Робинхудовска флоскула во 2010. Ете, гледате како ние можеме се' да денунцираме со една проста реченица. Значи, да се исплука тој што пишува за да се демотивира секоја слободна промисла.
Притоа, секако, се заборава дека „Робин Худ“ е само популарниот карактер што треба да ја пренесе универзалната мисла за слободата. Тој е ставен само како катализатор затоа што сите ние знаеме за него. Но, што знаеме за слободата? Зошто тој во филмот е син на мајстор масон? Случајно ли е тоа? Случајно ли се споменува МАГНА КАРТА ЛИБЕРТАТУМ? Ви велам, контекстот е многу сериозен и воопшто не е флоскула. И не е застарен. Посебно не во модерното македонско општество кое е далеку од слободно. Кое се мачи да создаде, да породи слободни луѓе дваесет години по формалното напуштање на неслободниот систем.
Погледнете околу себе, примери има многу. Погледнете ги само првенците на власта, кои во интервјуа ја оправдуваат неправдата, критиките на слободните медиуми, непочитувањето на системот, владеењето со сила, заканите, притисоците...
(Авторот е доктор на политички науки) |