Јапонија и Јужна Кореја во потрага по селектори
За селекторот на Јужна Кореја, Јунг Моо Хух, Светското првенство во Јужна Африка беше последното седење на репрезентативната клупа. Тој го потврди своето заминување, а нов кормилар бараат и Јапонците.
Јунг Моо Хух ја одведе репрезентацијата до осминафиналето на СП 2010. Ја мина групата во која беа уште и Аргентина, Грција и Нигерија, но поразот од Уругвај означи крај на неговиот мандат. Договорот со јужнокорејската федерација му истече иако Хух и претходно најави дека ќе се повлече од функцијата.
„Не се работи за оставка, одлучив да не ја продолжам соработката. Сакам да ги наполнам батериите и некое време да минам со семејството. Покрај тоа, во нашето општество има многу добри тренери кои заслужуваат да добијат прилика“, изјави Хух.
Фудбалската федерација на Јужна Кореја објави дека наследникот на Хух ќе биде познат до 10 јули. Хух ја презеде селекторската функција во 2007 година, откако Пим Вербек замина на клупата на Австралија.
Во потрага по нов селектор се и Јапонците бидејќи разочараниот Такеши Окада, по елиминацијата од Парагвај на пенали во осминафиналето, ја повтори својата желба за напуштање ма кормилото. Како кандидати за негови наследници се споменуваат Аргентинците, Марсело Биелса и Хозе Пекерман.
„Ќе мора да бидеме внимателни и да го одбереме најдоброто решение за јапонскиот фудбал“, изјави претседателот на Јапонската фудбалска федерација, Мотоаки Инукаи. |