Билбордманија го зафати Скопје
Сања Наумовска
Во Скопје владее вистинска билбордманија. Рекламни паноа има на сите страни, на земја, но и во воздух. Како што засега стојат работите, хаосот со уличното рекламирање уште долго нема да се реши, бидејќи ниедна фирма не се јави на повикот на Градот за избор на консултант кој требаше да изработи правилник за поставување и користење на рекламните паноа, како и да избере нови концесионери. Дали градските власти и понатаму ќе останат на идејата консултант да им најде решение за бизнисот со билборди, или, пак, самите ќе се зафатат со средување на проблемите, засега не се знае. Јасно е само дека која варијанта и да биде избрана ќе треба време да се реализира. А, во меѓувреме, скопјани на секој чекор ќе се сопнуваат на некој билборд, рекламно пано или ситилајт.
Рекламните паноа последните десетина години се поставуваат на секој слободен простор, на тротоари, на раскрсници, пешачки премини, на фасадите и на покривите на зградите. И тоа не само на станбените, туку и на објектите кои со закон се прогласени за културно наследство. Од друга страна, голем дел од билбордите ја загрозуваат и безбедноста на учесниците во сообраќајот, бидејќи со тоа што се наоѓаат на проблематични локации не оставаат доволно простор на тротоарите за поминување на пешаците. Истовремено, оние со огромни димензии го одвлекуваат вниманието на возачите. Многу билборди се поставени и во непосредна близина на објекти и згради, така што речиси целосно „ги покриваат“. Посебен проблем се билбордите кои се наоѓаат на приватно земјиште, со големини од неколку десетици квадрати, за кои надлежните градски и општински власти не можат да преземат ништо.
Според Законот, само за рекламните паноа со површина поголема од 12 квадратни метри е потребна посебна дозвола за поставување, за што, пак, неопходни се низа елаборати, меѓу кои и за безбедност на објектот. Елаборатот за рекламирање на јавни површини датира од 1998 година и во него единствен критериум при поделбата на локациите на кои може да се постави рекламата се смета пропишаната големина која не смее да надминува 12 квадрати. Бројот на локации за поставување паноа во Скопје тогаш изнесувал 8.128 места и од тогаш до денес не се направени корекции.
Посебно е прашањето за безбедноста на билбордите за чие поставување не треба никаква дозвола, ниту, пак, градежен проект за стабилност. Дали рекламните паноа имаат рок на траење, кој ги сервисира, кој ќе одговара доколку се повтори случајот кога се сруши билборд и повреди човек, се отворени прашања кои уште долго време ќе бидат без одговор.
Според градските власти, обврска на консултантот требаше да биде решавање на поголем дел од проблемите врзани со концесионирањето на билбордите во кои спаѓаат и овие прашања. Консултантот требаше да направи анализа колку билборди му требаат на Скопје, на кои места ќе може да се постават и колку ќе се наплатува за нив. Локациите треба да се поделат во зони од кои ќе зависи и цената.
Требаше да биде направен и нов модел на концесиски договор врз основа на кој ќе се прави изборот на можни концесионери и нивниот број. Новиот правилник треба да даде одговор и на прашањата дали ќе се дозволи рекламирање на фасадите и на покривите на зградите и дали за тоа ќе треба дозвола од локалните власти или, пак, како што беше случајот досега, само с��гласност од станарите и куќниот совет.
Пред две години завршија договорите на Градот Скопје со концесионерите „Акцент медија“, кој има 250 билборди, и „Лазов груп“, кој работи со 250 мегалајти и 320 ситилајти. Договорот не е продолжен со ниту една од овие фирми, првенствено заради регулирање на финансискиот момент, велат од Градот Скопје. Цената од 100 денари за квадратен метар, колку што добивал Градот од концесионерот, е прениска, а со бизнисот со билборди може да се озбезбеди поголем приход за градската каса.
Сепак, секојдневно се менуваат реклами на билбордите низ Скопје, а двете фирми се' уште работат со нив. Тие склучуваат анекс договори со Градот, кои ќе бидат во важност до изборот на нови концесионери. Колку време ќе трае оваа состојба, не се знае, но очигледно е дека им одговара и на двете страни. „Акцент медија“ и „Лазов груп“ ќе останат во бизнисот уште некоја година, а од друга страна без прекин ќе се полни и градскиот буџет. Анекс-договорите за концесионирање на билбордите се со истите услови како и претходните договори, а ниту една од договорните страни немала иницијатива за менување. Сепак, потенцираат градските власти, договорите со новите концесионери, без разлика дали ќе се бараат преку консултант или не, ќе се разликуваат од досегашните, особено во финансискиот дел, се разбира, во корист на градскиот буџет.
Градските власти најавуваат и раскинување на договорот со „Продукција перспектива“, фирма која веќе десетина години има ексклузивно право да поставува реклами и патокази на канделабрите низ градот. Нивниот договор, за разлика од оние на „Акцент медија“ и „Лазов груп“, не е временски ограничен и може да се раскине само со спогодба. „Градот Скопје преговара со ’Продукција‘ за изнаоѓање решение за проблемот“, кратко информираат градските власти, додека фирмата без никакви рокови или ограничувања, поставува реклами со обврска само да ја плаќа струјата што ја трошат. |