Мислења
Очекуван потег во лошо време
Филип Петровски
Косово беше инсталирано од големи играчи во меѓународната политика и што може ние да направиме тука поразлично од западниот свет?
Како и што си мислев, помина уште една недела, а од Хисен Џемаили ни трага. Но, слушнавме глас. Поточно слушнавме негова закана дека ќе дојдел на судското рочиште, ама судот прво требал да расправа за симнување на неговата мерка притвор. Затоа што тој така смета дека е право. Прво најавуваше дека нема да се повикува на имунитетот, јавно потпишување на некакви ливчиња хартија дека ќе биде присутен цело време, а сега најавува дека ќе дојде на судското рочиште сигурно. Целиот случај се претвори во циркус. Најави, одјави, лаги, закани. Се' си имаме. Вистинска драма, забава на народот. Баш ме интересира какво ќе биде рочиштето идната недела. Да видиме дали навистина Хисен ќе се појави во суд. Или нешто друго се случува зад параванот. Многу ме интересира како ќе реагира судот на отворено изречените закани, дали ќе го задржи своето достоинство и независност и ќе се зафати со расчистување на овие криминални и ѕверски случаи коишто ниту во сон не можат да бидат амнестирани.
Во меѓувреме го признавме Косово. Веднаш да кажам дека е тоа легитимна одлука на нашата држава. Како што стојат работите во државава, но и околу нас, целото балканско опкружување, немавме друга можност. Косово беше инсталирано од големи играчи во меѓународната политика и едноставно постои. Што може ние да направиме тука поразлично од западниот свет? Особено ако се земе предвид дека имаме големо малцинство кое има свои роднински и секакви други релации со Косово. Одозгора на тоа, навистина и македонската економија има свои силни аргументи за соработка со таа држава. Ако не се лажам, со Косово имаме суфицит, што е навистина редок пример. Значи, секој што и бегло се занимава со анализирање на состојбите знаеше дека до признавање ќе дојде. Само, бидејќи се одолжи, повеќето почнаа да се прашуваат каква е таа наша тактика? Што е, всушност, нашата скриена намера и како тоа низ дипломатските лавиринти ќе го изведеме?!
Нашите првенци долго време изјавуваа дека ќе го заокружат процесот во најдобар можен интерес за Македонија. Потсетувам дека од денот на објавувањето на својата нез��висност нашата држава имаше отворен притисок од страна на западните сојузници да го следи нивниот пример и да го стори истото. За да не се залажуваме, овој притисок се нема случено само со нас. Подолго време беше подготвувана независност на Косово и неа не можеа да ја видат само оние што не сакаа да ја видат. Заокружувањето на овој процес, односно што ќе се случи, се насетуваше уште во 1999 година, по интервенцијата на НАТО во Југославија. Од тогаш единствено требаше само да се најдат вистинските магистрали по кои целата работа ќе се турка. Затоа велам дека моравме да видиме што ќе се случува и сосема легитимно да се подготвиме како ќе реагираме како држава. Нормално е да сакаме да ги заштитиме сопствените интереси, својата економија, но и да излеземе во пресрет на дел од сопствените граѓани кои жестоко притискаа тоа признавање и да се случи. Македонија е сосед со Косово, а не со Уганда!
Сепак, да преиспитаме дали минатонеделното признавање и спакуваната аргументација беа најдобри. Да промислиме дали начинот на кој го признавме Косово беше најсоодветниот, односно дали го погодивме моментот. Особено што одолжувањето кое се покриваше со некакви анализи, за кои досега не слушнавме ниту збор преку средствата за масовно информирање, како и низ каква било стручна расправа, доведе до некаква консолидација од српска страна. Србите го издржаа првиот удар од признавањето и во нивен манир, тврдоглаво не се откажуваат од притисок. Дури и за мене неочекувано, успеаја прилично да го забават признавањето на Косово. Се чини дека динамиката која беше проектирана во февруари не се исполни. Помпезно најавуваното признавање од голем број држави се забави малку. Во меѓувреме, како што реков, во својата силна настојчивост и, за разлика од нас, користејќи дипломатски алатки, Србите смислија уште еден начин како да ја одолжуваат работата. Поднесоа резолуција на гласање пред Генералното собрание на ООН. Вревата што ја подигнаа, секако, добро промислено, даде резултат. Генералното собрание гласаше во нивна полза, усвојувајќи го предлогот по прашањето на легалноста на еднострано прогласената независност на Косово да се изјасни меѓународниот суд на правдата. Македонија во овој случај гласаше воздржано. Образложението беше дека ние не сме сакале да се мешаме во тие работи. За веќе утредента да го признаеме Косово.
Да не се разбереме погрешно. Како што стојат работите во светов, усвојувањето на Резолуцијата не може да ги промени многу работите. Тоа го знаат и Србите. Мислењето на судот е само советодавно. Па, сепак, тие се определија да го тестираат меѓународниот поредок, неговата функционалност, и, секако, да им ги искомплицираат плановите на Американците. Се' на се', работата навистина е комплицирана. Усвојувањето на Резолуцијата е голема новела за овие простори, но само во временска рамка по распаѓањето на некогашна Југославија. Поранешната југословенска дипломатија беше многу вешта во користењето на алатките кои можеа да и' донесат корист во ООН. Постојат томови пишани документи за применувањето на сите можни тактики како да се стекне дипломатска предност, кога е во прашање дури еден СССР во времето на Информбирото. Ама со текот на времето, сето сеќавање поврзано со таа дипломатска практика, како што гледам избледело. Ништо од тоа не се обидуваме да инкорпорираме во нашето дејствување во ООН, како и во нашата меѓународната комуникација.
Во моменти кога Србија славеше, ликуваше, само еден ден по гласањето на Резолуцијата, ние го признавме Косово. Сето тоа го дознав преку кабелската програма на Црна Гора, која уште додека нашето Собрание, наводно, расправаше како да се постапи, јави дека нашите две држави веќе се договориле да настапат координирано во признавањето. Ќе се согласите ова беше мала измама на јавното мислење. Нејсе. Веројатно се сметаше дека на тој начин бесот на Србија ќе биде поделен и со помалку притисок ќе продолжи дипломатската комуникација. Веќе утредента Србија, опиена од своите дипломатски успеси, ги протера двајцата амбасадори, на Македонија и на Црна Гора...
Како ќе се одвиваат работите во иднина, останува да видиме. Според мене, кога веќе беше јасно дека не можеме да го издржиме притисокот и дека мораме да го признаеме Косово, тоа требаше да се направи во истиот круг со Бугарија, Хрватска и Унгарија, во март годинава. Повеќе од сигурен сум дека тогаш реакцијата на Србија немаше ниту одблиску да биде ваква каква што беше сега. Сигурно немаше да ја двојат Македонија и само наши��т амбасадор да го протеруваат. Плус, се' уште ја немаа Резолуцијата на ООН.
(Авторот е магистер по меѓународна политика)
http://filippetrovski.blog.com.mk |