Мислења
Како до уставни закони?
Ана Павловска - Данева
Законите и подзаконските акти треба да ги подготвуваат стручни и компетентни лица со големо искуство и знаење
Ако се направи само една површна анализа на податоците од веб-страницата на Уставниот суд, би можело да се заклучи дека во последниов период е зголемен бројот на иницијативи за поведување постапки за оцена на уставноста и законитоста на општите правни акти пред Уставниот суд и уште позначајно - дека е зголемен бројот на укинати акти од страна на судот.
Се чини дека ваквата состојба ја имаат забележано и најголем дел од предлагачите на противуставните, односно незаконитите акти, па во обид да се најде „алиби“ за пропустите при нивната подготовка, во неколку наврати Уставниот суд беше оквалификуван како „кочничар на реформите“. Ваквите коментари на одлуките на судот не водат апсолутно никаде. Тие нема да доведат до менување на фактот дека одредена законска одредба е укината ниту, пак, ќе им бидат од полза на граѓаните кои по донесувањето на одлуката за укинување/поништување се наоѓаат во ќор-сокак, во правен вакуум кој негативно се одразува на остварувањето на нивните права. Затоа е потребно да се преземат итни мерки за излез од ваквата состојба.
Најпрво, потребно е да се изработат детални анализи од страна на стручните служби во Уставниот суд, но и од страна на Владата и, секако, Собранието, кои ќе ни дадат јасна слика за неколку битни факти: преглед на областите во кои најчесто се донесуваат акти спротивни на Уставот, односно законите; преглед на временските периоди кога се донесени противуставните, односно незаконитите акти; преглед на најчестите доносители на противуставни/незаконити акти и бројни други статистички податоци и релевантни факти кои ќе помогнат да се разоткријат причините за ваквите состојби. Причините можат да бидат различни, но, секако, не се необјасниви или нерешливи.
На пример, од ресорот здравство, со години по ред се укинуваат (или се бара да бидат укинати) од страна на Уставниот суд бројни законски одредби: онаа за забраната на дополнителна дејност на лекарите од јавното здравство, онаа за реализација на идејата директори на ФЗОМ да можат да бидат странски државјани, правото на вето во одлучувањето во Управниот одбор на ФЗОМ, па и одлуката на Владата за трансформација на Клиничкиот центар и др. Ваквиот податок може и треба да се употреби како показател за одредени негативни состојби и кога тие ќе се установат, потребно е надлежните веднаш да преземат мерки и дејства за нивно отстранување.
Така, причината може да се бара во кадровските капацитети на едно министерство во поглед на вршењето нормативна дејност. Но, анализите треба да навлезат и подлабоко, па да опфатат и податоци за тоа колку од укажувањата на надлежните државни службеници биле почитувани, односно игнорирани од страна на политичките функционери, како и кои биле аргументите на носителите на политички функции за отфрлање на сугестиите и мислењата на стручните служби.
Понатаму, причина за ваквата состојба може да биде и лошата конципираност на политичките идеи, кои може да се опортуни и благородни, но, сепак, да се косат со постојниот правен систем, што во крајна линија води кон заклучок дека се неприменливи и неупотребливи, па треба да се напуштат или да се заменат со нови, посоодветни.
Следниот важен чинител може да биде и начинот на работење на најзначајната владина служба - Секретаријатот за законодавство, надлежна за усогласување на предлог-актите со Уставот и постојните закони. Нејзината улога е да дава мислења за сите предлози на општи правни акти. Овие мислења, доколку содржат стручни, професионални и издржани забелешки, ќе мора сериозно да бидат земени предвид од страна на предлагачот, па и доносителот, во спротивно, самите ќе ја преземат одговорноста на лошо подготвените законски прописи.
Истражувањата можеби ќе покажат дека административните органи како овластени подготвувачи на општите правни акти недоволно користат консултантски услуги или, пак, обратно, дека користеле несоодветни консултанти/експерти (домашни или странски, сеедно) чија услуга дала лош продукт - закони или подзаконски акти кои „паѓаат“ на Уставен суд.
Длабоко сум убедена дека доколку се спроведат вакви сеопфатни истражувања, ќе дојдеме до конкретни показатели за тоа каде лежат причините за неуспехот во извршувањето на нормативната дејност. Овие резултати ќе бидат од многу поголема полза за подобрување на состојбата, наспроти давањето паушални изјави од типот „судот ги кочи реформите“.
Ресорот здравство, секако, не е единствената област во која често интервенира Уставниот суд. За жал, таквите примери се бројни и во другите области. Школски пример за упад во уставниот поредок и правниот систем во државата, секако, е решението содржано во Законот за банките од 2007 година. Овој Закон содржи одредба која е во директна спротивност на чл. 50, ст. 2 од Уставот на РМ, според кој „се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања“. Така, Законот за банките предвидува ограничување на надлежноста на Управниот суд и тоа кога станува збор за решение на гувернерот на Народна банка со кое се одзема дозвола за работа на банка, се отвора стечајна постапка на банка и се спроведува ликвидациона постапка во банка. Имено, во сите овие случаи, според чл.179, ст. 2 од Законот за банките, на Управниот суд му се забранува да го поништи решението на гувернерот, иако се остава отворена можност таквото решение да е незаконито. Уште повеќе, наведената одредба од Законот за банките му „дозволува“ на Управниот суд само да ја констатира незаконитоста на решението, но тоа мора да остане непроменето. Со други зборови: кучињата си лаат, карванот си врви! Управниот суд нека си носи „констатирачки пресуди!?“, но решението на гувернерот е неприкосновено! Тужителот, кој го „добил“ спорот со констатирачка пресуда на Управниот суд, може да бара понатаму надомест на штета пред основниот суд, но за цело ова време актот на гувернерот не смее да биде сменет! Заборави ли законодавецот на уставната гаранција за судска заштита на управни акти? Повторно ли ќе треба да бараме виновник (олицетворен во институцијата Уставен суд) ако ова решение биде укинато?
Законите и подзаконските акти треба да ги подготвуваат стручни и компетентни лица со големо искуство и знаење. Во спротивно, грешките ќе ги решава Уставниот суд, а ќе ги плаќаме сите ние заедно - граѓаните на оваа држава.
(Авторката е доцент на Правен факултет) |