Стојчев повторно победи на Охридскиот маратон
Вечниот Стојчев и повратникот Томи повторно рамо до рамо во Охрид
Web Update
Бугаринот Петар Стојчев е победник на овогодинешниот 22-ри Охридски пливачки маратон. Тој патеката „Климе Савин“ долга 30 километри ја мина за шест часа, 14 минути и 51 секунда.
Второпласиран е французиниот Стефан Гомез, додека трет целта ја мина Брендан Капел од Австралија.
Најдобро пласиран македонски пливач е Тони Стефановски, кој четврт стигна до целта на градското пристаниште во Охрид.
Кај пливачките најуспешна беше германката Стефани Билер.
Наградниот фонд од 25.000 долари ќе им биде доделен на победниците на церемонијата закажана за вечерва во 20:30 часот во хотелот „Дрим“ во Струга. Наградите на првопласираните на Охридскиот пливачки маратон ќе им ги врачи покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Бранко Црвенковски.
Првопласираните во машка и женска конкуренција ќе добијат по 2.500 долари парична награда плус бонус за генерален пласман.
Денешниот Охридски пливачки маратон ќе биде запаметен по инцидентот што се случи веднаш по завршувањето на трката кога дојде до вербална расправија меѓу победникот Петар Стојчев и второпласираниот Стефан Гомез, по што бугаринот го удри французинот со нога.
Стојчев во изјавата за медиумите рече дека наместо честитки Гомез му упатил навреди, а францускиот пливач пак го демантираше тоа велејќи дека бил изненаден од односот на бугарскиот пливач и оти бил удрен без причина. (МИА)
Следува текстот од печатеното издание:
Роберт Димитриевски
Пријателите Петар Стојчев и Томи Стефановски по седум години денеска повторно заедно ќе ги сечат водите на Охридско Езеро, натпреварувајќи се со уште 25 пливачи на маратонот што ќе стартува во 12 ч. во Свети Наум, а целта на патеката „Климе Савин“, долга 30 км, е во градското пристаниште. Стојчев и еден од најуспешните македонски пливачи на долги пат��ки во историјата последен пат на Охридскиот маратон во својство на учесници другаруваа во 2001 година, кога обајцата се искачија на победничкиот пиедестал - Бугаринот како севкупен победник, а Стефановски како третопласиран. Пред и потоа најдобриот светски маратонец шест пати триумфира во Охрид и еднаш беше втор, а спортистот на Македонија за 2001 го сардисаа повредите на рамената, поради кои беше подложен на дури шест операции. И тогаш кога сите мислеа дека кариерата на Томи е готова, 37-годишниот од септември минатата година повторно му се врати на маратонското пливање, а годинава веќе учествуваше на четири од петте досегашни трки од Гран при серијата на ФИНА.
„Немам илузии дека ќе се борам за највисок пласман, бидејќи се' уште сум далеку од потребната форма за такво нешто. Едноставно, ќе уживам во моето враќање на трката што ми го донесе најголемиот успех во кариерата. Охридскиот маратон овој пат ми е дел од двегодишните подготовки за потфатот во август 2009, кога ќе се обидам да станам третиот Македонец што го препливал каналот Ла Манш по Нико Нестор во 1959 и Атина Бојаџи во 1969“, вели Стефановски, кој со вкупно 12 поени од трките во Росарио, Виедма, Неапол и во Шабац се наоѓа на осмото место во вкупниот поредок.
Томи Стефановски ќе ја предводи листата на дури осуммина македонски пливачи што ќе и' се спротивстават на светската маратонска елита. Меѓу 27 учесници се и Евгениј Поп Ацев, Никола Кутаноски, Илија Стојановски, Игор Димоски, Александар Панчевски, Миро Крстевски и охриѓанецот Марјан Мирчевски.
Покровител на манифестацијата и годинава е претседателот Бранко Црвенковски, наградниот фонд на трката порасна на 25.000 американски долари во однос на лани, кога беше 10.000. Главни конкуренти на Стојчев се очекува да му бидат Дамјан Блаум од Аргентина и Брендан Кепел од Австралија, а во женска конкуренција прва фаворитка е ланската победничка Естер Нуњез од Шпанија. |