Фељтон
Драмата на Егејците (17)
Македонски мајки палат свеќи на гробовите на загинатите синови
Британeц против грчките негирања
Виктор Цветаноски
Луѓето што живеат во Леринско и во Костурско не се Грци, не се ни Бугари ни Срби, тие се Македонци. До вакви сознанијата ќе дојде Патрик Хачисон Еванс, британски офицер за врска, кој девет месеци, од март до октомври 1944 година, престојувал во овие краишта. Во извештајот што ќе го испрати до Форин офисот преку британската амбасада во Атина, ќе ги изнесе своите видувања за луѓето со кои бил во контакт и лично ги запознал.
„Еден премолчен факт за областа која е предмет на разгледување, а за кој не се зборува, е тоа што ретко кој ја сфаќа. Англичанец, дури и оној што ја познава Грција, не успева да ја сфати, бидејќи ретко кој од нив оди подалеку на север. Грците не успеваат да ја сфатат од две причини. Прво, тие не сакаат. Во нивна корист е да веруваат дека сите места кои се обележани како „грчки“ на картата се или мора да бидат грчки по симпатија и на секој друг начин; Грците по природа какви што се; тие не сакаат да сфатат дека голем дел од населението на Македонија во Грција има исто толку добри причини да се сметаат себеси за Македонци колку што тие себеси се сметаат за Грци. Тоа претставува недоволен повод, еден вид измама, која е неразделен дел од големата идеја. Втората причина е, или така барем мене ми е кажано, што последователните грчки влади од ослободувањето на славофонска Грција од Турците беа, и покрај нивната различност, согласни во една работа: поддржување на оваа лага, оставајќи впечаток кај својот сопствен народ и во светот дека нема никакво словенско малцинство во Грција; доколку како странец кој не ја познава Грција ја посети областа Флорина (Лерин н.з.) и потоа формира сопствено мислење за земјата во целина, заклучокот би бил дека Грците се тие кои се во малцинство.“, ќе напише Патрик Хачисон Еванс во извештајот за македонското ослободително движење во областа Лерин во 1944 година.
Според него, регионот е претежно словенски, а не грчки, дека јазикот во домовите, и по правило на полињата, на селските улици, на пазарот е македонски, словенски јазик. „Многу од жените, особено постарите, и многу од постарите мажи и речиси сите деца родени околу 1939 или подоцна не знаат грчки. Дури и оние кои знаат грчки повеќе сакаат да зборуваат македонски кога можат. Странец кој ќе поздрави со ’добро утро‘ на грчки ќе го добие истиот одговор, но ако истото тоа го каже на македонски, тој ќе биде опсипан со плима фрази за добредојде и други додатоци. Имињата на местата, како што се дадени на картата, се грчки: Калитеја, Тригонон, Дросопи итн., но како и да е, имиња кои најчесто се употребуваат, и покрај тоа што на картата се напишани со мали букви и во загради, ако воопшто се дадени така, се: Рудари, Ошчима, Белкамен - се словенски имиња“, подвлекува британскиот офицер за врска во тајниот извештај испратен до Форин офисот.
Притоа, тој објаснува дека луѓето од тој крај го сметале грчкиот јазик речиси за странски и на Грците им верувале и ги третирале како странски државјани и дека бил очигледен факт, дека областа била природно словенска, а не грчка. „Исто така, важно е да се нагласи дека жителите, како што тие не се Грци, исто така не се Бугари, или Срби, или Хрвати. Тие се Македонци. За ова овде не можам да догматизирам, бидејќи не ја познавам историјата и посебно етнологијата на Македонците. Грците секогаш нив ги нарекуваат Бугари и затоа ги осудуваат, освен за ЕАМ/ЕЛАСА, кои покажаа малку мудрост и кои го нарекоа овој народ „славомакедонци“. Ако тие беа Бугари, распрскани во делови на четири земји, од кои една е и Бугарија, зашто се сметаат себеси за посебен ентитет и поголемиот дел од нив се декларираат себеси како „Македонци“. Оние, пак, што се сметаат за Бугари се потврдени во секој случај“, пишува Еванс. Тој признава дека бил под директно влијание на бугарската пропаганда што била водена во Егејскиот дел на Македонија од Андон Калчев, асистент на Филозофскиот факултет во Софија и резервен офицер на бугарската армија, и од Минела Гелев, кој во Втората светска војна бил главен агент на бугарската влада и соработник на Германците и Италијанците. „Македонската идеја, исто така, би можела да биде навистина нешто вештачко, резултат на пропаганда. Но, не изгледа така. Ми изгледа сосема објективно Македонците да се сметаат како ентитет, иако се малобројни и предмет на делба“, оценува британскиот капетан.
Еванс смета дека македонскиот патриотизам не бил вештачки, туку природен, спонтан и со длабоко всадено чувство кое почнувало во детството, како и секој друг патриотизам. „Ми се чини дека тоа е една од грешките на историјата или лапсузите на историјата (повторувам, не знам ништо за македонската историја) за непостоењето независна држава. Македонците кои во подолгиот период на својата историја беа потчинета раса, повеќе отколку кој било друг од нејзините соседи, ја изгубија нивната снаодливост, нивната иницијатива, останаа заостанати; тие беа ослободени од Турците, но никогаш не се ослободија себеси од различните европски господари; кога овие станаа нации и секоја се зајакна и засили себеси, Македонците не беа доволно смели и единствени да го направат истото тоа, и сега кога тие изгледа се подготвени да направат сериозен чекор кон национално единство, се чини дека е доцна. Фактот дека некогаш таму можеби постоеле одлични услови за независна Македонија не значи дека таков е случајот и денеска“, констатира британскиот капетан за врска испратен со специјална задача во Леринско и во Костурско.
Еванс смета дека проблемот настанат со постоењето на словенското малцинство во Грција не може да се реши целосно, но барем да се намали. „Ако Грците им дадат на Македонците што тие сакаат, слобода да зборуваат на мајчин јазик и нешто подобар живот - тие би биле наклонети да останат грчки граѓани“, пишува во својот извештај Еванс.
Размислувањата на Еванс британската амбасада во Атина ќе ги оцени како мошне корисни за Форин офисот, зашто тој ги збогатил сознанијата за проблемите во Грција и за македонското малцинство. „Основниот впечаток што произлегува од извештајот е неочекуваниот цврст словенско-македонски карактер на областа и непоправливиот несимпатичен однос речиси на сите Грци, вклучувајќи ги дури и локалните лидери на ЕАМ, спрема целото население на грчката територија, кое не е грчко по обичаи, вера и јазик. Авторот верува дека ако не се премногу сурово оданочени, и ако нивните обичаи и јазик не се забранети, како што беше случај во минатото, а особено во времето на Метаксас, ова заостанато планинско население може да се помири со грчката управа. Амбасадата, исто така, истакнува дека постоеле одредени сомневања спрема Британците во оваа област, бидејќи кај населението кое зборувало словенски, Велика Британија во свеста на селаните асоцирала на кралот на Грција, а кој им асоцирал на Метаксас и на неговите репресивни мерки.
Во придружната телеграма се наведува дека извештајот им покажал дека „западномакедонското словенско население“ е многу поголемо отколку што било покажано во грчките официјални статистики и дека локалното словенско политичко движење не работело во корист на Бугарија, туку за една независна Македонија. „Според тоа, населението кое е во прашање не е одделено од своите браќа од странство со силно грчко население од источна Македонија, туку е обединето со него преку големиот природен пат на Монастирската Клисура (Битолската н.з.) и е одделено само со државни граници“, констатираат во британската амбасада во Атина. (Продолжува) |