Штрајк во „Идризово“, затворениците бараат двојно помали казни
Осудениците штрајкуваат со глад незадоволни што претседателот Црвенковски одби да ги амнестира
Горан Адамовски
Затворениците од „Идризово“ и од штипскиот затвор вчераутро започнаа штрајк со глад. Незадоволни што претседателот Црвенковски не ги исполни нивните барања за амнестија, што ја бараа откако тој потпиша аболиција за струмичкиот градоначалник Зоран Заев, затворениците одбиваат да примат храна од затворската кујна. Незадоволство искажуваат и осудениците што работно се ангажирани во стопанската единица „Препород“, кои вчера не се јавиле на своите работни места.
Иако ситуацијата во „Идризово“ е мирна, како припомош на чуварите во најголемиот затвор во земјава им дојдоа колегите од битолскиот и од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Осудениците од „Идризово“ до Управата на затворот побараа амнестија на вкупно изречената казна од 30 до 50 проценти, како и почесто практикување на мерката условен отпуст. Како што информираат од Министерството за правда, штрајкот поминува во мирна атмосфера и се одвива со седење во просториите за престој на осудени лица.
Се зборува дека штрајкот го поддржуваат околу 80 проценти од затворениците. Конкретно, во „Идризово“ храна не примаат околу 500 осуденици од Затвореното одделение, амбулантата, како и 100 затвореници од одделот наречен „школарци“, а штрајкуваат и затвореничките во женското одделение.
Неофицијално, затворениците, иако одбиваат да ја примат храната, сепак, не остануваат гладни, имајќи предвид дека во ќелиите имале складирано големи пакети со храна. „Најверојатно затворениците подолго време се снабдувале со храна и се подготвувале за штрајкот“, велат нашите извори од затворот „Идризово“.
Сценариото со штрајкот во затворите започна да се подготвува пред дваесетина дена кога директорот на „Идризово“, Миле Младеновски, на прес-конференција ги презентираше барањата на осудениците да добијат колективна амнестија по повод празникот 8 Септември. Младеновски рече дека ова барање било поттикнато со аболицијата на струмичкиот градоначалник Зоран Заев. Неколку дена претходно, 37 осуденички упатија писмо до претседателот Црвенковски, барајќи помилување. Веднаш потоа, и нивните машки колеги напишаа две писма, во кои со навредлив тон и не признавајќи го Црвенковски како легитимен претседател на државата, побараа од него тој да ги амнестира.
Претседателот Црвенковски им одговори дека нема овластувања да потпише колективна амнестија, туку само поединечна. „Затворениците можат да се обратат до Владата и до премиерот и да побараат колективна амнестија. Бидејќи ставовите им се слични, Владата може да изготви закон за амнестија со што тие колективно би биле помилувани“, рече Црвенковски.
Премиерот Груевски вчера му возврати на Црвенковски. Тој смета дека затворениците, кои протестираат и бараат амнестија, се поттикнати од неодамнешното аболирање на струмичкиот градоначалник Зоран Заев.
„Охрабрувањето на затворениците не беше иницирано од Владата туку, напротив, охрабрувачки беа одредени чекори на господинот Црвенковски, кој го аболира Заев. Оттука почна целата работа. Ние ниту сме испратиле сигнал дека би вршеле таков вид амнестирање, ниту планираме да испратиме“, изјави вчера Груевски.
По барањето за колективна амнестија, експертите реагираа дека затворската управа, преку Управата за санкции, и по предлог на министерот за правда, може од претседателот на државата да побара помилување на осудени лица, доколку претходно се даде позитивно мислење за тие лица, што во конкретниов случај не е направено. Речиси истовремено, барање за амнестија до претседателот Црвенковски побараа и затворениците од истражниот затвор „Скопје“, кои, исто така, потсетија на случајот „Заев“. Осудениците од Полуотвореното одделение бараа амнестија во висина од една третина од нивната казна. Иако и тие најавуваа штрајк, вчера беше мирно во истражниот затвор.
|