Број 3043  четврток, 23 јули 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Македонија

Безимени гробови за социјални случаи во Битола

Граѓани забележале дека еден гроб се користи за неколку покојници

БИТОЛА - На купче и во безимени гробови на новите Светонеделски гробишта во Битола се погребуваат социјалните случаи од Пелагонискиот регион кои починале во старскиот дом „Сју Рајдер“. На крајот од гробиштата, на запуштена парцела обрасната со треви, нафрлани без ред, има неколку стари безимени гробови. Меѓу нив се поставени пет-шест дрвени крста закопани директно во земјата, што треба да симболизираат гробници.

Граѓани забележале дека во еден гроб се погребуваат дури и по неколку покојници, а стои името само на последно закопаните мртовци, со реакција дека е крајно неетички во 21 век се' уште да се практикуваат масовни гробници како во воено време.

„Судбината сакала овие луѓе животот да го поминат во беда, без семејство и без грижа од најблиските. И кога ќе заминат на оној свет, за нив нема место за достојно почивалиште“, забележуваат граѓани на Битола, чии семејни гробишта се веднаш до парцелата на социјалците.

Од старскиот дом „Сју Рајдер“ потврдуваат дека ваквиот начин за погребување на социјалците се практикува со години, можеби и со децении. Оттаму признаваат дека немаат комплетна евиденција кој покојник каде почива. Од друга страна, бројките покажуваат дека секоја година од 150 жители на старскиот дом, околу 50 се социјални случаи. Најголем дел од нив се над 80-годишна возраст.

„Овој проблем го затекнав со моето доаѓање во домот. На новите гробишта во Битола старскиот дом има парцела каде што се погребуваат социјалните случаи, чиј старател е Центарот за социјални работи. Се согласувам дека тоа не е в ред. И тие се луѓе. Немаме точни податоци колку штитеници се погребани и во кој дел, но тоа, најверојатно, како евиденција го води ЈП ’Ком��налец’ од Битола“, вели Благој Илиевски, директор на старскиот дом во Битола.

И покрај ваквата состојба, ниту една од надлежните засегнати институции во Битола не се чувствува одговорна. Од Центарот за социјални работи, под чие стрателство биле социјалците, велат дека нивна обврска е само да ги намират трошоците за погреб, а за тоа каде ќе бидат закопани, обврска е на „Комуналец“.

„Не е во моја надлежност каде ќе се закопаат социјалците. Јас ги плаќам фактурите и се' друго е на комуналното претпријатие“, објаснува Виолета Гаџовска, директорка на Центарот.

Од „Комуналец“ не ја прифаќаат одговорноста. Тие сметаат дека не е спорно ако во еден гроб се погребаат двајца, па и повеќе мртовци, бидејќи тоа се практикувало и кај семејните гробишта.

„Не се тоа масовни гробишта. Поради некои роднински врски, можеби во еден гроб се закопани по двајца. Се знае дека за социјални случаи за кои никој не води сметка не може гробот да биде одржуван како и на другите граѓани. Иако имаме ист третман за сите гробишта во Битола“, вели Јовко Крстевски, директор во ЈП „Комуналец“ од Битола.

По ваквите состојби, од старскиот дом најавуваат дека социјалните гробишта во Битола за само еден месец ќе добијат сосема нов изглед.

„Со комуналците се договривме од септември парцелата да се бетонира и да се направат дваесетина гроба кои ќе ги користиме за погребување исклучиво на социјалните случаи кои починале кај нас во домот. За секој што е погребан досега и што му се знае името ќе има по една мала мермерна плоча. Така што и по години, ако се јави некој близок на починатиот, ќе се знае каде е неговиот гроб“, најавува директорот на старскиот дом, Илиевски. (А.Б.)


Статијата е прочитана 548 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Македонија
Од денес почнуваат тропски горештини до 41 степен
Позитивната листа проширена со 17 лека
Ликот на Богородица на исечено дрво во Чашка