МАГАЗИН
Кабелските оператори работат по свој избор
Во Македонија постојат два официјални кабелски оператора кои водат различна политика
ИВОНА САЗДОВСКА
Во екот на модерната технологија и интензивниот развој на телевизиската комуникација речиси и нема семејство што не е приклучено на еден од двата официјални кабелски оператора што постојат кај нас. Сакајќи да дознаете што се случува моментно во светот, да ја погледнете омилената серија, спортски натпревар или документарец, се одлучувате од вашиот скромен семеен буџет да одвоите 350 („Телекабел“) или 450 денари („Кејблтел“) за да си го овозможите задоволството наречено кабелска телевизија.
Дотука се разбираме, освен што се случува кога плаќате, а не го добивате она што ви е потребно?
Симптоматично или не, секој ден во периодот од 17,30 ч. кабелскиот оператор „Кејблтел“ го прекинува емитувањето на програмата на Телевизија Нова, период кога според терминот се емитува пресекот на денот од најголемото музичко балканско шоу „Операција триумф“.
Со должна почит кон А1 телевизија за откупените авторски права, корисниците на услугите на овој оператор велат дека на крајот од месецот не им се одбива износот за исклучената програма за да платат помалку, па логично на тоа очекуваат да немаат црн екран секој ден во ист временски интервал. Истата приказна се повторува и секој понеделник од 21 часот кога се емитува гала-вечерта на реалното шоу.
Велат, кога веќе се одлучиле да бидат корисници, би сакале да имаат телевизиска поддршка дваесет и четири часа, независно од тоа дали на некоја од националните телевизии се емитува лиценцирана емисија или не.
Сличен проблем се јавува и со филмскиот канал ТВ 1000, чија програма завршува на полноќ поради емитување филмови со еротска, т.е. порнографска содржина. За многумина разликата е дискутабилна, но граѓаните прашуваат која е поентата на прекин на програмата ако со бесплатните ресивери кои промотивно може да се користат е овозможено да се гледаат канали со порнографска содржина дваесет и четири часа во текот на денот.
Покрај овие два спорни канала, граѓаните прашуваат и за покачувањето на цената, како и за прекинот на емитувањето на филмскиот канал Супер мувис и на босанскиот ОБН.
Со цел да ја дознаеме причината за ваквото однесување, успеавме да стапиме во контакт со „Кејблтел“, каде што ни објаснија на каков принцип соработуваат и во однос на телевизиите и во однос на своите претплатници.
„Пред се', важиме за оператор што ги почитува правилата и законите на работа во однос на кабелските канали кај нас во државава. Мораме да ги почитуваме нашите корисници, но од друга страна, постојат низа регулативи и правила кон кои мора да се придржуваме. Конкретно, што се однесува до прекинот на програмата на Нова ТВ, бевме учтиво замолени до А1 да го прекинуваме емитувањето на пресекот на денот и гала-вечерта, бидејќи тие уредно доставија документи со кои се официјални застапници на авторските права за ова реално шоу. Им излеговме во пресрет и сакавме да го испочитуваме тоа. ’Операција триумф‘ е планирано да трае до декември и така ќе продолжиме до неговиот крај, а потоа се навраќаме со 24-часовна поддршка на програмата на Нова ТВ“, ни изјави Лидија Голубова, директорка за маркетинг и продажба во „Кејблтел“.
На прашањето чиј интерес се штити во ваква ситуација, Голубова ни појасни дека кога станува збор за заштита на авторски права, не треба да се зазема ничија страна. „Во секој случај, во преден план ги имаме претплатниците, но законот е донесен да се почитува и ние ја одбираме таа варијанта. Кога телевизијата ќе приложи официјален документ за авторски права, сметаме дека треба да изнајдеме начин и да го заштитиме тоа. Не сметам дека сме неправедни кон претплатниците“.
Во однос на каналите кои некогаш беа составен дел од програмата, а денес ги нема, Голубова вели дека договорите се завршени и дека сега за сега нема најави за нивно обновување. „Филмскиот канал Супер мувис веќе не се емитува поради истечениот договор и најверојатно нема ни да дојде до негова обнова. Што се однесува до босанската телевизија ОБН, во време на емитувањето имавме реакции од Телма телевизија поради емитување на спортските првенства, па од таа причина прекинавме со емитување и на таа програма“.
Но, паралелно за ваквите одлуки на челниците на кабелскиот оператор неодамна стигна и информацијата за покачување на цената на услугите, па така од 350, сега месечната претплата изнесува 450 денари.
„Покачувањето на цената е реална реакција на целокупната економска состојба во земјата. За одлуката и немам многу што да коментираме, со оглед на фактот дека ’Кејблтел‘ нуди нови пакети со кои претплатата излегува многу поволна и достапна за сите“, ни појасни Голубова.
Задоволни или не, претплатниците ќе мора да ја прифатат одлуката на „Кејблтел“, според која до Нова година, поточно до крајот на „Операција триумф“, во одредени временски интервали ќе бидат спречени да го искористат своето право на избор и да ја гледаат програмата на хрватската телевизија, а притоа ќе се помират и со зголемената цена.
Од друга страна, вториот кабелски оператор „Телекабел“ засега без никаков проблем ги емитува програмите на Нова ТВ, Супер мувис, ТВ 1000 и босанската ОБН. Дали законот за едните е мајка, а за другите маќеа, односно кој го почитува, а кој не, ги прашавме и вработените во оваа компанија.
„За нас важи правилото дека претплатникот мора да биде задоволен и на прво место. Кај нас приоритетот е ставен на достапноста и услугата на корисниците, понекогаш и на штета на себеси. Нова ТВ, независно од реалното шоу, се емитува без никаков проблем и морам да бидам искрен дека засега не се појавиле никакви проблеми со А1 телевизија. Гледачите имаат право на избор и мислам дека на тој начин никој не останува погоден од ситуацијата. Свесни сме за ексклузивното авторско право на А1, но ’Телекабел‘ уредно го има регулирано плаќањето за емитување на сигналот на Нова ТВ преку ЗАМП. Што се однесува до останатите програми, Супер мувис е уредно платен во рамките на пакетот ’Орбит‘, чиј преставник овде во Македонија има склучено договор за емитување, додека и ОБН е пуштена со сигнал откако е потпишан договор и дозвола за емитување“, ни појасни Зоран Илиев, управител во „Телекабел“.
Во однос на претплатата, „Телекабел“ се' уште работи со стара цена и велат дека засега ќе остане така.
„Во принцип, сите канали имаат право да ја зголемуваат цената за одреден износ секоја година, но свесни сме за реалната ситуација, па од таа причина остануваме со истиот износ на пазарот“, завршува Илиев. |