Ладен политички „француски сендвич“ за Македонија
Со Франција не добивме пријател во ЕУ, но официјално, билатералните односи се добри и не смеат да се нарушат
Тамара Грнчароска
Дневниот ред на Франција во идните шест месеци од нејзиното претседавање со Европската унија не ја вбројува Македонија во своите приоритети. За разлика од словенечкото претседавање, француското ја спушти „топката“ за регионот, оставајќи меѓупростор за нашата земја да се преиспита дали воопшто и каква поддршка ни е потребна од друга земја за да стигнеме до целта наречена членство. Словенечкото претседавање покажа дека и најголемата поддршка однадвор тешко се реализира доколку не се поддржи однатре, но уште потешко се реализира кога и однадвор поддршката секнува.
Таков е случајот со Франција чијашто европска политика не е насочена кон Балканот, а со тоа и кон нашата земја. Ако на тоа се надоврзе и историската наклонетост на француската политика спрема Грција и Србија, особено ако се третираат ставовите на францускиот претседател Никола Саркози и на самитот на НАТО во Букурешт, каде што Франција отворено застана зад блокадата на Грција за приемот на Македонија, и потоа кога тој даваше изјави дека Атина е во право во спорот за името и додека ние сме страната која мора да попушти, станува се' појасно дека Македонија геополитички е ставена во „ладен француски сендвич“.
Сето тоа во изминативе неколку месеци предизвика степен на атнифранцуско чувство во Македонија, но без конкретни потези и реакции од официјалните претставници во земјава во таа насока. Во неформалните разговори сите изјавуваат дека се свесни оти со Франција не добивме пријател во ЕУ, но официјално, билатералните односи на политичко ниво меѓу двете земји се добри и не смеат да се нарушат.
Знаејќи дека дипломатијата не се води од чувства, туку од интереси, во случајот на Франција, досегашното наше молчење на „испадите“ на Саркози може да се протолкува како мудра одлука да не се продлабочува францускиот негативниот став спрема македонското прашање, особено ако се знае дека токму од Франција, како претседавач со ЕУ до крајот на годинава, зависи дали темата: датум за преговори со ЕУ ќе се постави на дневен ред на Советот на Европската унија.
Во Министерството за надворешни работи (МНР) се свесни дека средбата на Советот ја подготвува земјата-претседавач со Унијата и оти „од Франција зависи дали нашето прашање ќе се најде на дневниот ред“. Сепак, оттаму се оптимисти дека Франција ќе ги испочитува препораките на јунскиот самит на ЕУ, на кој беше препорачано министерскиот совет на ЕУ до крајот на годинава да донесе одлука за датум за почеток на пристапни преговори со нашата земја. Од Министерството, иако не сакаа да го коментираат прашањето каква стратегија ќе примени во поглед на францускиот став спрема нашата земја, велат дека повеќето од работите, во поглед на ЕУ, зависат од нас самите.
„Позитивен извештај на Европската комисија наесен е клучен за нашето пристапување и добивање датум за преговори. Најбитно за нас е да ги завршиме обврските што се поставени пред нас - подобрување на перформансите, на законодавството, на севкупниот животен стандард - за да не им оставиме простор за аргументи да не' закочат“, изјавија високи дипломатски извори од МНР за „Утрински весник“, кои сакаа да останат анонимни. Во Министерството се свесни за „заканата“ што доаѓа од Франција како отворен поддржувач на грчките ставови. „Тоа е една од можностите и не знаеме дали некој би можел да ја исклучи, како можност, одлуката на Франција да не' попречи во ЕУ поради Грција“, велат од МНР, но се надеваат и очекуваат „нашите ангажмани соодветно да бидат валоризирани за време на француското претседавање“. „Очекуваме она што ќе го исполниме да биде соодветно наградено и во поглед на датумот за преговори и во поглед на либерализацијата на визниот режим“, велат оттаму. Како држава, наведуваат во МНР, првично сме фокусирани на она што го работиме и постигнуваме да го пренесеме надвор, во сите европски престолнини и тоа на поинтензивен и поагресивен начин.
Поранешниот министер за надворешни работи, Слободан Чашуле, за „француското прашање“, пак, вели дека уште во времето на Франсоа Митеран француската политика застана отворено зад Грција. „Саркози тоа сега само го прави бонвивански и Грција само ја злоупотребува таа поддршка“, ни изјави Чашуле. Според него, проблемот не е во Саркози и во Грција, туку ние самите треба да си ги решиме проблемите.
Неговите ставови се слични со оние на МНР во поглед на исполнување на обврските за членство во ЕУ, визави Франција. „Не треба да се занимаваме со Франција, бидејќи ние во ЕУ не одиме да станеме членка формално, туку да ја завршиме работата и да го исполниме она што се бара од нас. Ние треба да го направиме тоа без оглед дали некој не' спречува или не во Унијата. Ние треба да престанеме да се грижиме кој претседава со ЕУ и за сопствените недоследности да не се бара вина кај другите, туку кај себе“, вели Чашуле.
За билатералните односи со Франција, Чашуле одговара со критика на сметка на актуелната политиката на македонска дипломатија. „Имавме одлични односи со Париз. Со Законот за надворешни работи и со промените со кои почнаа да се испраќаат кариерни дипломати таму ние престанавме да комуницираме со Франција“, вели Чашуле. „Можеби луѓето кои се испраќаат таму се професионалци, но тие не комуницираат со властите, тие таму само технички ги пополнуваат местата“, вели Чашуле, кој смета дека како амбасадори треба да се испраќаат имиња кои претставуваат нешто во ова општество.
Еден од таквите релевантни личности кои сме ги имале како амбасадори, а денес ги немаме, според Чашуле, е и поранешниот амбасадор во Париз, Јордан Плевнеш. За Плевнеш, пак, Македонија има традиција на културна дипломатија и тоа треба да продолжи. „Нашата култура го изразува револтот во однос на меѓународниот статус на нашата земја, а честопати тој револт добива и форма на гнев по повод голем број политички прашања“, вели Плевнеш. За изјавите на Саркози тој со краток коментар: „На некој начин тој се определува за грчката страна во спорот за името Македонија, но изјавите не се достоинствени за историјата на француската дипломатија, поточно, трета земја не треба да зазема страна во еден билатерален спор, што е концепт и на меѓународното право“. Сепак, според Плевнеш, не би требало од изјавите на Саркози да се извлекуваат заклучоци дека целокупната француска политичка слика е рефлексија на „феноменот Саркози“.
Застапувајќи ја културната дипломатија за „битката за Македонија“, Плевнеш вели дека „тоа е прашање на една долга, маратонска битка, која можеби ќе потрае доста време и тоа што денес би можела да го направи културната дипломатија, со помош на нашите познати уметници во светот, е да ја биеме нашата битка како што го прават тоа поголем број мали народи, како нас, во Европа“, додава тој. |