Кои споменици се на листата на Ахмети
Светлана Унковска
Писател - преродбеник, првиот градоначалник на Скопје, кралицата на Илирите, бивши министри од времето на комунизмот, команданти на ОНА... Ваква листа со десетина предлози неодамна му доставил лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на премиерот Никола Груевски за поставување споменици на истакнати албански личности, а како дополнување на „Скопје 2014“. Очекува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати најмалку три.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да го коментираат списокот на Ахмети, за кој велат дека повеќе бил „медиумски надуен“ и дека воопшто станувало збор за некаква листа. Нема ниту потврда дали се прифатливи очекувањата на лидерот на ДУИ за најмалку три обележја и дали за тоа постои некаков коалициски договор. Истите извори велат дека не можат да потврдат за кога и дали воопшто се планира партиските органи и тела да ја разгледуваат листата на Ахмети, затоа што таква листа за нив не постоела.
Од партијата на Ахмети, пак, информираат дека на списокот се наведени значајни личности, кои, како што велат, имале голема улога за албанската историја и култура и дека тој предлог претходно бил разгледуван и усвоен на Централното претседателство на партијата. Многумина од предложените личности што се сметаат за заслужни Албанци не би требало да бидат проблематични да се постават на плоштадот, но има и имиња на контроверзни лица, за кои и самите велат дека се свесни оти нема да им поминат.
Информациите говорат дека Ахмети, покрај предлозите за споменици на личности, побарал да се постави и скулптура што би го симболизира конфликтот од 2001 година.
На листата, како што дознаваме, се Јосиф Багери писател-преродбеник, како и Пјетер Богдани, кој, исто така, се смета за еден од најистакнатите албански преродбеници. Името на Богдани, кој инаку е од католичка вероисповед, го носи и Институтот за албанска историја. Меѓу предложените е и првиот градоначалник на Скопје, Јашар-бег Кумбараџи, кралицата на Илирите, Теута, потоа Мехмет-паша Дерала, првиот министер за одбрана и Неџат Аголи, исто така, поранешен министер од времето на комунизмот, кој потоа бил ликвидиран.
За оние што многу малку се верува дека воопшто би можеле да се најдат на плоштадот во центарот на Скопје, се командантите: Исмет Јашари, брат на актуелниот пратеник Џемаил Јашари и косовецот Адем Јашари, и двајцата загинати во униформата на УЧК како борци на Косово.
Пред околу еден месец Ахмети во една пригода рече дека на средбата со Груевски договориле проектот „Скопје 2014“ да биде надополнет со споменици, кои тие би ги предложиле. Тогаш Груевски не ја демантираше ваквата изјава на Ахмети.
Професорот Назми Малиќи смета дека со самото прифаќање да се постават споменици на плоштадот, значително ќе се ублажат тензиите што ги предизвика проектот „Скопје 2014“, но, сепак, забележува дека тоа нема значајно да влијае во отсликањето на мултиетничноста во Македонија. Клучен момент, според него, е градењето „Бурмали-џамија“. |