Број 3380  понеделник, 13 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter

Феноменот на четирите години

Нема прецизна пресметка на скорот од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски

Ерол Ризаов

Првите четири години од владеењето на Никола Груевски се феномен на македонската политичка сцена. Премиерот Груевски наметна нови стандарди во практицирање на власта. Од првиот ден по освојувањето на премиерскиот мандат тој е во предизборна кампања. Досега на никој пред него не му успеа така добро да ги спакува и пласира своите достигања и планови и така лесно да ги прикрие своите неуспеси и промашувања. Во Македонија од големата шума на политички и економски реформи не се гледаат неколкуте стратешки и најголеми стебла. Нема прецизна пресметка на скорот од четиригодишното владеење.

Првата појава на Никола Груевски во политичкиот живот, на неполни 30 години, не навестуваше експресна кариера во самиот врв. Особено не до позицијата премиер, со толку голема доверба во јавноста во толку долг период, во сиромашна земја соочена со милион проблеми типични за државите во транзиција. Првпат лично го сретнав Груевски како голобрадо момче, министер за трговија во владата на Љупчо Георгиевски. Беше првиот вмровски министер кој влезе во "Утрински весник" и побара поддршка за неговата кампања "Купувајте македонски производи". Иако идејата не соодветствуваше со принципите и стандардите на Европската унија, Греувски добро знаеше дека Скопје во тоа време е далеку од администрацијата на Брисел. Политички гледано кампањата беше примена со симпатии во јавноста. Учинокот никој не го измери. Трговскиот дефицит на Македонија во размената со светот е во постојан пораст. "Купувајте македонски производи" не даде економски резултати, но самата суштина на кампањата предизвика големи симпатии и еден вид нов патриотизам кај граѓаните. Не знам, дали тогаш Груевски првпат ги почувствува моќта на кампањата и благодетите на политичкиот прагматизам и популизам, но навести дека не е само обичен листопаден министер. Со мало работно искуство како брокер и со диплома во џебот од прилепскиот Економски факултет, Груевски го сврте врз себе вниманието на јавноста, но и на Љупчо Георгиевски, неприкосновениот лидер и оснивач на ВМРО-ДПМНЕ. Брзо скокна во жешката фотелја на министер за финансии на Република Македонија, силна позиција, едно од најзначајните четири министерски ресори.

Левицата која постојано страхува од последиците, што е типично за неа, во цела Европа, не само на Балканот, му остави еден куп законски проекти кој немаше храброст и време да ги спроведе. Младиот и амбициозен министер за финансии препозна голема шанса во овие реформи. Го воведе во практиката Законот за данокот на додена вредност (ДДВ), го укина храбро СОК, Службата за општествено книговодство, со што сите финансиски текови и платниот промет се префрлија во банките каде што им е и местото, застана на чело на кампањата за спроведување на Законот за денационализација, воспостави добри релации со медиумите и јавноста. Граѓаните во него видоа современ политичар подготвен на храбри чекори и ризик. Премиерот и неговиот заштитник Љупчо Георгиевски, гледано од денешен аспект, мошне невообичаено и несебично во македонската политика му ја препушти славата на реформатор на својот министер за финансии. Сите критики за неуспесите и грешките, за воената криза 2001 година, како и за големиот бр��ј финансиски афери и скандали ги апсорбира Георгиевски, а заслугите за економските реформи му ги препушти на Никола Груевски. Но, тоа ни оддалеку не беше доволно за вивнување на Груевски кон самиот врв.

Во големата внатрепартиска криза на ВМРО-ДПМНЕ по поразот на парламентарните избори 2002 година, Груевски тивко ја одработи својата работа во партијата и во сплет на околности излезе како победник. Го освои партискиот трон. Тоа се' уште не беше доволно да го добие лидерскиот ореол. Мораше да ја засени иконата - Љупчо Георгиевски пред која се' уште се крстеа вмровците. Во тоа најмногу му помогна Бранко Црвенковски кој процени дека, сепак, полесно ќе се справи на политичката сцена со помалку харизматичниот Груевски, отколку со Георгиевски. Денеска се гледа дека проценката на Црвенковски била погрешна. По конечната пресметка и жестока во ВМРО-ДПМНЕ победи Груевски. Не, кога застана на претседателската функција, туку кога ги презеде сите полуги во тогаш иако ослабената, но се' уште најголема опозициона партија. Го тргна од политичката сцена индиспонираниот Љупчо Георгиевски кој беше целосно затечен од поразот во 2002 година. За да на крајот му го оспори историскиот факт дека е основач на ВМРО-ДПМНЕ. Георгиевски веќе не го викаат ниту на партиските јубилеи и прослави. Историски гледано тоа е привремено.

Како лидер на опозицијата Никола Груевски добро ја одработи својата работа и во тоа му помогна најмногу лошото и арогантно владеење на СДСМ. Бранко Црвенковски на половина на својот премиерски мандат кога се очекуваа најрешителните и реформски потези, абдицираше од функцијата премиер за која всушност и му беше даден плебисцитарно мандатот на граѓаните, за да по трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски на неполни 45 години стане претседател на Република Македонија. Во период од цели четири години 2002-2006 година, СДСМ премногу се бавеше со самиот себе. Во политичка партија на власт која со својот коалиционен партнер ДУИ имаше апсолутно двотретинско мнозинство во парламентот, контролираше над 80 пратенички места, дојде до неразбирливи смени на тројца премиери и тројца претседатели на СДСМ. Непознат пример во поновата политичка историја во Европа, а најверојатно и во светот. Ступидно е при целосна власт да менувате тројца премиери и тројца претседатели на партија. Тоа не можеше, а да не предизвика лидерска криза на левицата која се пренесе по вертикала и по хоризонтала на целата партија. СДСМ евтино ги потроши на премиерските функции своите можеби најдобри кадри што само по себе значеше дека партијата нема капацитет да исфрли нов лидер кој ќе ја има цврстата поддршка на сите. Тоа не се обидоа да го направат сами ниту Радмила Шеќеринска, ниту Владо Бучковски, ниту Зоран Заев и уште неколку значајни имиња од самиот врв на партијата. Едноставно, сите се повлекоа препуштајќи му ја таа позиција на Бранко Црвенковски кого не успеаја да го засенат. Одбегнуваа јавна конфронтација со него како што тоа го направи Никола Груевски со Љупчо Георгиевски. Дали е тоа грешка или правилен потег ќе покажат следните парламентарни избори, кога за првпат ќе се соочат тет а тет Црвенковски и Груевски.

Така стојат работите, помалку или повеќе веќе познати во јавноста, до доаѓањето на Никола Груевски 2006 година на премиерската функција. Во периодот од 2005 до 2010 година Груевски успеа двапати на парламентарни и на два пати на локални избори да го порази СДСМ и да ја демонстрира својата политичка сила на претседателските избори исфрлајќи претседателски кандидат без доволно политичко искуство и релативно непознат во пошироката јавност, универзитетскиот професор Ѓорге Иванов. Она што нема јасен одговор од владеењето на Никола Груевски и што е голема непознаница за неговите политички противници и критичари е фактот како Груевски успеа сите грешки и големи финансиски скандали за време на владеењето на Љупчо Георгиевски, каде што и самиот беше министер за финансии, да ги префрли на адреса на Георгиевски и да го амнестира ВМРО-ДПМНЕ од тие промашувања. Груевски, чист, како од небо паднат, ја презеде премиерската функција без багаж кој му го препушти на недефинирано партиско минато. Добар дел од тој товар и денеска презема Георгиевски со свои непромислени политички јавни настапи и изјави кои предизвикуваат јасна дистинкција меѓу владеењето на Груевски и Георгиевски.

Во последниот отчет за четиригодишното владеење, Груевски повторно мошне јасно ја покажува потребата од амнестија на сите грешки од веќе осумгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ со Македонија. Најголемиот дел од одговорноста Груевски вешто успева да ја префрли врз СДСМ и на Бранко Црвенковски иако тие владееја само две години повеќе од ВМРО-ДПМНЕ. Особено силен удар Груевски задава со законите за трансформација на општествениот капитал и приватизацијата иако самиот ВМРО-ДПМНЕ и тој лично како министер за финансии учествуваше во можеби најголемите промашувања на македонската транзиција, а тоа е приватизацијата на скопската Рафинерија, "Телеком", и некои други најпрофитабилни македонски стратешки капацитети.

Во својот говор за своето четиригодишно владеење, срочена како обраќање до нацијата, Груевски веќе со рутина на искусен политичар ги наброја достигнувањата на неговата "Преродба во сто чекори" не заборавајќи да ги изнесе и најситни детали како, на пример, патот од Смрдлива вода до скијачките терени на Кожуф. Груевски повторно ја распосла големата шума на постигнати успеси, разни проекти кои се завршени, незавршени, во подготовка, во идејна фаза... Направи една голема турлитава од "грандиозни" потези кои создадоа впечаток кај дел од јавноста дека Владата е на добар пат кон прогрес и подобар живот. Во таа шума не се видоа најзначајните стратешки столбови каде што всушност се кријат и најголемите слабости и промашувања на оваа власт.

Прво. Едно од основните прашања на кое се' уште нема одговор е дали македонската демократија во овие изминати четири години е на повисоко ниво, дали тапка во место, или се враќаме назад. Сите параметри на мерење на длабочината на демократските процеси покажуваат дека македонската демократија е во длабока стагнација. Она што е најлошо Груевски лично и коалицијата на власт немаат демократски капацитет за похрабри чекори во освојување на слободата и развојот на демократијата. Тоа е евидентно, лесно видливо и препознатливо во политичкиот живот на Македонија, во нивото на политичкиот дијалог, во начинот на функционирање на парламентот, во заштитата на човековите права и слободи, во односите со медиумите, во функционирањето на невладиниот и цивилниот сектор, во битката со корупцијата и криминалот.

Второ. Квалитетот на животот на граѓаните е еден од најзначајните и најсилните барометри за мерење на успехот на едно владеење. Од овие параметри стравуваат сите демократски влади дури каде што животниот стандард се мери со над 20.000 евра национален доход по глава на жител. Во изминатите четири години Македонија не направи исчекор во подобрување на животот кај граѓаните. Напротив, сиромаштијата е во постојан подем. Доуништена е средната класа. Како најсилен и трагичен доказ се се' повеќе осиромашени граѓани, и новите милионери и милијардери мерено во евра. Покрај старите транзициски богаташи кои стекнаа огромно богатство со приватацијата, во овие четири години под сомнителни околности се родија нови милиониери кои се производ на владењето на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ. Секогаш кога некој се збогатува преку ноќ , многумина осиромашуваат. Истото се случува и кога големите банкротираат.

Трето. Нови работни места и намалување на невработеноста е трагичен показател на успешноста на економските реформи. Не е во прашање само светската економска криза која, се разбира, имаше влијание, но која не е пресудна за македонската сиромаштија и безперспективност. Странските инвеститори не дојдоа во Македонија да градат нови фабрики и да ја внесат македонската економија во светските текови. Искуствата на странските инвеститори се повеќе лоши отколку добри. И оние што дојдоа беа соочени со големи проблеми во законската регулатива, во заштита на сопственоста, со корупцијата и нестабилноста на економски и политички план во земјата.

Четврто. Значаен фактор за стабилноста на Македонија се добрите меѓуетнички односи кои според анализите и изјавите и на партиските лидери и според функциите во парламентот, но и оценките на меѓународниот фактор покажуваат дека во изминатите четири години меѓуетничките односи во Македонија не се подобрени. Напротив, тие се влошени најмногу поради ригидната политика и недостигот на демократски капацитет на Владата на Никола Груевски. Коалиционите односи во самата власт се под нивото на вообичаени судири, а фаворизирањето на одредени проекти кои задираат во меѓунационалните и меѓуверските односи предизвикуваат тешки ломови особено во делот на проектот "Скопје 2014" и во проблематизирањето на Охридскиот договор овојпат повеќе кај албанскиот политички партнер отколку кај македонскиот.

Петто. Голем проблем, ако не и најголем, на Никола Груевски е немањето формула конечно да се реализираат двата најголеми стратешки приоритети на Република Македонија, а тоа е членството во двата најмоќни сојузи на светот, НАТО и Европската унија. Тоа не се некакви регионални организации и асоцијации како што постојат обиди да се прикажат, туку станува збор за најмоќниот воено-политички сојуз во светот каков што е НАТО и за најголемиот економски политички сојуз во светот како што е Европската унија.

Груевски ја стекна довербата во јавноста во врска со заштита на уставното име на Република Македонија и во него граѓаните препознаваат цврста гаранција дека уставното име нема да се промени без за тоа да се изјаснат на референдум. Засега единствената вина што Македонија не е членка во НАТО и не ги почнала преговорите со Европската унија, огромното мнозинство граѓани гледаат во непопустливиот и ултимативен став на Грција. За жал, тоа не може да ги поправи резултатите во скорот од четиригодишното владеење. Тоа може да биде само привремено оправдување. Факт е дека Македонија покрај признанијата на Брисел дека се исполнети условите за преговори и покрај одлуките на Букурешт дека по наоѓањето на заедничко решение со Грција, Македонија автоматски станува членка на НАТО, сепак, тие две позиции и натаму остануваат недостижни. Јасно е се' повеќе дека Македонија не може да ги оствари своите стратешки цели и да го сочува своето уставно име. Се разбира, може веднаш да се заблагодари на Брисел и на НАТО и да си го задржи своето уставно име, но Груевски не може да понуди алтернатива која ќе обезбеди подинамичен развој и просперитет што значи поквалитетен живот за нејзините граѓани. Премиерот Груевски и јавно признава дека Македонија нема друга алтернатива за својата иднина освен НАТО и ЕУ. Но, тој и владата не можат да испорачаат поцврсти гаранции дека може да ја контролираат политичката стабилност на државата доколку во подолг период не стане членка на НАТО и на ЕУ.

Груевски засега успешно ги апсорбира и овие неуспеси поради ригидниот и непопустлив став на соседна Грција, но на внатрешен план се случува партиско и политичко раслојување која се' повеќе ја дели државата на патриоти и предавници, на непријатели и херои. Односите внатре и на меѓуетнички план и се усложнуваат и попримаат се' подраматични нивоа на меѓусебна омраза и нетрпеливост. Навистина, барем за мене, целосно е разбирливо што поголемиот дел од граѓаните стојат зад цврстиот став да не се менува името на државата поради какви било интереси, но неразбирлив е ставот да се прогласуваат за непријатели и предавници луѓето кои бараат заедничко прифатливо решение и кои се подготвени во оваа етапа на историскиот развој на Македонија за извесен компромис и отстапки кои би овозможиле членство во НАТО и во ЕУ.

Власта во Македонија не создаде амбиент и едните и другите да ги прогласи за патриоти бидејќи мотивите и на едните и на другите не се уништување на Македонија туку, напротив, нејзин натамошен развој. Македонија не се подготви да подголтне коска како што сите кандидати за членство во ЕУ и во НАТО своевремено мораа тоа да го направат. Со текот на времето многу од тоа што изгубија на почетокот надоместија подоцна. Македонскиот идентитет и јазик во идните години нема ниту да заслабее, ниту да претрпи некакво сквернавење. Туку силно ќе се зацврстат. Многу повеќе отколку кај европските држави токму поради неразбирливите ирационални негации кои доаѓаат од страна на Грција. Секоја негација и омаловажување на најчувствителните придобивки на еден народ предизвикуваат контраефект кој го зацврстува идентитетот и националните атрибути, далеку повеќе отколку кога тие би биле во еден нормален еволутивен процес на слабеење на суверенитетот и традиционалните национални обележја карактеристични за Европа.

Груевски разбирливо со својот прагматизам и своето политичко кредо ги одбегна елаборациите за крупните пет стратешки интереси на Република Македонија, туку во час и пловина на двапати ги повтори големите достигнувања на Владата и на вмровската "Преродба во сто чекори".

Опозицијата не го дочека подготвена отчетот на четиригодишното владеење на Груевски. Со слаба кампања и со неколку партиски конференции и изјави, неколку јавни настапи не успеа да се фокусира на клучните промашувања на власта и не успеа да ги издвои главните неуспеси во четиригодишниот мандат на Груевски. Тоа само покажува дека опозицијата се' уште претежно се потпира на растот на незадоволството кај граѓа��ите отколку на нови идеи и соодветни откривања на промашувањата на политичкиот противник.

Медиумите повторно во зависност од партиските влијанија се впуштија во глорификации и критизерство на владеењето на Никола Груевски без притоа да се задржат на главните стратешки цели на ветеното, а неоствареното, и на она што во моментот е најзначајно за македонските национални и државни интереси. А тоа се демократијата, квалитетот на живеење и стандардот, вработеноста, добрите меѓуетнички односи и евроатлантските интеграции. Во сите овие пет клучни сегменти Македонија е во застој. Тоа на Груевски се' уште не му ја намалува драматично довербата. Но, процесот е почнат.




#
Статијата е прочитана 4281 пати.

Испрати коментар

Од: Паци
Датум: 07.09.2010 12:58:19
Најнеспособната, најфалбаџиската и најскапата Влада од 1991 до денес.
Од: graganin
Датум: 07.09.2010 14:24:10
Ne vredi da trosam zborovi i nekakvi analazi na nasiot pocituvan premier,toa neka go prvat postrucni analiticari od mene, i na nekoj na koj ne mu zavisi rab.mesto,ako ne e vo korelacija so istiot, a go kazuva sopstveniot stav.sakam samo da istaknam,deka za zal,vakva analiza i vaka ednostavno elaborirani najkonkretnite i najbolnite problmaticni tocki na nasata drzava,moze da go napravi samo vistinski intelektualec i covek so dlaboko poznavanje i iskustvo.kade se tie luge da bidat na celo na drzava,da bidat lideri na politicka opcija, ili barem prvi luge do prvite, da im dadat malku pamet i poznavanje.dosta od diletanti vo politickiot vrv, od bilo koja politicka partija.vratete ja intelektualnosta vo makedonija i prepoznajte gi, odnosno ne se plasete od pametnite luge, i stavete gi na pozicija od kade moze da i se pomogne na ovaa kutra nasa drzava,ama kakov narod,takva drzava, opsto poznato,neli?!
Од: Благоја
Датум: 07.09.2010 15:26:23
Текстов е темелен вивисекциски засек во сите сфери на нашата најнова историја,како живеење и спроведување на власта.Токму во овој текст се сите забелешки што опозицијата беше должна да му ги претстави на Никола Груевски по повод неговиот неодамнешен отчет.!Маестрален текст,господине Ерол Ризаов, за кој,бидете уверени,македонскиот народ ви е благодарен.
Од: Трпе
Датум: 07.09.2010 15:36:09
Море што се четри години за ова блада.На овој народ за да му дојде умот,тие мора да бидат на власт доживотно на чело со пастирот.Нели тие се најспособната и најсериозна блада.Волната и млекото се на цена а тие си го разбират бизнисот.
Од: nikoj
Датум: 07.09.2010 16:15:17
Сега кога се расчисти со двојните функции (советнички/директорски), на ред е да се постави друго прашање. А прашањето е следното: Колку часа дневно работат професорите и наставниците од средните и основните училишта во државата. Дали по одржани 2, 3 или 4 часа дневно ги напуштаат училиштата и потоа работат на други места, односно се занимаваат со приватни бизниси. Каде во светот даваат цела плата за 3 или 4 часа работа дневно. Сега професорите имаат компјутери кои во останатото време можат да ѓи користат за подготовка на часот, читање на литература на Интернет итн. можат да ѓи користат и за читање весници, но сепак дневното работно време од 8 часа мораат да го поминат во училиштата. 40 работни часа во неделата (20 настани часа) што значи тоа? Работниците во индустријата работат 40 часа неделно. Вие почитувани прифесори и наставници колку часа работите во неделата? Ако работите 40 часа, на работа треба да отидете во 7:00 часот наутро, а работата треба да ја напуштите во 15:00 часо
Од: Ајван Доктор®
Датум: 07.09.2010 16:16:27
Не се согласувам со неколку делови од текстов!На пример,дека направил нешто како министер за финансии!СОК не е расформиран,туку е само преименуван во Централен регистер,токму како и разните СИЗ-ови,кои беа преименувани во Агенции за унапредување на сенешто!Во прашање е и позитивноста на ДДВ,кој како и секој данок е терет за стопанството и граѓаните!Единственото „Позитивно“ од неговите „реформи“се становите на Мама!Несогласување имам и со „стратешките столбови“.Степенот на Демократија на општеството е занемарлив,ако се овозможи Пристоен живот на граѓаните!Ако им се овозможат фер услови за вработување,работа и заработка!Тоа е Основното!Затоа некогаш граѓаните се по��адоволни од „диктаторските“режими,отколку од „демократијата“,која повеќе наликува на тоа претходното!Квалитетот на животот е предуслов!Тоа не значи просперитет и подем на необразованиот,или неспособниот,туку претпоставува општество во кое Образованите,а не полуписмените и неспособните,ќе може да си приуштат пристоен живот!
Од: nacional-patriot
Датум: 07.09.2010 17:21:14
Nikakva teska koska ne goltnale drzavite clenki na NATO i EU,koga vleguvale vo ti e organizacii kako sto e menuvanje ime na drzava,identitet.Nitu edna drzava ne bese uceneta za toa kako sto sega se ucenuva Makedonija.Bidi siguren Erole deka ako na nekoja drzava clenka na tie organizacii i bese postaveno baranje da prifati dodavka na imeto na drzavata i drugi obezlicuvanja,taa drzava ke odbiese,makar nikogas ne stanala tamu clenka.Zatoa i vlasta vo Makedonija i narodot nikogas nema da podlegnat na tie uceni od korumpiranite briselski i vasingtonski birokrati i nema nikogas da se prifati dodavka na imeto na drzavata.Bilo koja drzava takvo nesto da prifati,veke nema da ima mehanizmi za toa da go popravi.
Од: ФЕЛИКС
Датум: 07.09.2010 18:12:39
Горе-долу добар осврт на неисполнетите ветувања со непотребен историјат на премиерот.Сите ја знаеме патеката на политичката кариера на дотичниот.Но еве и да се сложиме со петте клучни неисполнети ветувања со мала задршка кон опсервацијата на Охридскиот договор,вината е целосно кај Албанците со незаситните апетити кон истиот. Но прашање која е алтернативата,никој не препознава нешто ново во Бихаќка.Има само безидејност,неспремност,политиканство и др. поранешни особини кој доведоа до катастрофален пораз 2008 год.
Од: Konzervativec
Датум: 07.09.2010 21:43:59
Iako sum desnicar po ubeduvanje, se pridruzuvam na cestitkata na Blagoja za izvonrednata analiza na Rizaov. Koga bi imalo poveke novinari vaka da reagiraat veruvam deka na samo na ovaa vlast nema da i bide seedno sto pravi ili ne pravi a treba da go pravi.
Од: cane toronto
Датум: 07.09.2010 23:05:23
Pa,da, Nacional Patriot, ti si vsunost vo pravo! Samo zaboravi da kazes deka EU i NATO se predavnici na Makedonskiot narod!
Од: cucul
Датум: 07.09.2010 23:17:36
mnogu preku nok na cuden nacin stanaja bogatasi, a vo isto vrem uste povece siromasi. poranesnite bogatasi si cutat arno im e nikoj ne gi giba.siromasite nema koj da gi organizira i povede. na brisel i drugite ic ne im e gajle . niv im e vazno da ima sratus kvo dodeka ne se sozdadat uslovi za cel balkan da odi tamu.
Од: dedo dimo
Датум: 08.09.2010 03:10:05
Razlikata pomegu Premierot Nikola Gruevski i drugite politichari vo zemjava e ogromna .Eden se bori za zachuvanje na Makedonskoto ime i sve shto e Makedonsko a drugite odat vo sprotivno i za rasturanje na Makedonija .E sega prashajtego Makedonskiot narod shto sakaat..Siguren sum deka Premierot ponovo ke pobedi i na idnite izbori .Makedoncite izbiraat pomegu Branitel na Makedonskata drzava I predatel. Naravno sakaat vo EU i NATO a mozda i podobar zivot ,no ne po ekoja cena .Imeto MAKEDONIJA e sveto i za UVEK a sve drugo e prolazno .I EU i NATO denes se tuka a utre ?.Koj misleshe deka SSSR i JUGOSLAVIJA ke se raspadnat ? . No shto se sluchi,site znajme .So rabota sve se postignuva i Makedoncite treba da zapnat kako Evreite za da imaat prosperitet ..Bez rabota nema nishto nikade po svetov.Nemojte da mislite so vlez vo EU ,tie ke rabotaat za vas a vie ke uzivate . Nikoj ne e budala na ovaj svet.
Од: dado
Датум: 09.09.2010 03:40:39
ne treba da se ceka kompromisen predlog.referendum za toa dali sme ili ne sme za promena na naseto ustavno ime treba da se raspise vednas i da se postapuva vo zavisnost od ishodot. taka ili ke se prekinat pregovorite ili brzo ke se dojde do resenie. REFERENDUM VEDNAS!
Од: НЕ МИСЛАМ ПАРТИСКИ
Датум: 09.09.2010 09:21:35
Грчкото шовинистичко барање и блокади ја спречија Македонија. За тоа ниедна влада не е виновна. Франција и продаде оружје на Грција и е против. Земете го Лотар пријателот на Македонија објективно како вели дека Европа е цела изградена на куп лаги и ке ја проголта грчката лага за Македонија. И ја голта. Нема право и правдина. Така било пред сто години така е и сега. Достоинството не ми дава да помислам на попуст пред грчкиот фашизам кон македонскиот народ кој тае сто години. Па кој ги налути во 1991.
Од: vlatko
Датум: 10.09.2010 06:18:47
Odamna ne sum procital vakov dobar prilog vo Utrinski. bravo stvarno ! realen i ne-politicki nakolonet prilog

Најди! во Утрински
Македонска верзија
Поглед
Александра М. Митевска
Мислења
Ивор Мицковски
Меридијани
Хавиер Солана

Калиопи
Поп-дивата со 3-Д порака до своите фанови