Јолевски ќе информира за средбата со Нимиц

Македонскиот преговарач во спорот со името Зоран Јолевски денеска на одделни средби ќе ги информира македонскиот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски за средбата која на 11 февруари ја имаше со медијаторот од ОН во спорот со името Метју Нимиц и со грчкиот преговарач Адамантиос Василакис. Иако средбите првично беа најавени од страна на Јолевски, нивното одржување вчера го потврдија и од кабинетот на претседателот и од страна на Владата, со информација дека се' уште не е утврдена саатницата на средбите.
Јолевски, кој во земјата се врати веднаш по средбата со Нимиц и Василакис во Њујорк, во саботата за телевизијата Канал 5 изјави дека очекува претседателот и премиерот да го примат на средба за да ги информира за продолжението на преговорите и оти средбите мора да се случат в понеделник, бидејќи тој имал авионски карти за враќање во Америка резервирани за денеска навечер.
Македонскиот амбасадор во САД и преговарач во спорот со Грција, Јолевски, на средбите треба да го информира државниот врв за состанокот во Њујорк, кој не донесе ништо ново и кој уште пред одржувањето беше најавуван како информативен и за „запознавање“ на страните, со оглед дека Јолевски неодамна беше именуван за преговарач. Информациите од Њујорк, по последната рунда преговори, беа дека Нимиц не понудил нов предлог за решение на спорот, туку побарал создавање позитивна атмосфера и избегнување на провокациите со цел полесно да се најде решение за спорот. Тој порача дека разликите можат да се надминат ако постои добра волја и сериозност во намерите.
Нова рунда преговори се очекува да се одржи по изборите во Грција за Европскиот парламент во јуни. (Т.Г.) |