Поглед
Сопки за трамвајот
Деспина Трајковска
Уште не почнат да вози, на трамвајот во Скопје му ги минираа шините. Во последниот чекор до теренската реализација на најграндиозниот проект во Скопје во последниве десетина години антикорупционерите препознаа незаконско работење. Изборниот процес во државава е образложението зошто Костовски мора да ја сопре потрагата по изведувач на градежните работи на првата фаза од трамвајскиот сообраќај. Убеден дека не се огрешил пред законот, скопскиот татко продолжи да си ја тера работата и покрај укажувањето на антикорупционерите. Тие, пак, во меѓувреме, ја добија и целата документација врзана со проектот, хартиите на кои инсистираа.
Ќе пресечат ли, сепак, чуварите од корупција дека трамвајот не вози незаконски или, пак, категорично ќе го прозват Костовски дека со овој чин го крши Законот за спречување на корупцијата, најверојатно, епилогот ќе биде познат утре. Ќе биде ли тој пресуден за авторот на трамвајот наречен желба, на кој интензивно работеше во изминатава една и пол година, дефинитивно, да се откаже од намерите или, пак, воопшто одлуката на антикорупционерите нема да го тангира, допрва ќе видиме. Но, логично е Костовски да остане нем на прозивките како и досега оти тој во антикорупционерите гледа продолжена рака на извршната власт, субјект на изборните активности, возење на јавноста...
Времето ќе покаже ќе останат ли обидите за минирањето на трамвајските шини само нечија пуста желба или, сепак, во залезот на својот мандат актуелниот градоначалник ќе ја фрли првата лопата на неговиот најкапитален проект. Едно е сигурно, деновиве, дефинитивно, ќе се докаже дека времето е скапоцено и дали ќе успее, сепак, некој да го купи за политички цели, како што обвинува градоначалникот или, напротив, тоа ќе проработи во негова полза. |