Баросо најави позитивен извештај за Македонија
Претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Баросо, изјави вчера дека не може однапред да ја прогнозира оцената на Европската комисија за реформите во Македонија, но дека, според дебатата што веќе ја имале, очекува таа да биде позитивна. Баросо, сепак, не можеше да ја скрие разочараноста од се' уште нерешениот спор за името меѓу Македонија и Грција, порачувајќи дека постојано испраќа апели до двете страни да го сторат тоа, бидејќи е критички важно за Македонија, за регионот, па и за иднината на проширувањето на ЕУ.
„Употребив се' што можев лично да ги поттикнам двете страни да дојдат до решение“, изјави Баросо додавајќи дека не е од корист да ги изнесува деталите околу напорите што досега биле во тек. „Идентитетските прашања се важни, но е важно минатото да не ја држи како заложник иднинатана земјата“, изјави Баросо
Ваквата изјава Баросо ја даде по средбата со премиерот Никола Груевски, кој нему и на еврокомесарот, Штефан Фуле, им искажа благодарност за ангажманот околу евроинтеграцијата на Македонија, поканувајќи го Баросо да дојде во земјата, но и да помогне што поскоро да се отворат пристапните преговори. „Разговаравме за евроинтеграцијата на Македонија, за што поскорешно отворање на пристапните преговори. Притоа, изразив уверување дека може успешно да го помогнат донесувањето на одлуката на претстојниот состанок“, изјави Груевски. Тој уверуваше дека извештајот ќе биде сфатен од Владата како патоказ за целосно исполнување на Копенхашките критериуми и оти Владата е целосно посветена да се реши прашањето околу спорот за името, така што е проактивна, конструктивна и доставува идеи.
Прашан од новинар зошто троши 200 милиона евра за статуи кога во селата со албанско население нема вода за пиење, Груевски говори дека Владата инвестира во сите области потребни за општеството, во патишта, во хидроцентрали, во водоводи, во административни згради..., а меѓу останатото и во неколку споменици од историјата што, според него, не е лошо.
Груевски денеска ќе учествува на самитот на народните партии на кој ќе биде и лидерот на грчката Нова демократија, Андонис Самарас, а вчера тој не ја исклучи, но посочи дека средба со Јоргос Папандреу не е договорена. (С.Ј.) |