Брoj 2748  понеделник, 28 јули 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Анализа
Фељтон
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Некролог
Време
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Мислења

Мислења

Приговорите ставени на продажба

Ана Павловска- Данева

Во нашата држава се случи незаконско ограничување на правото на матурантите да поднесат приговор преку воведувањето обврска за плаќање

Ова лето, најжешките јулски денови во нашата држава изминаа во спектакуларни, актуелни и значајни настани во политиката, културата, економијата, правото, екологијата, буквално во секој сегмент од општественото живеење. Настаните во областа на законодавството (работа, ефикасност на новиот законодавен орган во поглед на бројот на донесени закони, а уште повеќе во поглед на нивниот квалитет), се случуваат со таква брзина и итност што најверојатно никој во државава (вклучувајќи ги и пратениците) не може да ги следи. Не верувам дека некој го знае ниту бројот на донесени закони во изминативе две-три недели, уште помалку нивната содржина, а најмалку, пак, последиците (позитивни или негативни, сеедно) што секој од новодонесените закони ќе ги предизвика со неговата имплементација. Но, тоа ќе биде тема на некој од следните коментари.

Овој пат, ми се виде особено важно да се прозбори за одредени состојби кои јавноста сосема малку ги коментираше, а кои засегнаа илјадници семејства во нашава држава. Како да стана практика, граѓаните на Македонија да си молчат и да не реагираат на ниту една злоупотреба на нивните уставно и законски загарантирани права. А, тоа, како правник, граѓанин, во крајна линија како човек кој едуцира млади луѓе од кои се очекува утре да го применуваат, толкуваат и штитат законот, ме загрижува.



Државната матура помина како што помина, резултатите, задоволувачки или не, ќе послужат како сериозни показатели за креирањето на идните наставни планови и програми, учебници, испитни прашања во државните гимназии. Оценувачите, сигурна сум, биле компетентни и стручни лица кои дале се' од себе вршејќи ја својата не лесна задача. Сепак, грешки се можни, и тоа во секој поглед: при читање, при бодирање, при собирање на бодовите, при подредување на тестовите, при внесување на оценките, при пресметување на процентуалниот износ на оценките... Токму затоа, Уставот и законите предвидуваат нешто што се вели право на жалба или приговор, сеедно. Значи, кога државната администрација одлучува за некое право, обврска или правен интерес на г��аѓаните (во случајов матурантите), тие имаат законски загарантирано право на жалба (во случајов приговор, предвиден со Правилник на министерот за образование и наука од 2007 година) на одлуката на државата (во случајов оценувачите на матурските испити). Ова право не може да биде ограничено на ниту еден начин и со ниту еден акт на вработените во Министерството за образование, поточно во Бирото за развој на образованието. Но, минатата недела во нашава правна држава се случи токму тоа: незаконито ограничување на правото на матурантите да поднесат приговор, преку воведувањето обврска за плаќање (бидејќи е без никаква правна основа, не знам како да го наречам ова – јавна или приватна давачка, административна такса, паричен филтер за реализација на право на приговор...?) на две илјади денари од приговор!



Една од основните теми на изучување опфатени во секој учебник по административно право, кај нас, но и во светот, се подзаконските акти на администрацијата. Првата работа што се изучува во рамките на оваа тема е дека со подзаконски акт не смее да се утврди обврска за граѓаните, ако таа не е предвидена со закон. Токму спротивното го стори Бирото за развој на образованието. На веб-страницата на Бирото, објавено е Упатство, без датум на донесување, без потпис на доносителот (но, затоа пак е објавен образец на уплатницата со која треба да се потврди извршувањето на новонаметнатата парична обврска), со кое граѓаните, без правна основа, се задолжуваат да платат висока сума пари за секој поднесен приговор. Од аспект на заштита на законитоста и владеење на правото ова е навистина страшно, од социјален аспект е уште пострашно, бидејќи сумата изнесува 2.000 денари од предмет, а од економски аспект најверојатно е најстрашно, зашто никој не знае да објасни на кој начин и со каква методологија е дојдено токму до оваа сума пари.

Идејните творци на ваквата состојба се вистински професионалци во познавањето на правните и фактичките празнини кои водат кон „законито“ изигрување на законите. Така, Упатството е донесено во период на владеење на технички министер во оставка, кој во моментот нема апсолутно никаква моќ и влијание на политичката сцена, значи во период на обезглавено Министерство за образование и наука. На тој начин, избегната е контролата на Министерството како надзорен орган на Бирото. Уставниот суд е на колективен одмор. И овој факт е добро искористен за донесување противзаконски општ акт. Кога ќе се вратат од одмор уставните судии, ако некој поведе иницијатива за уставноста на ова Упатство, можеби и ќе го поништат, но тоа е небитно, работата е веќе завршена и ефектот постигнат -се спречи напливот на приговори, одговорните административци се спасија од работа. Останува уште личната одговорност (која може да биде дури и кривична) на доносителот на ваквата противзаконска одлука, но со право, креаторите на оваа исклучителна идеја дошле до заклучок дека во денешно време нивните активности и дејства ставени во конкуренција со дејствата на политичките противници на власта, никако не можат да бидат предизвик за органите на прогонот.



Бидејќи ова изигрување на граѓаните успеа да помине несанкционирано од никого, се очекува следниот чекор да го направат високообразовните установи. Така, ако за „средношколски приговор“ беше утврдена сума од 2.000 денари, сега комисиите за прием на студенти при македонските факултети и универзитети, ќе треба да одредат цена на „универзитетски приговор“ која во најмала рака, би изнесувала двојно повеќе. Да не заборавиме: и Управниот суд (специјализиран суд кој решава спорови на граѓаните против администрацијата), би можел, да го следи инвентивниот пример на Бирото за развој на образованието, па да утврди судска такса за поведување управен спор од околу 2.000 евра. Зошто да не? Ако сумата од 2.000 денари се покажа како добра заштита од „напливот на неосновани приговори кои би можеле да ги блокираат државните институции“ (изјава на директорката на спомнатото Биро, објавена во „Утрински весник“ на 17 јули годинава), тогаш судската такса во износ од 2.000 евра од поднесена тужба, повеќе од сигурно ќе ги спречи бројните „тужибаби“ кои го оптоваруваат нашето управно судство и го прават неефикасно. Не е лошо управните судии да размислат околу оваа идеја чии корени се содржани во Упатството (без датум и потпис) на Бирото за развој на образованието. Ефектот ќе биде двоен: помалку работа за управните судии, а администрацијата никој нема да ја тужи! Исто како кај државната матура: 5.417 скопски матуранти полагале по два екстерни предмета, а се поднесени 26 приговори!

(Авторката е доцентка на Правен факултет)


Статијата е прочитана 747 пати.

Испрати коментар

Од: Okapinje ili Molotov Koktel
Датум: 28.07.2008 16:43:02
Ubavo pisuva docentata. Taa znae sto pisuva. No dali znaat oniekoi sto treba da citaat? Malku da se posluzime i so cinizam. Dobro e se doeka ne recat deka "samo registrirani lobisti " ke mozat da prigovaraat i lobiraat. Zosto? Pa zatoa sto nestrucnite lica na koi (od vladata kako blagodarnost za kampanjite za izbori ) ne mozat da im obezbedat drzavna plata ke imaat svoj biznis da lobiraat so svoite prijateli vo vlasta. Edno se cini ne im e jasno na lugjeto vo Vladata: tie na NARODOT gledaat kako na "slaba rakija" i taka go tretiraat, no namesto toa trebada se odnesuvaat kon nego kako da e "Kolotov koktel" ako ne i nesot poopasno! Ova samo kako predupreduvanje.

Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Мислења