За работа без тендер, РЕК олеснет за половина милион евра
БИТОЛА - Стожерот на електроенергетскиот систем во државата - РЕК „Битола“, падна под лупа на крим-полицијата. Стотици илјади евра од касата на комбинатот завршиле кај приватни фирми за работи кои биле правени без склучени тендери. Науме Ќушковски (56), помошник-директор за производство во РЕК „Битола“ е осомничен за злоупотреба на службата. Тој, наводно, надвор од законските процедири му овозможил на ГП „Пелистер“ од Битола да врши антикорозивна заштита на багерот 2002, за која комбинатот платил над половина милион евра.
Ќушковски е затекнат од кривичната пријава на полицијата и, како што вели, за целата оваа работа разбрал од неговите деца, кои веста ја чуле преку медиуми, и не сака да коментира за случајот.
Тогашниот генерален директор на РЕК „Битола“, Јани Радивчев, кој се спомнува во извештајот, демантира дека имал каква било инволвираност во овој случај. Според него, активностите на „Пелистер“ за антикорозивна заштита врз багерот 2002, започнале во август и траеле до октомври 2007, кога тој веќе бил разрешен од директор во комбинатот.
Тој објаснува дека ГП „Пелистер“ работело во РЕК по договор од 2006 година, чија важност истекла во мај 2007 година, а работите се одвивале неколку месеци подоцна. Згора на тоа, договорот се однесувал на изведување работи на повик, но не и за капитални инвестиции како што е антикорозивната заштита на багерот.
И токму тука пукнала тиквата, кога по извршените работи, градежната форма решила да си го наплати долгот. Откако РЕК во два наврата му ги вратил фактурите на ГП „Пелистер“ за наплата, под изговор дека работата во комбинатот ја направиле без релевантен договор, градежната фирма одлучила парите да си ги бара преку суд . Судот пресудил во полза на „Пелистер“. Но, уште поинтересно во овој случај е тоа што комбинатот воопшто не ја обжалил пресудата.
Инаку, целата оваа работа пред неколку месеци ја открила внатрешната контрола на ЕЛЕМ, кога „Пелистер“ си ги побарал сработените пари. Претресувајќи ја целокупната документација за тоа како касата на ЕЛЕМ е олеснета за половина милион евра, внатрешната контрола и' дала полни раце работа на полицијата за финансиското работење на РЕК-от. (А.Б.) |