Ромките заталкаа во бирократски лавиринти
Дваесетина НВО му упатија отворено писмо на премиерот, разочарани што правата на ромската жена останале на хартија
Жаклина Ѓорѓевиќ
Ромките во Македонија се изгубија во бирократските лавиринти. Тие тврдат дека нивните права останале на хартија, иако државата се обврзала да ги исполни обврските и да им обезбеди вработувања, здравствена заштита, образование. Според нив, чудно е што сега по вторпат се носи Национален акционен план за жените од ромската етничка заедница, а ни претходниот не е имплементиран бидејќи не биле издвоени пари од буџетот. Во ресорното Министерство, пак, наведуваат кои се' активности биле имплементирани за унапредување на правата на Ромките.
Дваесетина невладини организации што работат на унапредување на правата на ромската жена, како новогодишна честитка му испратија отворено писмо на премиерот, во кое ја изразуваат разочараност поради тоа што Националниот план за Ромките не е реализиран. „И минатата година упативме јавен апел и барање до вас и Владата за итно разгледување на можноста за одвојување средства од буџетот за спроведување на усвоениот Акционен план за унапредување на положбата на жените Ромки во Македонија. Тоа не се случи, а причините ги знаете Вие и членовите во Владата“, му се обраќаат Ромките на премиерот. Тие велат дека се незадоволни поради тоа што Националниот план не е реализиран ниту делумно, поради, како што оценуваат, недостаток на волја, човечки и финансиски ресурси кај државните институции. „Наместо подобрување на состојбите, сведоци сме на се поголемо осиромашување, исклученост од секој сегмент на општественото живеење, дискриминација и уназадување на најголем број Ромки во Македонија“, потенцираат ромските невладини организации.
Азбија Мемедова од „Центарот на Роми на град Скопје“ вели дека уште во 2008 година се обратиле кај министерот без ресор, Неждет Мустафа, и кај пратеникот Амди Бајрам, но без успех.
„Не упатуваат кај министерот без ресор, а оттаму во Секторот за еднакви можности, иако тие се надлежни за сите жени, генерално. Но, и таму нема пари. Тоа е магичен круг. Никој не презема одговорност, никој не дава пари“, ни изјави Мемедова. Таа објаснува дека во Акциониот план било предвидено да се надмине неписменоста кај Ромките, за нив биле издвоени стипендии, како и напори да го дооформат образованието. Во областа на здравството, според Мемедова, требало да се детектираат жените што немале социјално и здравствено осигурување, а било планирано и да им се дадат кредити за да можат да почнат сопствени бизниси, како и обуки за преквалификација. Но, таа вели дека досега ништо не е направено во овие области. „Според нашата анализа досега е направена само една обука во делот на човековите права и анализа да пристап на Ромките до јавните институции, но тоа е финансирано од УНИЦЕФ“, тврди Мемедова.
Во Министерството за труд и социјална политика тврдат дека за акционите планови за правата на Ромките се предвидени буџетски средства. Тие потенцираат дека во 2009 година е одржана обука во Штип од областа на човековите права. Истата година, според нив, е реализиран проектот за Изработка на анализа за релевантни законски прописи и граѓански дневници за надминување на нееднаквиот третман и пристап на Ромките до услугите на државните институции. А, на истата тема е одржана и обука со службениците во институциите. Во рамките на Акцискиот план била изработена и анализа за застапеноста на ромските девојчиња и момчиња во образовниот процес во државата. |