Затворени 51 обложувалница

Управата за јавни приходи (УЈП) за време на викендот затвори 51 спортска обложувалница поради неиздавање фискални сметки или непоседување лиценца. Според информацијата од УЈП, контрола е спроведена во Тетово, Гостивар, Скопје, Куманово, Кавадарци, Велес, Гевгелија, Неготино, Прилеп, Ресен, Охрид, Битола и во Струга, при што се извршени вкупно 420 контроли, од кои во 51 објект даночните контролори констатирале дека спортското обложување се спроведува без соодветна лиценца или готовинскиот промет не е регистриран преку фискален апарат, односно не се издавале фискални сметки.
Најголемиот број објекти со неправилности во делот на фискализацијата се во Скопје и тоа во 19 случаи, додека во Тетово и во Гостивар е констатирано дека седум објекти организирале игри на среќа без лиценца. Во неколку града, пак, како што се наведува во соопштението, при посетата на објектите е утврдено дека сопствениците самоиницијативно ги затвориле обложувалниците, поради што тие нема да бидат изоставени во даночната контрола, која ќе биде спроведена во наредниот период. (Ек.Р.) |