Македонија подготвена за европските критериуми
Проблемот со Грција за уставното име е наша работа и со сопствени напори ќе го надминеме, вели Милошоски
Дубровник – „Македонија е подготвена за исполнување на критериумите што ни ги постави Европската комисија со цел до крајот на годината да почнат преговорите за нејзино евроинтегрирање“, истакна во саботата министерот за надворешни работи Антонио Милошоски на Меѓународната конференција „Хрватска самит 2008 - безбедност, развој и просперитет“, што се одржува во Дубровник.
Милошоски посочил дека приоритет на македонската Влада е продолжување на реформите и постепено задоволување на Копенхашките критериуми, кои, како што рече, не се лесни за исполнување. „Но, ние не се плашиме од нив, бидејќи имаме потенцијал да одиме во тој правец“, истакна Милошоски. Според него, за европеизација на регионот е важно прашањето за либерализација на визниот режим, што ќе и' овозможи на ЕУ, како што рече, да ја зајакне својата веродостојност во Југоисточна Европа.
Министерот Милошоски напомена и дека постојат и одредени предизвици кои треба да се надминат, притоа посочувајќи на проблемот со Грција за уставното име на Македонија. „Тоа е наша работа и со сопствени напори ќе придонесеме да го надминеме тој проблем“, рече шефот на македонската дипломатија, истакнувајќи дека тоа се користи и како инструмент за криење некои билатерални прашања. „Затоа, тоа не смее да биде правило да се отежнува ситуацијата. ЕУ мора да ја заштити и својата веродостојност со тоа што ќе го спречи таквото наметнување за да не биде дополнителен товар за Копенхашките критериуми“, рече Милошоски. ЕУ и НАТО во блиска иднина, смета шефот на македонската дипломатија, ќе мора да се соочат со тој предизвик.
На крајот од своето обраќање на сесијата посветена за ЕУ и на НАТО, Милошоски рече дека Македонија ќе остане определена кон исполнување на своите обврски и ќе продолжи да соработува во операциите за одржување на мирот. „Како земја, во многу предизвици веќе докажавме дека стабилноста е наш приоритет и ќе продолжиме да придонесуваме за стабилноста на целиот регион и за интегрирање на регионот во евроатлантските структури“, истакна министерот Милошоски.
На Меѓународната конференција во почетокот се обрати домаќинот - претседателот на хрватската Влада Иво Санадер, кој истакна дека за иднината на светот и на Европа е важна и иднината на ЈИЕ. „Народите во нашето југоисточно соседство имаат право да ги остварат своите стремежи. Нашите пријатели во Македонија имаат целосно право на наша поддршка и охрабрување. Ќе пронајдеме решение и Македонија наскоро да ни се придружи во НАТО-алијансата“, нагласи Санадер.
Покрај хрватскиот премиер, на Самитот учествуваа и премиерите на Словачка, Албанија, Црна Гора и на Косово, Роберт Фриц, Сали Бериша, Мило Ѓукановиќ и Хашим Тачи, како и поголем број министри за надворешни работи. Американската администрација во Дубровник ја претставуваше Даниел Фрид, помошник на американскиот државен секретар за европски прашања. Министерот Антонио Милошоски имаше билатерални средби со помошникот на американскиот државен секретар за европски прашања Даниел Фрид и со министрите за надворешни работи на Шведска, Полска и на Црна Гора, Карл Билд, Радослав Сикорски и Милан Рочен. (МИА) |