Контрапункт
Крчма крај патот
Никола Гелевски
Мислам дека е подобро Европа да ја разбереме како пат, а не како крчма крај патот
Европа е фасцинирана од Барак Обама. Многу често во европските коментари се вели дека Америка низ победата на Обама, конечно, го надминува своето расистичко минато. Но, можеби победата на Обама на Европејците треба да им помогне да го отворат своето скриено или потиснато прашање: дали Европа навистина е ослободена од својот деликатно запакуван расизам?! Ние- Македонците имаме и дополнителна причина да го проблематизираме скриениот европски расизам кој погаѓа во најосетливото: во елементарното човечко право на идентитет.
Она за што пишував пред неколку недели, повикувајќи се на Томаж Мастнак, дека Европа е втемелена во омразата спрема муслиманите, е само делче (вистина, многу важно делче) од европските (себе)соочувања околу кои (постојано треба да) се гради веродостојната слика на Унијата. Како што вели Мастнак, омразата на Европејците спрема муслиманите не може да се одвои од најмногу славените и величани европски идеали на слободата, правото, праведноста, мирот итн. „Се' додека постоењето на антимуслиманските идеи и сентименти се негира, комплексноста на таканаречената европска мисла ќе ни биде недофатлива; ќе бидеме осудени да преџвакуваме баналности, а идеалите на слободата, мирот итн. нема да можеме да ги земеме посериозно...“.
Голема скорешна жртва на европското политичко слепило е Босна и Херцеговина. Залудни беа симболичните слетувања на Митеран во Сараево, на добро избран датум, на денот кога Гаврило Принцип го застрела австроунгарскиот престолонаследник (годинава, инаку, Босна одбележува стогодишнина од припојувањето кон Австро-Унгарија; а Митеран е оној помпезен француски претседател кој се' до самата смрт повторуваше дека „оние што го поддржуваат влегувањето на Турција во ЕУ се противници на Европа“).
Се разбира дека Македонија има голема врска со сето она што и' се случуваше и што се' уште и' се случува на Босна. Верувам дека и разни Македонци, со различни политички убедувања или од различни вероиспове��и, ќе препознаат нешто свое во гневните зборови на Алија Исаковиќ, за европскиот удел во босанската трагедија: „Ние - Босанците сме она што би морала да биде Европа, онаа речиси невозможна меѓучовечност, она што Европа го нарекува интернационално и универзално, она што го означува со зборовите хумано и трпеливо, без оглед што подразбира под тоа. Како такви можеме да бидеме опасен пример, веќе сме таков пример, и такви можеме да ги разбрануваме водите од Ирска преку Бретања и Баскија до Корзика и Трансилванија или Ердељ, и затоа со тоа треба да се расчисти додека е време, како со Кордоба или Гранада пред 500 години, и да се ’хуманизира‘ како што се хуманизираше цивилизацијата на Маите и цивилизацијата на Индијанците.“
Македонија, како и Босна (а двете се невралгични, акупунктурни точки на Европа), е реална, оживотворена измешаност, и тоа токму на, за Европа, најопасните состојки: христијанството и исламот, Западот и Истокот. Но, што значат воопшто, особено во зората на еден век кој треба да биде поинаков од досегашните, идеите за „мешано“ и „чисто“?! Во еден текст за Сараево, испишувајќи една „пофалба на мешаноста“, Жан Лик Нанси го поставува прашањето дали мешаноста воопшто е можна. Измешаноста претпоставува издвојување на чистите супстанции и процес на настанување на спојот. Чисто е, значи, она што е лишено од односи, што значи од идентитет. „Чистотата е кристална бездна во којашто идентичното, сопственото, автентичното, се струполува во самото себе“. Чистиот идентитет се врти во круг, не успева да се стопи, бидејќи не може да биде идентичен самиот со себе.
Културата на новиот век во голема мера е култура на миксот, на проникнувањето, на интерференцијата... Луѓето се' повеќе се мешаат и се „вкрстуваат“; измешаноста, вели еден од најзначајните современи европски филозофи, секогаш е она што доаѓа, а не е нешто што е. Во крајна линија, измешаноста не постои, како ни чистотата, бидејќи не постојат ниту чисти измешаности ниту недопрена чистота, вели Нанси; „не постои ниту простото измешано ниту простото идентично, секогаш и постојано постои само меѓусебното вплеткување“.
Нанси и Мастнак се само некои од мислителите кои иднината на Европа ја промислуваат многу пошироко од тесните рамки на бирократската ЕУ. Тие веруваат дека најголемата и најзначајната европска доблест е: културната отвореност. Најважните карактеристики на европската култура се постојаното менување и постојаното создавање. Затоа веќе денес, по само 15 години, политичкиот профил на Митеран (во восочниот музеј на мртвите идеи) изгледа како фосил. Тој профил изгледа, просто, неевропски во однос на некоја покомплексна европска иднина која се надоврзува токму на динамичноста, од којашто произлегуваат силата и славата на европската идеја: секогаш да се оди потаму од таму каде што си бил, потаму од она што си бил, потаму од самиот себе.
Ортега и Гасет, големиот шпански пророк на европската идеја во првата половина на 20 век, велеше дека не може да се сети на ниедна цивилизација која згаснала поради сомневањето во себе. Напротив: цивилизациите најчесто умирале поради скаменетоста во својата традиционална вера, како последица на артериосклероза на своите убедувања. Гасет за свој и европски слоган го избира: Мобилис ин мобиле! И го цитира Гете: „Со сите нас владее променливото битие кое во нас и со нас се менува“.
Сервантес, во веќе поодминати години, беше рекол дека патот е подобар од крчмата. Затоа и мислам дека е подобро Европа да ја разбереме како пат, а не како крчма крај патот.
(текстов е продолжение на колумната од 18. 11.2008)
(Авторот е издавач) |