Мислења
Американски сон (2)
Љупчо Печијарески
Обама и неговиот тим се подготвени државата да ја извлечат од рецесијата, на општеството да му ја вратат хуманата димензија, а на граѓаните да им го подобрат стандардот
Одговорот на прашањето во колкава мера Обама ќе успее да ги оствари своите предизборни ветувања, во чија основа е враќањето на човечкиот лик на американското општество, односно враќање на довербата на граѓаните во сопствената држава, секако, најмногу зависи од она што тој, во идниот период, ќе направи во однос на најавените реформи во економската и социјалната сфера. Имајќи предвид дека понудените промени во овие сфери во себе содржат интервенции во генералниот концепт на економската политика на САД, се чини дека пред Обама и неговите соработници стои тешка задача, чие остварувања би предизвикало дополнителни потреси во американскиот економски и општествен живот. Во тој контекст, критиките стигнаа и пред Обама да биде избран за претседател. Така, неговиот противкандидат Мекејн, уште во кампањата изјави: „Сенаторот Обама верува во принципите за прераспределба на богатството, а не во политика што би помогнала во подобрување на економијата и отворање нови работни места“.
Дали Мекејн е во право и во кој степен, ќе покаже времето. Сега да погледнеме што понуди Обама во својата програма, од аспект на промените што треба да следат во економската и социјалната сфера. Пред се', тој предвиде промени во даночната политика; намалување на даноците за деведесет и пет отсто од американските семејства; фискално намалување од 500 долари по вработен и илјада долари по домаќинство; укинување на даноците за старите лица, чии приходи не надминуваат 50 илјади долари. Евидентно, тој се залага за намалување на даночните оптоварувања за претставниците на средната класа, особено на ниската средна класа. Од друга страна, тој предлага зголемување на даноците на богатите – сите оние кои имаат поголем годишен приход од 250 илјади долари. Истовремено, тој предлага богатите повеќе да плаќаат за своето социјално осигурување. Во сферата на инвестициите, пак, се предвидени 50 милијарди дола��и за јавни работи, изградба на патишта, мостови, образовни и здравствени институции што, заедно со предвидените 60 милијарди долари за економска обнова треба, да овозможат отворање нови работни места. Најавени се и нови вработувања во јавниот сектор, а се предвидени и инвестиции од 150 милијарди долари во сферата на енергетиката, во следните десет години, за американската држава да не биде зависна од надворешните фактори во оваа крајно витална област, што треба да се одрази врз растот на бруто-домашниот производ, а со тоа и врз стапката за невработеност. Исто така, тој најави проширување на системот за здравствена заштита и подобрување на условите за лекување во државните здравствени институции. Притоа, особено внимание ќе биде посветено на квалитетот на државните образовни институции, со зголемување на нивната пристапност за посиромашните слоеви во американското општество. Оттука, предвидени се дополнителни средства за зголемување на бесплатното школување (стипендирањето) на сите образовни нивоа.
Несомнено, рализирањето на ваквата програма означува штитење на интересите на средните слоеви и сиромашните. Можно ли е, во дополнително отежнати околности, пред се', поради големата економска криза (што е далеку од тоа дека е само финансиска), хуманите намери на доброто момче од Илиноис, попатно кажано, беспрекорно маркетиншки спакувани, да станат реалност?! Одговорот на прашањето, ниту од теоретски, ниту од практичен аспект не е еднозначен. Постојат аргументи „против“ и „за“. Сосема накратко, скептиците тврдат дека економска филозофија на Обама, враќајќи се кон „тешката рака на државата“ и нејзините регулативни механизми, фаворизирајќи ја контролата и порамномерната дистрибуција на капиталот, се сведува на социјална демагогија и популизам. Таа води кон намалување на инвестициите кај приватниот капитал, што ќе резултира со намалување на оштествениот производ и на стапката на вработеност.
Во аргументите „за“ би го цитирал нобеловецот Пол Кругман кој, во колумна во „Њујорк тајмс“, забележа: „Што е со тврдењата дека економската криза ќе го спречи рализирањето на прогресивната програма на Обама? Нема сомнение дека борбата против оваа криза ќе биде скапа. За спас на финансискиот систем, најверојатно, ќе бидат потребни многу повеќе пари. Покрај тоа, страшно ни е потребена програма за зголемена државна потрошувачка со која би се финансирале аутпутот и вработувањата. Дали дефицитот на федералниот буџет идната година ќе достигне цифра од илјада милијарди долари? Да. Економските учебници зборуваат дека, во извесна смисла, в ред е да дојде до привремен дефицит кога се заканува рецесија... Тоа не смее да го спречи новиот план за социјална заштита... Одговорот на економската криза, сам по себе, е прилика да се промовираат прогресивни програми“.
Во тој контекст, Обама пред неколку дена ги најави своите први практични чекори за излез од постојната криза, а светот веќе зборува за новиот американски Њу дил. Всушност, станува збор за вложување нови 700 милијарди долари за излез од кризата, отворање два милиони и петстотини илјади работни места во следните две години, радикални инвестиции во јавната сфера итн. Без сомнение, Обама и неговиот тим се подготвени да одговорат на предизвиците: државата да ја извлечат од рецесијата, на општеството да му ја вратат хуманата димензија, а на граѓаните да им го подобрат животниот стандард.
Можно ли е сето тоа да се направи само со нова економска и социјална политика или се неопходни и нови подлабоки резови во американското општествено ткиво?! Се чини, втората претпоставка создава пообјективни услови за реализација на амбициозните планови на Обама. Но, што би требало да подразбира тоа?! Пред се', тоа би значело, на некој начин, напуштање на постојниот алчен, неолиберален концепт, односно враќање кон основните постулати на кензијанизмот. Во практика тоа би требало да стимулира експанзивна буџетска и монетарна политика што, на кус рок, би требало да резултира со зголемена агрегатна побарувачка во чија основа е зголемената потрошувачка, зголемените инвестиции и зголемената вработеност. Секако, тоа би се одвивало под будното око на државата која, преку зголемените социјални трансфери, би се обидела да ја коригира нерамномерната дистрибуција на капиталот и профитот. Овде се поставува прашањето: дали со тоа Обама не отвора битка со претставниците на крупниот капитал - моќниците од различни капитал-провиниенции чиј заеднички именител е непишаното, но во практика потврденото правило - светот да се движи според нивните интереси и потреби? Поточно, битка која ги загрозува интересите на оние што ги креираат, насочуваат и контролираат сите настани во американското општество, но и пошироко. Станува збор за луѓе кои немаат скруполи. Нивната политика е земи или остави. Секој што не е со нив, е против нив! Притоа, тие особено се чувствителни кога некој се обидува да им се спротивстави во остварувањето на нивните цели и планови.
Во секој случај, нека е со среќа влегувањето на Обама во Белата куќа, а во кој правец ќе се движат работите, односно дали воопшто ќе дојде до битка и кој ќе ја добие, останува да видиме. Што се однесува до Американците, тие и натаму ќе продолжат да го сонуваат сонот дека живеат во најдемократската, најхуманата, најправедната и најдобрата држава на светот.
(Авторот е универзитетски професор) |