Пред само неколку месеци ја забележав ТВ-рекламата за Пилотската академија на една од македонските ТВ-станици. Бев прилично пријатно изненаден за можноста македонските идни пилоти да се школуваат на домашен терен и со македонски инструктори. Меѓутоа, досегашната историја на воздухопловството не бележи само прогрес, многу непознати се учеле преку бројни жртви за денес, сепак, воздушниот превоз да биде најсигурен. Несреќата во Скребатно, која за жал однесе четири животи, меѓу кои и на еден потенцијално корисен едукатор во младото македонско цивилно воздухопловство. Се разбира, вештаците ќе дојдат до вистинската причина за несреќата, но за тоа сигурно ќе помине многу време. Би сакал да дадам мое мислење врз основа на прочитаното во македонските медиуми.
1. Технички проблем: според наводите дека моторот бил набавен од Србија и монтиран пред неколку недели, прво прашање е дали е снабден од овластен (лиценциран сервис) авиомеханичар на „цесна“. Потоа, доколку моторот почнал да откажува, тој сигурно ќе дадел забележливи индикации за тоа: неправилно работење, детонации (бекфајринг), зголемена температура (ЕХТ), замрзнување на карбураторот... Секоја од наведените индикации е аларм за неодложна акција за можно враќање во базата или во спротивно - барање алтернативен терен за принудно слетување. И двете опции се многу полесно изводливи ако се случат на поголеми висини (5.000 - 8.000 фити) зошто „цесната“, а исто „пајпер“ или „кинг-ер“ се така дизајнирани да можат да едрат подолго време (во зависност од фронталниот ветер) и со степен на спуштање/понирање од 300 до 400 фити по минута би можело релативно лесно да се стигне во базата или на алтернативниот терен (автопат, ливада, рамнина без опструкции). Во овој случај, авионот се наоѓал на мала височина (околу 150 фити) на која секој проблем има катастрофални последици. Секако, истрагата ќе покаже многу прецизно дали моторот работел пред ударот и дали пилотот соопштил на важечката фреквенција за некаков проблем со авионот.
2. Пилотска грешка: овде загрижува фактот што е барана и одобрена минимална висина од 1.000 фити, а авионот се нашол на 10 пати помала височина (150 фити), која е својствена за аеромитинзи. Доколку не се работи за технички проблем на леталото, пилотот не смеел да се најде на таа височина. Официјалните извештаи од многу несреќи во светот наведуваат дека голема дистракција, или деконцентрација на пилотот доаѓа од патниците. Инсистирањето да се исфрлат летоците од многу мала височина се покажало кобно. Ова се поткрепува од фактот дека претходното исфрлање било неуспешно и при вториот обид се пристапило на исфрлување од помала височина. Можно сценарио е дека надлетот бил со релативно мала брзина (под 60-65 кт), која и онака била блиску до т.н. „Low speed stall” (неефикасност на крилата да произведат летање поради мала брзина и зголемување на аголот, релативен на линеарната оска на крилата или т.н. „angle of attack”). Тоа, најверојатно, се има случено во моментот кога пилотот се обидел да го искачи авионот, по исфрлањето на летоците, кога веќе бил достигнат аголот од 16 степени и авионот влегол во “stall”. Излезот од него е возможен само со итно спуштање на носот на авионот за што е потребна минимална висина од 50 фити, која авионот веќе ја немал, згора над тоа со тројца патници и пилот авионот бил близу максималната тежина. Во таа состојба пилотот и со максимална употреба на моторот не би имал никакви шанси. Инаку, “stall-от” во најмногу случаи е придружен со „паѓање” на едно од крилата по што авионот нагло свртува и влегува во спирално понирање.
Во секој случај, горново е само претпоставка, ќе треба да се почека на надлежните инспектори да излезат со официјалниот извештај за несреќата.
Interesen komentar.
Steta za Makedonija sto lesno gubime sposobni lugje. Nasiot mentalitet na povrsnost doprinesuva za toa da se slucuva. Ne mi se poznati propisite, no, dali sekoj moze da se kaci na privaten avion kako patnik bez prethodna evidencija ili potpisuvanje soglasnost za prevzemanje na rizikot.? Dali ima propis za zabrana za nisko nadletuvanje na golemi sobiri (osven na aeromitinzi)? Dali e regulirano reklamiranjeto od vozduh?