Што прават денеска
Вики Ристоска
радиоводителка
Денот вообичаено ми почнува со појадок и со кафе во друштво на омилениот семеен тим. Потоа тргнуваме во избор на новогодишни подароци за моите кумчиња. Прошетката ја завршувам со приказна за попладневната дремка на моето синче Дарин. Ме очекува нова работна недела што в понеделник ја почнувам на „Метрополис во светот“ во 16 ч. Вечерта е резервирана за малите нешта што животот го прават поубав!
Тања Андреева
ракометна репрезентативка
По нашиот успех на турнирот во Драма, Грција, каде што репрезентацијата на Македонија го освои првото место, по победите над Грција, Азербејџан и Швајцарија, сега го очекуваме противникот во баражот за Светското првенство. Би сакала да играме против Словенија или Србија. Денот апсолутно ми минува во победнички дух.
Илија Николовски
новинар
Се будам во 5 часот, зашто од 6.50 ч. морам да бидам подготвен за почеток на новото издание на утринската емисија „Раноден“ на А1. Ме радува што повторно во живо ќе се дружиме со гледачите и ќе комуницираме на различни теми. По работните обврски следуваат неколку средби за кафе-муабет. Попладнето и вечерта се резервирани за најблиските и за моите лични задоволства: читање книга и завршување на текст за една нова песна. |