Зголемен притисок за името
Се' додека не се исполнат основните предуслови и барања околу спорот, секој нов предлог од Нимиц би можел да ги направи работите полоши отколку подобри, оценуваат извори на „Катимерини“
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Грција и Македонија се под се' поголем притисок за изнаоѓање решение за името. Според грчкиот дневен весник „Катимерини“, притисокот е зголемен во последниот период, бидејќи во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации во септември во Њујорк, можно е да се оствари и средба на министрите за надворешни работи на НАТО. На средбата сигурно би се разговарало за наоѓање решение за името на нашата држава за да може во ноември на НАТО-самитот, Македонија да биде примена во Алијансата.
Засега временската рамка до ноември за Грција не значи ништо, бидејќи официјалниот став останува дека кога и да се најде решение за името, нашата држава ќе може да влезе во НАТО. „Скопје се раководи според рокот до ноември, бидејќи јасно е дека би сакале да бидат примени како членка за време на голем настан кога се присутни сите големи членови на Алијансата, а не членството само да биде најавено во некој момент како резултат на бирократска процедура“, пишува „Катимерини“.
Според изворите на весникот, во Њујорк се очекува да дојде до повторна средба на преговарачите за името и медијаторот Метју Нимиц, со тоа што овој пат не се очекува од Нимиц да излезе со нова иницијатива или предлог пред почетокот на Генералното собрание.
Официјална Атина и натаму е на ставот дека од Владата во Скопје нема никаква промена што би можела да даде мала надеж и оптимизам за нов предлог, кој би имал подобра среќа од претходните идеи и предлози за решение за името. Како што пишува „Катимерини“, јавните изјави на македонските политичари во врска со прашањето за името создаваат само песимизам за можно решение, и тоа од грчка страна е пренесено и до медијаторот Нимиц. Според изворите на „Катимерини“, се' додека не се исполнат основните предуслови и барања околу спорот, секој нов предлог од страна на Нимиц моментално би можело да ги направи работите полоши отколку подобри. Нова средба пред почетокот на Генералното собрание ќе предизвика нов бран шпекулации, проценки, реакции и ќе создаде клима што, генерално, само ќе ги искомплицира и ќе ги влоши работите отколку да помогне за побрзо решавање на спорот. Токму поради тоа, сите вклучени страни ќе бидат присутни во ОН и ќе може да се разговара за проблемот на повисоко ниво.
Весникот шпекулира дека е можно да се одвива тајна дипломатија, споменувајќи го името на Алекс Рондос, долгогодишен дипломат и соработник на премиерот Јоргос Папандреу, кој, наводно, покрај спорот меѓу Македонија и Грција, е вмешан и во други важни теми на надворешната политика на Грција.
Според „Катимерини“, минатата недела за време на одморот на островот Парос, Папандреу се сретнал со Рондос, токму пред официјалната, брзонајавена средба со израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху, која изненадила голем дел од грчкото министерство за надворешни работи, меѓу кои и заменик-министерот за надворешни работи, Димитрис Друцас. „Сепак, појавувањето на Рондос не е гром од ведро небо за оние што се упатени во грчкото МНР. На многу суптилен начин уште од поодамна Алекс Рондос се појави до Папандреу, уште од победата на ПАСОК на изборите и се чини дека неговата вмешаност во надворешната политика на Грција продолжува и се' повеќе расте.
Останува верна сенка на Папандреу уште од 1999 година кога во грчкото МНР како советник на сегашниот премиер, беше присутен на сите важни средби“, се споменува во весникот. Рондос беше прв пат повторно поврзан со прашањето за името кога на еден од грчките блогови излезе информацијата дека се' поактивно се зборува за предлогот „Вардарска Македонија“. Рондос засега нема канцеларии во министерството и се шушка дека работи во некои изнајмени канцеларии во центарот на Атина, како што правел и додека Папандреу беше министер за надворешни работи. „Сепак, иако неговото физичко присуство не е видливо, грчките амбасади и дипломатски претставништва наоѓаат негови траги на нивниот пат. Наводно, според извори од грчкото МНР, Рондос е вмешан во преговорите со Турција, работите со Западен Балкан и, секако, во преговорите за името.
Доколку е така, тогаш грчкото МНР има две паралелни заткулисни процеси за прашањето за името, бидејќи Папандреу ја има поставено Марилена Копа како личност во грчкото МНР задолжена специјално за прашањето за името. |