Мислења
Демократија
Љупчо Печијарески
Владеењето на народот е идеал што не е остварлив во практика
Проблемот на нашата денешна размисла - демократијата, посматрана како облик на политичко уредување, според низа свои определби, е централен поим на современото општествено опстојување. Фалена или критикувана, демократијата, со различните концепти на нејзината практична примена, во конкретната стварност, секако, и со различните ефекти во однос на нејзината политичка и економска ефикасност, отвора една генерална дилема: што е таа во суштина, односно кои се нејзините основни предности и слабости?
Разјаснувањето на оваа дилема би го започнале со укажувањето на една општоприфатена заблуда дека демократијата означува владеење на мнозинството од народот, односно дека во демократските општества власта ја има народот. Оваа заблуда своите корени ги влече од етимолошката определба на терминот демократија (народ и владеење), која во своето првобитно значење во целост кореспондирала со неговата тогашна практична примена. Имено, во античка Грција овој поим означувал облик на државно уредување во кое сите полнолетни и слободни граѓани (само од машки пол) непосредно учествувале во власта. Станувало збор за непосредна демократија, што била можна поради малиот број жители што ги имале тогашните градови – држави, наречени полиси. Она што е најинтересно, тоа е фактот што најзначајните мислители од тој период демократијата ја сметале за лошо државно уредување. Така, Платон и Аристотел тогашната демократијата ја опишуваат како неправедно и лицемерно државно уредување. Таа, според нив, иако е заснована на мерилото на слободата, поради нејзиниот лажен карактер (нееднаквите да се прогласат за еднакви), не е во состојба долго и успешно да функционира и набрзо преминува во анархија. Без подетаљно да навлегуваме во објаснување на античката демократија, можеме да заклучиме дека таа дури и во нејзината најидеална непосредна форма не можела успешно да се реализира како облик на владеење на народот. Едноставно, владеењето на народот е идеал што не е остварлив во практика. Секое владеење се темели врз конкретна власт која поседува легитимна моќ да владее во име на народот, при што таа најчесто владее со народот. Доколку ова е точно, а точно е, пред се', затоа што целокупната историја на нашат�� цивилизација го потврдила тоа, се поставува прашањето: што е она што демократијата ја прави да биде толку посакувана? Одговорот на ова прашање може да се посматра на две рамништа: прагматско–утилитарно (етабилирано врз ефектите од функционирањето на основните нејзини институции и механизми) и идеолошко (втемелено врз определена вредносна матрица).
Анализата на првото рамниште укажува на суштинските аспекти на проблемот, односно ја открива основната причина за привлечноста на демократијата. Станува збор за фактот дека демократијата, од сите досегашни облици на организирање на општествениот живот, како во однос на политичката слобода, така и во однос на економската благосостојба, доминира со својата успешност. Втемелена врз определен број институции и инструменти: слобода на избор, плурализам на интереси, право на различност, право на сопствено мислење, владеење на правото, компетентност, пазарна економија, конкурентност, рационалност... таа, особено последниве децении, во својата неолиберална варијанта, се наметна како доминантен модел на економско и политичко опстојување, прифатен и од голем број земји во транзиција и во развој. Имено, во сферата на политичкото егзистирање демократијата, иако не претставува владеење на народот, сепак, дава можност народот сам да ги избере оние што ќе владеат. Секако, задржувајќи го правото, доколку не е задоволен, да ги смени на следните избори. Евидентно, политичкиот плурализам и изборите ја претставуваат срцевината на демократијата. Тие, од една страна, ја изразуваат волјата на народот а. од друга, се мошне важен социјален лакмус со кој се проверуваат легитимитетот, вредностите, институциите и механизмите на функционирање на постојниот политички систем и неговите носители.
Истовремено, демократските уредувања во високоразвиените капиталистички земји, втемелени врз пазарната економија и нејзините основни принципи - конкурентноста, квалитетот, компетентноста, ефикасноста, профитабилноста и големината на производствениот и услужниот сектор - антиципираат моќни економии (доволно е да се погледне висината на нивниот бруто-домашен производ, стапката на неговиот раст, големината на буџетот, индексот на човечки развој, стапката на невработеност, стапката на сиромаштија - секако, во споредба со другите помалку развиени држави), што им овозможуваат на нивните граѓани добар животен стандард и сигурна материјална егзистенција. Кога кон ова ќе се додаде и воената моќ што ја имаат, а која на граѓаните им дава дополнителна доза политичка и безбедносна сигурност, надополнети со медиумската глорификација на се' што го прават тие, тогаш не изненадува што на гламурот и сјајот на вака доживеаното демократско општество не може да се биде рамнодушен, односно дава одговор на прашањето зошто тоа претставува модел што треба да се следи.
Сепак, согледувањата на второто рамниште, втемелени врз анализата на можностите и начинот на остварување на основните постулати на современото поимање на демократијата: слободата и еднаквоста, укажуваат дека состојбите и не се така идеални како што изгледаат на прв поглед. Во прашање се вредности што на овој степен на цивилизациски развој тешко можат да се остваруваат истовремено, односно се наоѓаат во една ривалска релација. Имено, современиот, доминантен неолиберален концепт на демократија, во најголема мера се темели врз идеалот на слободата (пред се', политичката), додека идеалот на еднаквоста се' повеќе се става во втор план. Ретките обиди тие да се поврзат во комбинација, во која демократскиот модел подеднакво ќе се темели и врз принципот на слободата, и врз принципот на еднаквоста, се' уште се во сферата на утопиското. Во тој контекст, она што треба да претставува цивлизациски предизвик е надминувањето токму на таа противречност. Притоа, треба да се има предвид дека демократијата не е само облик на политичко уредување, туку и процес на политичка социјализација на човечкиот род. Инкорпорирајќи го начелато на слобода на избор, антиципирајќи ја можноста секогаш одново, низ толерантен разговор и чувство за потребите на другиот, да се отвораат нови алтернативи на хуман начин да се решаваат проблемите - демократијата, сфатена како процес, создава реални теоретски претпоставки за почитување и реализирање на идеалот на еднаквоста во конкретната општествена практика. Секако, неопходно е да дојде до промена на оние институционални претпоставки што стимулираат нерамномерна дистрибуција на богатството и капиталот, штитејќи ги интересите на моќните и на богатите. Изборот дали ќе се искористи таа можност е пред нас, како што се пред нас и застрашувачките последици врз нашата цивилизација, доколку не сакаме ова прашање, приоритетно, да го ставиме на дневен ред.
(Авторот е универзитетски професор) |