Полска на чело на ЕУ, името, па преговори
Полскиот амбасадор Карол Бахура ги претстави приоритетите на својата земја
За Полска не е прашање дали, туку кога Македонија ќе стане членка на ЕУ, што побрзо тоа подобро, изјави полскиот амбасадор во Македонија, Карол Бахура, чија земја вчера го презеде претседавањето со Европската унија во наредните шест месеци. Зборувајќи за евроинтегрирањето на Македонија и пречката што се испречува, спорот за името, Бахура се повика на последниот извештај за напредокот на Македонија, каде што јасно стои дека преговорите за членство може да почнат веднаш штом ќе се постигне договор околу прашањето за името со Грција. „Ќе прифатиме секаков договор меѓу Скопје и Атина што ќе го постигнат двете страни и кој ќе биде во рамките на препораките од ОН“, изјави Бахура.
Зборувајќи за приоритетите на Полска во наредните шест месеци додека е на чело на Унијата, полскиот амбасадор рече дека проширувањето на ЕУ секогаш било на врв на полската агенда уште од 1989 година. „Се' уште е така“, рече Бахура. Според него, трите клучни приоритети на полското претседателство со ЕУ се европските интеграции како извор за развојот, создавање безбедна и отворена Европа со силна поддршка за проширување кон Западен Балкан.
По повод преземањето на претседавањето на Полска од Унгарија, во мултимедијалниот центар Мала станица вчера беше отворена изложбата „Полски плакат“. Плакатот е една од најпрепознатливите полски современи уметнички форми на изразување. Постои повеќе од 120 години, независно дали станува збор за театарски, информативен, филмски, политички или пропаганден материјал. (Н.Р.) |