Без визи само со биометриски пасоши?
Долгонајавуваната одлука на која ќе се препорача укинување на визите за нема да биде соопштена денес, туку утре
Од нашиот дописник Слободанка Јовановска
Брисел - Долгонајавуваната одлука на Европската комисија со која ќе се препорача укинување на визите за Македонија, Србија и за Црна Гора нема да биде соопштена денес, туку утре, и не во Стразбур, туку во Брисел – известија од кабинетите на еврокомесарите Оли Рен и Жак Баро. Она што е поважна вест, иако не може да се потврди моментно со сигурност, е дека таа ќе важи само за граѓаните со биометриски пасоши, нешто што досега не се спомнуваше во преговорите како крајна опција.
Тоа значи дека сите што немаат таков документ во моментов треба да побрзаат ако сакаат од 1 јануари идната година да патуваат на територијата на ЕУ слободно, иако во принцип одлуката звучи апсурдно и треба да се види дали се однесува на сите три земји или ја исклучува Македонија.
Третата неофицијална вест е дека во предлогот на Европската комисија за укинување на визите не се споменува датум за старт на безвизниот режим, иако официјално се зборува јавно за 1 јануари идната година. Затоа, пак, од Србија се бара исполнување на толку комплексни услови, па немањето датум може да го пролонгира рокот за старт на безвизниот режим и за Македонија.
Според она што се дознава од Брисел, бидејќи предлогот се' уште е доверлив документ, во него се бара јасно префрлање на Македонија, Србија и Црна Гора на белата шенген-листа на ЕУ, а последните две откако ќе ги исполнат условите за тоа, временски ограничени до донесувањето на одлуката од Советот на ЕУ, најверојатно, во ноември. Притоа, се предлага Косово, кое со Резолуцијата 1.244 се третира како дел на Србија, да остане надвор од укинувањето на визниот режим, бидејќи не беше ниту дел од преговорите, тоа да не важи, исто така, за пасошите што ќе ги издаде Србија на граѓани со живеалиште во Косово и да се применува само на биометриските пасоши.
Притоа, Белград треба да исполни четири клучни услови, од подобрување на контролата на границата со Косово и соработката со ЕУЛЕКС, борба проти�� корупција и организиран криминал, примена на закон за странци и за миграција, гаранции за безбедност на патни документи и гаранции дека нема да влезат тука и пасошите на граѓани на Косово, нешта што во овој краток рок се тешко остварливи. Европскиот парламент ќе треба наредните три месеци да се изјасни за предлогот и ако ЕК го упати веднаш, тој веќе до 30 ноември би требало да се најде на Советот на министрите и да биде усвоен. |