Ставрески ги ѕида инвестициите што ги нема
Инвестициите во април се главно кредитите што ги зеле фирмите
Соња Маџовска
Околу 33,7 милиони евра странски инвестиции влегле во земјава во април годинава. Тоа ја заокружува бројката од 89,3 милиони евра влезени во Македонија во првите четири месеци од годинава. Странските инвестиции во однос на истиот период од минатата година речиси се преполовени. Тогаш изнесуваа околу 150 милиони евра, е наведено во најновиот статистички извештај на НБМ.
Бројката за инвестирани средства во април навидум изгледа импресивна, доколку се спореди со ниското ниво на инвестиции во првите три месеци, но е поразителна ако се погледне подлабоко. Од инвестициите во април, дури 27 милиони евра отпаѓаат на кредити, што странските компании, кои веќе работат во земјава, ги позајмиле од своите претставништва во странство.
Овие бројки, според економските аналитичари, воопшто не ја даваат реалната слика за влез на странски инвестиции во земјава. А тоа се потврдува со фактот што, наместо во инвестициите да се пресметува само акционерскиот капитал од странство, од минатата година, кога беше направена промена во методологијата на пресметување на странските инвестиции, и кредитите и реинвестираната добивка влегуваат во оваа ставка.
Проблемот е што не станува збор за влез на нови странски инвеститори во Македонија, туку тоа е реинвестирана добивка или кредити што ги зеле странските фирми за потребите на нивното работење во земјава. Доколку во јануари најголемиот дел од инвестициите отпаѓаат на реинвестираната добивка на компаниите, во април најзначајна сума влезена како инвестиција, всушност, се кредити.
Кумулативно, од 89 милиони евра инвестиции за првите четири месеци од годинава, дури 46,2 милиони евра отпаѓаат на кредити, кои странските компании ги позајмиле од своите фирми-мајки.Очигледно фирмите, соочени со проблеми поради кризата и недостиг од свеж капитал, најчесто се решаваат да земат заем за да ја пребродат кризата.
И покрај овие поразителни бројки, во услови кога е извесно оти годинава нема да има нови странски инвестиции, Владата се' уште �� убедена дека и на ова поле добро се држиме. Новиот министер за финансии, Зоран Ставрески, веднаш по назначувањето на оваа функција, многу едноставно ги мултиплицираше инвестициите за првите три месеци од годинава.
„Доколку инвестициите од првите три месеци, 55 милиони евра, се помножат со четири ќе се добие бројка од над 220 милиона евра. Во најголемата економска криза. Во 2003, 2004 година, во златните години кога сите земји пливаа во пари, кај нас се слеваа по 100 милиони евра. Тогаш, дај да споредиме, кои години биле подобри. Инаку, странските инвестиции не се само оние инвестиции во ’Бунарџик‘, туку и инвестиции во веќе постојни објекти“, изјави Ставрески на телевизијата А1.
Тој заборава да каже дека во Македонија не се случи инвестицискиот бум што Владата го најавуваше пред три години. Иако во меѓувреме власта се обиде и со скапи рекламни кампањи, лобирања и со назначување на 21 економски промотор во 19 земји од светот, од големите инвестиции „во најава“ засега останува неоткажана само изградбата на фабриката на „Џонсон Мети“ во „Бунарџик“.
По многу пролонгирања прво се најавуваше дека оваа странска компанија ќе стартува во мај, потоа дојде на ред јуни, а сега најново е оти „Џонсон Мети“ ќе почне со производство во септември, доколку претходно успешно го реализира пробното производство на автомобилски катализатори.
Надлежните за привлекување странски инвестиции се' уште уверуваат дека ниту една компанија не се изјаснила оти се откажува од намерата да инвестира во Македонија, но признаваат дека поради кризата секојдневно плановите за инвестиции се одложуваат. Француската компанија „Монтипе“ го замрзна инвестирањето во земјава. Веќе неколку пати се пролонгираат и инвестициите на словенечка „Искра“, на италијанската компанија „Орланди“.
И натаму се тврди дека јужнокорејската компанија „Тривју“ заедно со кинеската фирма „Хаер“ ќе започнат со градење на фабриката за производство на ЛЦД-монитори во слободната зона, иако тоа требаше да започне во јуни. Во најава останува и инвестицијата на „Шишеџам“ и на хрватски „Агрокор“, кои се оставени за подобри времиња. |