Две ловечки друштва се борат за едно име
Кавадарци - Ловечкото друштво „Тиквеш“ од Кавадарци, кое своите почетоци ги бележи во 1930 година, обвинува дека незаконски е регистрирано ново ловечко друштво со исто име како нивното. Веќе е доставена жалба до Централен регистар, а започнаа и судска постапка.
„Новото здружение го носи истото име ЛД ’Тиквеш Кавадарци‘ што е географска одредница и воопшто не прави разлика од нашето здружение, кое е со долгогодишна традиција, стекнат углед во Кавадарци и во Македонија. Не сме против формирањето нови здруженија, туку против незаконското работење, создавањето забуни кај јавноста и злоупотребата на назив, кој со години е бренд“, рекоа на прес-конференција од ловечкото друштво и обвинија дека основачите на новото здружение биле нивни поранешни членови, кои пред извесен период биле исклучени поради криволовство.
Претседателот на новоформираното ловечко друштво, Васко Иванов, ги оценува обвинувањата од ЛД „Тиквеш“ како целосно невистинити и вели дека функционираат како посебен правен субјект кој битно се разликува од постоечкото друштво.
„Целите и задачите на ова здружение се оградени ловишта и населување дивеч што веќе го нема на нашите терени, нешто што постојното друштво никогаш досега не го направило, ниту, пак, имало капацитет да го направи тоа “, вели Иванов. Тој додава дека сите активности што се преземени во последниов период во постојното ЛД „Тиквеш“ се нелегитимни, како што се свикување собрание, избор на органи, укинување на подружниците. Тој вели дека ниту еднаш не е даден отчет пред ловците како се трошат парите од членарина.
Од постојното ловечко друштво велат дека работат според статутот на друштвото, а поради домаќинско работење, успеале да купат и теренско возило за потребите на друштвото. Одржано било легитимно собрание, а членството претходно било известено преку медиумите за неговото одржување. Ги отфрлаат обвинувањата од новите ловџии, а како доказ дека целокупното работење им е во рамките на законот, ја нудат на увид и целокупната документација. (А.Д.) |