Грк сака да гради фабрика за тули
Иван Бојаџиски
Штип - Јоргос Сапунас, бизнисмен од Лариса, Грција, сопственик на компанијата „Алфа керамика“, која произведува тули, ќерамиди и подни плочки, сака да гради фабрика во Македонија. За таа цел, Сапунас десетина дена во Скопје, Тетово, Гостивар, Охрид, Штип разгледувал можни локации за реализација на своите бизнис-планови, кои сериозно ја вклучувале и Република Македонија.
„Мојата компанија во Лариса е со стогодишна традиција како семеен бизнис на неколку генерации. Во погоните за тули и за подни плочки имаме 120 работници и врвна светска технологија за овој вид производи. Во Македонија со нашето производство сме присутни две години и сме задоволни од тоа како се прифатени тие. Сепак, оценивме дека согласно со нашата развојна агенда најдобро е ако овде изградиме фабрика од каде што нашите производи, освен во Македонија, ќе ги пласираме и во Албанија, Косово, Бугарија и во Србија“, ни изјави Сапунас.
Интересот на овој бизнисмен од соседството во однос на локацијата се задржува на индустриската зона што се уредува во близина на Штип. „Со група соработници бев низ цела Македонија и видов дека овој дел е најнеразвиен, дека тука има најмногу слободна работна сила. Јас сега само очекувам зоната кај Штип да биде уредена до идното лето, па да побараме од надлежните институции во Македонија да добиеме локација под условите што ги најави токму премиерот Груевски“, потенцира Јоргос Сапунас. „Алфа керамика“ е првата странска компанија што најавува интерес за градење производен капацитет во новата зона кај Штип.
Бизнисменот од Лариса вели дека тие и порано ќе дојделе да инвестираат во Македонија, но проблем било тоа што едно се ветувало, а кога ќе посакале да ги интензивираат работите, доаѓале до заклучок дека Македонија немала што да им понуди. „Голема е разликата меѓу ветувањата и реалноста. Сепак, ние се надевме дека зоната кај Штип навреме ќе биде изградена и дека ќе можеме на тој простор да лоцираме фабрика за тули и подни плочки, кои најмногу се барани за хируршки сали и за кујни во ресторани во кои се приготвува храна. Овде сакаме да градиме, бидејќи имаме информации за добри резерви на квалитетна глина во источниот дел на Македонија“, потенцира Сапунас.
|