Број 3190  сабота, 23 јануари 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин
Стил

Site Meter
Култура
Вистинскиот Ван Гог

Во Лондон денеска се отвора изложбата на дела од мајсторот за кого малкумина знаат дека си го отсекол увото поради свршувачката на брат му

Невена Поповска


Изложбата „Вистинскиот Ван Гог: Уметникот и неговите писма“ ќе биде отворена од денеска во Лондон и ќе трае до 18 април. Изложбата претставува резултат на проектот во кој 15 години музејот „Ван Гог“ и институтот „Хигенс“ при Кралската холандска академија за уметност вршеа истражувања на преписката на уметникот и на неа ќе бидат изложени над 35 писма, кои ретко се покажуваат во јавноста поради нивната трошност, но во нив има објаснувања за голем број од 65 слики изложени покрај нив. Писмата во кои се содржи земското - како неговите описи на одреден вид молив - и поетското - кога ги опишува водите на Средоземното Море како „исшарани“ и „секогаш променливи“ создаваат една поинаква претстава за Ван Гог како чуден и измачен гениј.

Најпознат податок што ни доаѓа на ум кога ќе се спомене името на Ван Гог е тоа дека си го отсекол увото. Најчесто употребуваната верзија за мотивот на овој чин е дека уметникот сакал себеси да се казни поради тоа што во момент на растројство се обидел да го убие Гоген. Но, во поново време се појави верзијата дека Винсент Ван Гог си го отсекол увото затоа што неговиот брат Тео, кој претставувал исклучително важна фигура во неговиот живот, се верил! Ова го тврди историчарот на уметност Мартин Бејли во „Art Newspaper“, кој е автор на книгата за Ван Гог и две изложби со негови дела. Холандскиот сликар бил финансиски и емотивно зависен од својот брат и не можел да поднесе дека неговиот брат ќе се ожени и ќе има сопствен живот. Бејли ја развива оваа теорија врз основа на деталното истражување на писмото, кое се гледа на сликата што ја насликал Ван Гог набргу откако се повредил. Станува збор за сликата „Мртва природа: цртачка штица со лак“, која е завршена во почетокот на 1889 година, еден месец откако уметникот се саморанил. Ова ќе биде и клучното платно на изложбата што ќе се отвори денеска во Лондон. На сликата меѓу свеќата, главиците лук, тутунот и лулето е прикажан и плик, кој Бејли го проучувал со микроскоп и во поштенскиот жиг го пронашол бројот 67. Тоа било тогашната нумеричка ознака за канцеларијата на поштата на Place des Abbesses, која се наоѓала во непосредна близина на станот на Тео на Монмарт.

На обвивката се забележува и пригодна маркичка на која пишува - Нова година. Парискиот музеј потврдил дека во втората половина на 19 век таква поштенска марка била во оптек во периодот од средината на декември до Нова година. Бејли е уверен дека Ван Гог намерно го вклучил и пликот во сликата, токму затоа што ова писмо му било мошне важно. Историчарот смета дека Тео го напишал писмото во Париз во 1888 година и во него го известува својот брат за свршувачката. Тоа, според Бејли, го докрајчило Винсент. „Се исплашил дека можеби ќе ја загуби материјалната и емотивната потпора - својот брат“, заклучува Бејли.

Тео имал обичај секој 23 ден во месецот на својот брат да му испраќа пари, а некогаш го правел тоа и двапати месечно. Од писмото што Винсент му го испратил на својот брат на крајот од јануари 1889 година, се гледа дека „итно му се потребни пари“. Писмото на сликата, во кое Тео го известува Винсент дека ја побарал за жена својата девојка Јохана Бонгер, наводно, не било наменето за Винсент. На него стои датум 21 декември 1888 година и Тео, всушност, и' го напишал на мајка си, барајќи од неа дозвола да се ожени. „Следниот што требало да биде информиран за свршувачката би бил Винсент“, објаснува Бејли.

Во едно друго писмо што Тео и' го напишал на свршеницата се споменува неговата посета на Винсент на Божик. Откако разбрал за повредата што самиот си ја нанел, Тео го посетил Винсент и и' напишал на Јохана: „Кога те споменав на Винсент, тој очигледно знаеше која си и што мислев, а кога го запрашав дали се сложува со нашите планови за во иднина, рече дека на бракот не би требало да се гледа како на основна цел во животот“.

Многумина повеќе од еден век се обидувале да откријат што, всушност, му се случило на Ван Гог кога во пресрет на Божик во 1888 година кога во емоционално растројство си го отсекол увото. Се говореше дека неговото сакатење е резултат на менталната болест, некои сметаа дека сликарот се отрул од оловото на своите платна, други, пак, сметаа дека и онака емотивно нестабилен бил докрајчен од расправијата со Гоген итн. Двајцата сликари заедно живееле кусо време во Арлес и заедно твореле во природа. Но, набргу се покажало дека не можат да функционираат заедно и една вечер дошло до расправија, а Ван Гог, душевно растроен, се обидел да го убие Гоген. Отсеченото уво им го однел на проститутките. Набргу потоа бил сместен во психијатриска установа каде што манијакално цртал и сликал.

Во поново време професорите од Универзитетот во Хамбург тврдеа дека увото му го исекол Гоген откако се скарале за проститутка по име Рејчел, но оваа теорија била отфрлена од страна на музејот „Ван Гог“ во Амстердам и од самиот Бејли.

Меѓу другото, се претпоставува и дека Ван Гог пател од шизофренија и манична депресија. Две години откако си го отсекол увото одел на терапија кај докторот Пол Гачет, за кого на својот брат ќе му напише дека „смета дека е поболен од него“. Некои тврдат дека доктор Гачет ги лекувал своите пациенти со црвен напиток, при што пациентите се околу себе гледале жолтеникаво и се смета дека токму ова растение влијаело на Вангоговата перцепција на жолтото и неговите последни дела.

Лекувањето кај доктор Гачет не дало никакви резултати и борејќи се со паничното нарушување, 37-годишниот Винсент Ван Гог си пукал во градите на сред поле. Умрел два дена подоцна во кревет, како резултат на повредите. А шест месеци подоцна умира и неговиот брат Тео Ван Гог.

„Општото мислење за него е дека бил малку луд, неразумен уметник, кој сликал многу брзо и спонтано. Тој навистина сликал многу брзо, меѓутоа многу се подготвувал за делото и мислел на него уште пред да ја стави бојата на платното", вели кураторот на изложбата во Лондон, Ан Дима.

Ван Гог бил обземен од неговата уметност и бил подготвен да работи напорно за да ги завладее техниките на перспектива, боја и сликање на човековото тело. „Колку и да сакам пејзажи, ги сакам телата“, напишал тој. „Тоа е сепак, најтешкото“.

Кога бил критикуван за неговата слика „Јадачи на компири“ вложил двојно поголеми напори да ги прикаже верно луѓето, проучувајќи ги жените што копале компири и со јаглен правел цртежи на рацете на земјоделците во време на жетвата. Во неговите писма се открива и како тој се мачел со перспективата, за која напишал дека му се чинела како „искрена магија или случајност“. Го делел платното со жици закачени преку него и така можел да црта и да слика „со молскавична брзина“. Дури при крајот на неговиот живот писмата откриваат човек, кој очигледно бил попреокупиран со занаетот отколку со своите лични и психички демони. Неколку дена пред неговата смрт му напишал на Тео: „Им се предавам на моите платна со целото мое внимание“. Во последните 70 дена од неговиот живот, според Кралската академија, уметникот насликал над 70 платна, многу од нив се од неговите најценети дела. Сево ова наспроти стравот дека неговата уметност не напредувала како што сакал тој.

Незавршеното писмо што Ван Гог го имал кај себе кога се самоубил во 1890 година, е исто така, изложено заедно со белешка од Тео напишана со молив во која пишува „писмото беше со него на 27 јули, тој ужасен ден“.

Генијалното во оваа изложба е што самиот уметник ни раскажува со негови зборови да погледнеме уште еднаш и да го видиме она што е навистина таму, а не она што го додала нашата фантазија.


#
Статијата е прочитана 402 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Култура
И публиката кршеше јајца заедно со Нехат Беќири