Шврговски: За „кингерот“ добивме се' од Босна!
Обвинителството е изненадено од барањето на премиерот Груевски
Обвинителството е изненадено од барањето на премиерот Никола Груевски упатено до Босна - да се отвори досието за Борис Трајковски. Ова било договорено меѓу двајцата премиери, Груевски и Шпириќ, на завчерашната средба во Сараево, кога било побарано на македонските власти да им се овозможи пристап до сите материјали од истрагата за трагичната авионска несреќа во која почина претседателот и осумчлениот екипаж.
„Нема нови докази, кои би овозможиле да се отвори нова истрага за авионската несреќа. Досега, се' што сме побарале како документ од нашите колеги во Босна ни било доставено и немаме информации дека има нешто за што не знаеме“, изјави вчера за „Утрински весник“ државниот јавен обвинител, Љупчо Шврговски.
Првиот човек на македонското обвинителство се' уште ги чека и новите докази што ги најави уште пред неколку месеци швајцарскиот парламентарец Андреас Грос. Тој тврдеше дека постојат докази за убиството на експретседателот Борис Трајковски и тие наскоро ќе излезат во јавност. На една од последните сесии на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Грос излезе со убедување дека падот на авионот не бил несреќен случај, туку оти станува збор за убиство.
„Јас сум убеден дека станува збор за убиство, а тоа го темелам врз нови информации, за кои се' уште не можам да зборувам. Ова мое лично тврдење се темели и врз познавањето на неверојатните противречности, кои логично водат до хипотезата за убиство“, изјави Грос во интервјуто за Дојче веле. Тој, иако најавуваше дека наскоро ќе ја посети Македонија за да разговара со лицата кои ги пронашле новите информации, тоа се' уште не се случи.
Се' дотогаш е во сила официјалната верзија на целиот трагичен настан од 26 февруари 2004 година, а кој е оквалификуван како несреќен случај.
Босанската комисија што ја водеше целата истрага утврди дека причините за несреќата се „човечки фактор“. Во извештајот беше наведено дека станува збор за повеќе процедурални грешки кај екипажот на македонскиот авион во пристапот за слетување на аеродромот во Мостар, како и недоволна професионална соработка меѓу двајцата пилоти во пристапот за слетување на мостарскиот аеродромот, кои довеле до удирање на авионот во терен. Покрај тоа, во извештајот биле нотирани и други фактори кои најверојатно влијаеле на несреќата: несоодветна подготовка на екипажот за летот, некористење на контролните листи во фазата на приоѓање кон аеродромот, недоволна професионална соработка на членовите на екипажот во текот на летот. Како што се наведува, одлуката на екипажот да слета на аеродромот со долна база на облаци пониска од висината кога треба да се види полетно-слетната патека, била кобна за несреќата. (Г.Д.) |