Милошоски не верува во Хаг
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, во интервју за грчката телевизија Скај порача дека времето не е сојузник ниту на Македонија ниту на Грција, бидејќи едната не добива поддршка за влез во ЕУ, а другата го урива својот имиџ на сериозен лидер во регионот.
Според новинарите на Скај, ова е прва изјава на претставник на македонската Влада што може да влее надеж за решавање на името, иако Милошоски, и покрај тоа што најдолго е министер за надворешни, не постигнал некој видлив напредок. Изворите на Скај велат дека е можно да постои таен канал преку кој комуницираат Никола Груевски и Јоргос Папандреу за наоѓање решение, но дека тој канал сигурно не се двете министерства за надворешни работи.
„Во Скопје преовладува ставот дека ако има шанси за решение, тоа би можело да биде во првите шест месеци од 2011 година“, коментираат од Скај, која важи за една од посериозните грчки телевизии.
Милошоски е постојано критикуван од грчка страна за изјавите што ги дава, со оцени дека не се во конструктивен дух и се сосема спротивни на тврдењата оти Македонија сака брзо решение на спорот за името. На забелешка на грчкиот новинар за коментарот на македонскиот министер кон грчкиот претседател Каролос Папуљас, во кој ја нарекува неговата политика „застарен национализам“, Милошоски одговара дека е логично толкувањето на изјавите да биде еднострано и критички настроено во Грција. „Се подразбира дека во тие услови не очекувам да бидам кандидат за Нобелова награда за мир во грчките кругови“, признава македонскиот министер за надворешни.
Околу тужбата во Хаг, за која во Грција преовладува став дека е единствена шанса за мала победа во спорот за која се држи македонскиот премиер Никола Груевски и главна причина поради што тој го одолговлекува решението, Милошоски излезе со спротивен одговор.
„Не сметаме дека случајот во Хаг е адут за спогодување и пазарење во преговорите за името“, изјави Милошоски, дополнувајќи дека тужбата не е политичка одлука, туку правна. Зошто Македонија толку инсистира на идентитетските прашања, се интересираше Скај, а министерот одговори: „По ветото на Самитот на НАТО во Букурешт почувствувавме дека од грчката влада има поголем притисок на темата за идентитет. Оттука добивме поголема желба за промовирање на македонскиот идентитет во поширок спектар. Промовирањето на македонскиот идентитет може да се смета дека е последица на овој грчки притисок и негирање на идентитетот“.
Според него, двете страни пропуштиле шанса за решавање на спорот во периодот 1999-2000 година, бидејќи во тие години имало приближување на ставовите и, конечно, меѓусебно разбирање.
Во прилогот на Скај се разгледуваа и неколку случаи на Македонци што ги бараат имотите во северна Грција. Според Скај, проблемот лежи во тоа што за Грција барањето за имотите треба да биде индивидуална работа, а не колективна. |