Од новиот модел на плаќање трие раце само Здравствениот фонд
Лекарите се жалат дека цените на одредени дијагнози се прениски
Јасмина Јовановска
Од новиот модел на финансирање на болниците и на клиниките, според т.н. ДСГ-систем (дијагностички сродни групи), засега ќар имаат единствено државата и здравствената каса. Односно, со групирање на болестите во групи, со една цена во добивка е само Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Од она што може да се види во практиката, за две години од воведување на новиот модел на плаќање, освен пократок просечен болнички престој, пациентите со ДСГ-системот не добија ништо друго. Иако е ваков впечатокот на поголемиот број лекари во болниците и клиниките, здравствените власти и директорите на здравствените установи, на вчерашниот форум на сумирање на резултатите од ДСГ-системот, сепак, го пофалија моделот. Тие, сепак, се согласија дека цените на одредени дијагнози се прениски, но оцената беше дека системот има свои предности.
„Со системот на дијагностички сродни групи може да се планира колку, како и што, односно да се предвидат кои се најдобрите бројки на болницата за да се испланираат обемот и видот на услугите. Може да се пресмета просечниот број болнички денови. Според изнесените податоци, Македонија во споредба со Словенија и со Хрватска, односно со регионот, се наоѓа на средината во однос на стандардите за болнички престој“, истакна деканот на Медицинскиот факултет, Никола Јанкуловски. Просечен болнички престој по пациент во Македонија е 6,25 дена, во Хрватска 7,5 дена, а во Словенија 4,5 дена.
Како дигестивен хирург, д-р Јанкуловски смета дека не се сите цени на дијагнози реални, но не посочи конкретно. Тој тврди дека ДСГ-цените на услугите не се конечни, како што не е ни ДСГ-системот.
„Системот не треба да се сфаќа како крут модел, туку како систем што ќе се надградува постојано и напредува во функција на квалитетна здравствена заштита. Цените постојано треба да се приспособуваат според потребите, Исто така, треба да се види како функционираат болниците со овие цени и да се направи анализа каде да се коригираат цените“, појасни д-р Јанкуловски.
И директорот на Градската хируршка клиника „Св. Наум Охридски“, д-р Виктор Камиловски, се согласи дека цените на некои дијагнози се прениски. „Некои цени се поголеми од реалните, а некои треба да се коригираат. Операција на колк е 60.000 денари со вклучен материјал, анестезија, операција, но има некои дијагнози кои се прениски“, рече д-р Камиловски, но не обелодени за кои дијагнози цените се ниски. На прашањето како клиниката успева да опстојува и како се покрива минусот, д-р Камиловски рече дека со дијагнозите кои се претплатени се компензира таму каде што цените се прениски, зашто клиниката добива годишен буџет и во тие рамки се распределуваат доделените средства. Тој се согласи дека со ДСГ-системот се штеди, но само во смисла дека средствата се даваат тогаш кога навистина му се потребни на пациентот. Според него, со ДСГ-системот не само што се прави контрола на болниците, туку пациентот, конечно, знае што ќе добие за издвоениот здравствен денар.
Според директорката на ФЗО, Маја Парнарџиева-Змејкова, со овој систем во македонското здравство на некој начин е заокружена секундарната здравствена заштита. Таа го оцени ДСГ-проектот како успешен. „Овој систем, кој е од огромно значење, овозможува одговорност и квалитетно работење. ДСГ-системот е комплексен проект кој континуирано треба да се развива и надградува“, додаде Парнарџиева-Змејкова.
„Плаќањето по дијагностички сродни групи е најдобриот модел на финансискиот пазар на здравствените системи во Европа и претставува транспарентна основа за финансирање“, рече ресорниот заменик-министер Владимир Поповски. |