ЛАМБЕ АЛАБАКОВСКИ
Со солистичкиот концерт – положен најтешкиот испит
Со баладата „Лесно не ми е“, Ламбе Алабаковски го започна својот прв самостоен (хуманитарен) концерт, што се одржа во саботата, на 28 ноември, во Универзалната сала во Скопје. Оваа песна беше и своевидна артикулација на чувствата на Ламбе на отворањето на двочасовниот концерт.
„Точно пред пет години, токму на оваа сцена бев избран од вас. За тие години поминав низ многу убави моменти. Учествував на многу фестивали и концерти во земјата и во странство, но имав и многу тешки моменти, кои ги пребродив благодарение на вас, мојата публика. Мило ми е што успеав да стигнам довде. Ова за мене претставува еден од поголемите испити кои треба да ги положам пред најстрогиот професор - тоа сте вие. Не ми е лесно, но полесно ми е кога ве имам вас“ беа зборовите со кои Ламбе и' се обрати на публиката.
Потоа следуваа хитовите од неговите два албума:, „Научи да се радуваш“, „Спаси ме“, „Бело е се'“, „Каде песно моја“, „Си одам“„Како сакаш сфати ме“, „Да не те љубев“, „Кажано е се'“, „Море од солзи, „Ех да можев да го вратам времето“, „Земјо моја“, „Да не те љубев“... Неуморната публика, меѓу кои во најголем број беа деца и тинејџери, се смееше, пееше на секој отпеан хит на Ламбе, а не изостануваше ни громогласниот аплауз кој можеше да се слушне се' до самиот крај. Пријатната атмосфера исполнета со многу силни емоции, насмевки и позитивна енергија, која како зараза се ширеше во целата просторија, не можеше да ја наруши ниту неколкуминутниот прекин на електрична енергија.
Гости на Ламбе му беа неговите колеги: Јован Јованов, Тони Зен, Елена Ристевска, Врчак, Некст Тајм, како и композиторите Славе и Дарко Димитрови.
Со Јован и Тони Зен, Ламбе го отпеа хитот „Итно ми требаш ти“. Елена и Врчак го придружуваа во изведувањето на „Некои други светови“. Елена самостојно, првпат пред публиката го изведе својот нов сингл „Доста“. Младите момчиња Стефан и Мартин од „Некст тајм“ ги отпеаја своите хитови „Кога лажеш каде гледаш“ и „Ме остави сам“.
Концертот финишираше со изведбата на народната песна „Јовано Јованке“, а со Ламбе на сцената се појавија и четири девојки, облечени во народни носии, кои танцуваа со бели платна во рацете.
Ламбе на концертот настапи со бендот на Тоше Проески, а придружни вокали беа Ана Костова, Маја Сазданова и Нина Јанева.
Собраните средства од продажбата на билетите ќе бидат донирани за обновувањето на опожарениот манастир „Св. Јован Бигорски“. (С.П.) |