Поглед
Слалом низ Охрид
Веле Митаноски
Охриѓани и многубројните гости веќе петти ден возат слалом откако во петокот беа отворени ударните дупки од оштетената асфалтна подлога на централната сообраќајница во градот - Туристичкиот булевар. Дури завчера почна крпењето на ударните дупки, така што сообраќајницата се' уште не е оспособена за нормално одвивање на сообраќајот по целата должина.
Од локалната самоуправа велат дека булеварот е дел од меѓународната сообраќајница до Свети Наум и натаму кон Албанија и дека не е во нивна, туку во надлежност на централните власти. Ама како тоа да им се објасни на охриѓани, а особено на домашните и на странските гости? Зошто и тие би се заморувале со поделените надлежности, кавгите, нетрпеливоста и меѓусебните подметнувања на „локалците“ од Охрид и „централистите“ од Скопје.
Градоначалникот на Охрид тврди дека Македонија е најцентрализираната земја во Европа, но таа дебата е за домашна употреба, а не за меѓународна!
Како и да е, не требаше возачите да бидат ставени во ситуација пет дена да возат слалом. Ај што е несфатливо ударните дупки да се крпат среде главната сезона, ама уште е понесфатливо - да се раскопаат и така да се остават неколку дена, како што го направи тоа јавното претпријатие „Македонија пат“.
Зошто беа потребни пет дена за да се закрпат ударните дупки и,ако тоа веќе морало да се прави среде главната туристичка сезона, зошто работите не се извршуваа и ноќе? Вака, оставена е грда слика за македонскиот туристички и културен бисер и е испратена многу лоша порака во светот. Во Охрид престојуваат многу гости од странство и моментално се одржуваат повеќе културни настани од меѓународен карактер. |