Собранието нема веднаш да ги вади жешките костени
Парламентот од денеска ќе има прилично набиена агенда, но, засега, на неа не се Анкетната комисија и Деловникот
Оливера Војновска
По тринеделниот одмор, пратениците од денеска ќе им се вратат на редовните работни обврски. Собранието неделава ќе има прилично набиена агенда, најавени се четири пленарни седници, а ќе заседаваат и десетина комисии. Но, двата жешки костена: Деловникот и Анкетната комисија, која треба да го расветли инцидентот од 1 јули и до крајот на септември да достави извештај пред Собранието, засега, не се на приоритетната листа на парламентот. А токму тие две работи (преку кои ќе се оценува напредокот во политичкиот дијалог) се битни за есенскиот извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ.
На состанокот на Советот за стабилизација и асоцијација во јули не успеавме да покажеме дека се подобрува политичката клима во земјата. Анкетната комисија се основаше во пет минути до 12 часот, а Деловникот беше ставен на седница без согласност од опозицијата. СДСМ се налути, бидејќи не се прифати нивното барање да се формира посебно собраниско тело за контрола на трошењето на државните пари. Сега опозиционерите велат дека на потег е власта, која, според нив, треба да покаже дека искрено сака да донесе Деловник со консензус.
Потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули од СДСМ, вели дека власта не може да продолжи со ароганцијата и целосното игнорирање на барањата на опозицијата. „Собранието мора да донесе Деловник со консензус. Исто така, мора да се имплементира и Законот за парламент, што подразбира надзорни расправи за контрола на работата на Владата. Мнозинството не може да е избега од овие обврски, се разбира, доколку сака да ја поправи сликата за парламент��т и да покаже дека функционира на демократски принципи“, смета Макрадули.
Но, ситуацијата се комплицира, бидејќи расправата за измените на Деловникот предложени само со потписите на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е целосно завршена, а седницата е прекината пред чинот на гласањето. Тоа значи веќе не може да се интервенира во текстот во случај да се постигне консензус за Деловникот. Туку, треба да се предложат нови измени на Деловникот.
Од друга страна, измените на Деловникот предложени од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не можат да се повлечат (бидејќи се стасани до гласање). За нив има две опции: едната е седницата да остане незавршена (што е поверојатно), а другата е ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да гласаат против Деловникот што сами ги предложија, што е нелогично.
Првата конститутивна седница на Анкетната комисија, пак, чиј претседател е Хајрула Мисини од ДУИ, а нејзини членови се Илија Димовски и Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ, Менде Диневски од СДСМ и Соња Мираковска од НСДП, се' уште не е закажана. Во изјавата што ја даде по донесувањето на одлуката за формирање на Комисијата, Мисини рече дека таа ќе биде попродуктивна ако работи на затворени седници, што е неприфатливо за опозицијата. Оттаму инсистираат на јавни, отворени седници на анкетарите.
Макрадули очекува од Анкетната да го потврди „признанието на ВМРО-ДПМНЕ искажано за време на интерпелацијата на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска“. „ Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Цветко Грозданов јасно кажа дека немало барање од спикерот Трајко Вељаноски во парламентот да се шетаат вооружени лица во маички и без ознаки.
За тоа воопшто не знаела ниту Јанкулоска, туку барањето го доставил заменикот на Одделението за внатрешно обезбедување на Собранието. Грозданов фактички призна дека е прекршен член 43 од Законот за парламент, поради што Вељаноски треба да носи одговорност. Исто како и Јанкулоска, бидејќи со тоа што заменик-началник повикал дополнително обезбедување во Собранието, прекршен е и Законот за полиција. Убеден сум дека тој го сторил тоа по барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои се исплашија од стечајците“, смета Макрадули.
Анкетната комисија беше формирана на 26 јули и таа во рок од 60 дена на парламентот треба да му достави извештај за инцидентот меѓу пратениците од опозицијата и собраниското обезбедување. |