Продолжува лекарскиот егзодус
Од државното здравство си заминуваат во приватното еден неврохирург и еден пластичен хирург
Јасмина Јовновска
Хируршките клиники деновиве се соочуваат со нов одлив на кадар. Клиниката за неврохирургија ја напушта еден специјалист, а истакнат хирург во приватното здравство си заминува и од Клиниката за пластична хирургија. Има најава дека од државното во приватното здравство ќе си заминат уште тројца лекари од другите хируршки клиники.
По септемврскиот масовен одлив на медицински кадар кога заминаа околу стотина вработени од државните во приватните болници, на клиниките и натаму речиси секој месец си заминува по некој лекар или медицинска сестра. На Неврохи��ургија за половина година си заминаа тројца лекари. И покрај ваквата состојба, раководството на Неврохирургија тврди дека засега немаат никаков проблем со функционирање на клиниката.
„Иако, не напуштија двајца искусни лекари и еден специјалист немаме проблем со исполнување на условот да бидеме клиника. Има уште шестмина професори. Единствен проблем е што можеби почесто ќе дежураат лекарите“, објаснува д-р Александар Чапаровски, директор на Клиниката за неврохирургија. Тој не открива колку често ќе мора да дежураат лекарите. Д-р Чапаровски е категоричен дека кај нив нема да се зголемат листите на чекање за пациентите, зашто практично на нивната клиника немало такви листи на чекање. И д-р Смиља Туџарова, директорка на пластична хирургија, тврди дека нема да има проблем со заминувањето на нивниот колега. „Нема да се одрази тоа ни на стручно ни на професионално ниво. На клиниката има еден професор, двајца доценти, а уште три докторати се во постапка. Тие треба да бидат завршени за една година“, објаснува д-р Туџарова.
Лекарите велат дека сево ова треба да биде добра опомена за државата, бидејќи доколку продолжи со ваквото темпо заминувањето на кадар од државните клиники, ќе се појави сериозен проблем, а тоа особено ќе се почувствува за пет-десет години. Клиниките ќе останат без квалитетни доктори, а нововработените ќе нема и кој да ги едуцира. А за тоа ќе треба да поминат најмалку 10 години.
Затоа државата треба да направи добра стратегија, велат лекарите.
„Државата треба да има стратегија. А од друга страна, да не се отвораат толку многу приватни болници. Треба да се најде начин и како да се задржат лекарите во јавното здравство, да им се покачат платите или, пак, да има некои други стимулации за нивната работа. Треба да се зголеми и стажот на специјалистите на клиниката каде што специјализираат. На пример, ако сега специјаластите се обврзани да останат најмалку пет години, по специјализацијата, тој стаж треба да се зголеми на 10 години“, предлага д-р Чапаровски.
За да се спречи одливот на кадар, Министерството за здравство направило увид на терен во секој регион за дефицитарен и суфицитарен медицински кадар во здравствените установи. „По деталното скенирање на состојбата, информацијата беше доставена до Владата заедно со конкретни препораки за решавање на овој континуиран предизвик“, објаснуваат од Министерството, но оттаму не откриваат кои се препораките.
Сепак, за министерството нормално било да има движење на кадарот кога во државата паралелно функционира јавно и приватно здравство, што според нив е позитивно бидејќи ја зголемува конкурентноста и квалитетот. Флуктацијата на кадарот за министерството е двонасочен процес зашто истовремено со заминувањето на одреден број лекари од јавното здравство во приватното, има стручен кадар, кој од приватното здравство доаѓа во јавното здравство. Но, каде има обратно движење на кадарот, од Министерството не посочуваат.
Оттаму велат дека активно работат на подобрување услови за работа, за што во тек се сериозни проекти за реконструкција на болниците. Во тек е и набавка и инсталирање на најсовремена медицинска опрема која ќе му овозможи на кадарот поефикасна и поквалитетна работа. „Работиме и на зголемување на ефикасноста преку компјутеризација на болниците и целокупниот здравствен систем, а со тоа и на промена на вреднување на вложениот труд“, објаснуваат од Министерството. Но, сите тие проекти се уште не се завршени, а плаќањето по остварување, за лекарите не беше добро дефиниран и затоа не го прифатија. |