Број 3380  понеделник, 13 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Site Meter
Македонија

Во Кавадарци се славеа грозјето и виното

„Тиквешки гроздобер“ се одржа по десетти пат

Ангел Данов



КАВАДАРЦИ - Над 20 карневалски поставки и повеќе од 300 учесници беа дел од карневалот на возобовената стопанско-туристичка и културна манифестација „Тиквешки гроздобер“, што викендов по десетти пат од возобновувањето се одржа во Кавадарци. За бериќетна година, многу род и пристојни цени за грозјето наздравија кралот и кралицата на гроздоберот.

Продефилираа симболите на градот, преку маски беа претставени грозјето и виното. На гроздобер беше и Тито со своите војници, а лозари-пирати лути поради уништувањето на лозарството сечеа глави на седумглаво чудовиште. На карневалот имаше маски и од гостите од Струмица, Прилеп, Хрватска, Словенија, Србија и од Бугарија. Над десет илјади гости и покрај дождот останаа до крај на карневалската процесија, по што следуваше спектакуларен петминутен огномет и концерти на „Парти брејкерс“ и Дани Димитрова.

Голема атракција бе��е трката со магариња во центарот на Кавадарци, што прв пат се одржа годинава. Учествуваа пет натпреварувачи, а првите тројца добија парични награди. Вкупниот фонд изнесуваше 300 евра. Првото место го освои Ѓоре Дурев, кој покрај паричната награда доби и златен медал.

За време на празнувањето се дегустираше вино, а се пиеше и тиквешка „жолта“. Локалните кафулиња и ресторани служеа вино и ракија по набавни цени. Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, препорача да се пие што повеќе вино и ракија место пиво. „Оваа година се обидуваме со истиот буџет, колку што беше и ланскиот, да постигнеме повеќе. Забавниот дел беше доверен на продукциска куќа, а музичката програма за ’Вински боемски фестивал‘ ја финансираа винарските визби“, изјави градоначалникот Панов.

Манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ годинава изобилуваше со промоции, музички настани, изложби. Не изостана и традиционалната кавадаречка серенада. Градоначалникот и Советот на Кавадарци заедно со локален Музеј-галерија организираа изложба на тема „Тиквешки гоздобер и карневали“, а беше опфатен периодот од 1964 до 2009 година.

За одржување на манифестацијата годинава беа потрошени над два милиона денари. „Тиквешки гроздобер“ е продолжение на долга и богата традиција, која на овие простори се одржувала уште од античка Македонија. Производството на грозје и вино во овој крај има длабоки корени. Античките Македонци и Старите Римјани со голема љубов и умешност ја развиле и одгледувале виновата лоза, за што сведочат бројни археолошки артефакти. Лозарството продолжило да се развива и во средниот век, а главни центри биле црковните и манастирските имоти, каде што се правело најубавото вино. Со доаѓањето на Турците лозарството стагнира, бидејќи со Коранот била забранета употребата на алкохолни пијалаци.

Кавадарци оправдано може да се пофали дека е најголем производител на грозје и вино во Македонија и еден од најголемите на Балканот. Идејата за организирање „Тиквешки гроздобер“ ја дал менаџерот на групата „Мањифико“, Борис Низамовски, во февруари 1964 година, инспириран од една слична гроздоберска манифестација во Дижон, Франција. Токму тоа било и основната причина поради која општинското раководство на Кавадарци во 1964 година го организира првиот „Гроздобер“. Од 1981 до 1995 година, поради финансиски, организациони и технички причини, „Тиквешки гроздобер“ не се организира. По скромниот обид во 1996 година да се обнови гроздоберот, во 2000 година градоначалникот и Советот донесуваат одлука манифестацијата да биде традиционална.


#
Статијата е прочитана 608 пати.

Испрати коментар

Од: Дарко Петров
Датум: 13.09.2010 12:15:06
Во Кавадарци се славеа грозјето и виното ...... со пиво!

Најди! во Утрински
Македонија
Монасите на Бигорски манастир во нови ќелии