Брoj 2777  вторник, 02 септември 2008
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска

Претходен број


Site Meter
Едиторијал

Едиторијал

Фудбалот опасен за живот

Миодраг Мицковиќ

Ќе има ли крај на овие неконтролирани дивеења на навивачите на нашите терени? Кога еден обичен навивач ќе може да дојде на стадионот со синот, ќерката, со пријатели мирно и спокојно да ги следи натпреварите, без да му се „параат“ ушите со разни невкусни навивања обоени на национална основа. Да се плаши дури и за својата безбедност, бидејќи фудбалот на терените во Македонија стана опасен за живот.

Поинаку не можеме да го објасниме сето она што се случи по средбата меѓу Вардар и Ренова и на второлигашкиот меч меѓу Локомотива и Слога Југомагнат, кој дури мораше да биде прекинат повеќе од 20 минути за да бидат заштитени оние, вистински љубители на фудбалот, од дожд од камења со кои беа опсипани од разни неодговорни навивачи, вистински силеџии.

Гледаме и се прашуваме: зошто не може да биде како во италијанското, шпанското, англиското првенство, каде што се пеат песни, каде што никој и не помислува да го навреди противникот, почитувајќи го оној познат спортски кодекс - сите почести и за победникот и за поразениот.

Имавме можност да видиме и една бескомпромисна борба за медали, за добар пласман во изминатите дваесетина дена на Олимписките игри, да се воодушевуваме со една прекрасна глетка проткаена со аплаузи, честитки, бакнежи, прегратки....

А кај нас, тепачките, вулгарностите, интервенцијата на полицијата, еден невиден гнев на одделни навивачки групи, за жал, е веќе секојдневје. Како да нема крај на тие инциденти кои ја загрозуваат не само регуларноста на првенството туку се закануваат уште повеќе да ги разнишаат меѓуетничките односи во нашата се' уште кревка, самостојна држава.

Многупати сме пишувале за дивеењата на навивачките групи, но безуспешно, сето тоа беше истрел во празно. Клубовите како да станаа заложници на своите навивачи, како да стравуваат од нив. Ниту еден клуб не се јави јасно и гласно да каже дека таквите навивачи не му се потребни, дека им го уриваат угледот.

Свесни сме дека тие не можат без навивачи, но не вакви кои уриваат се' пред себе, кои не размислуваат на последиците со своите варварски испади, палења на државните знамиња, навреди на национална основа, веќе оглувевме од тој репертоар на пцости и навреди што ги слушаме на нашите стадиони.

Клубовите и натаму продолжуваат да ги водат навивачите на патувањата, да им плаќаат не само автобуски туку и скапи авионски билети, хотели, да им обезбедуваат јадење, навивачки реквизити...

А како тие им враќаат, со инциденти, тепачки, често и со резилаци на патувањата, бидејќи сме биле сведоци на кражби во фри-шоповите, дури и нивното притворање во странство.

Нешто навистина ќе мора да се стори, да се сопре тоа дивеење на тие навивачки групи наречени „Комити“, „Шверцери“, „Чкембари“, „Балисти“, „Мајмуни“... Стравуваме дека нивните вулгарни и уривачки однесувања можат да донесат потешки последици и за државата, да се направи поголем јаз во меѓуетничките односи. Да не заборавиме дека таа спортска нетрпеливост меѓу навивачите на клубовите носи и етничка нетрпеливост, нетолерантност што може да биде мошне опасно ако сето тоа не се сопре во корен додека не биде доцна.

На потег се сите, од клубовите, Фудбалската федерација на Македонија, полицијата, најмногу и родителите кои како никогаш да не се прашале што работат нивните деца на стадионите.

Потребна е поширока општествена акција за конечно и ние да гледаме фудбал без инциденти, тепачки, пцуења, вулгарности, да не стравуваме за својот живот на трибините.

 


Статијата е прочитана 532 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Барај со НАБУ
Едиторијал

Соопштение
Поради годишни одмори, од 25 август до 15 септември, ќе се објавуваат само коментарите пристигнати до 17 ч.