Ни евро од Градската канцеларија во Брисел
И по девет месеци од отворањето, нема конкретни резултати од работата на Канцеларијата
Деспина Трајковска
Во градската каса досега не се слеало ни едно евро од Канцеларијата во Брисел, иако изминаа девет месеци откако таа беше отворена со цел да лобира за добивање европски пари за локални проекти. Освен што остварила контакти со телата на Европската унија и со сличните фондови, Канцеларијата се' уште не била во улога на посредник на финансии со кои би се реализирале проекти на Град Скопје или на некоја од македонските општини.
Маја Балевска, задолжена за лобирање, чие назначување крена прашина во јавноста, од Градот добила повеќе предлог-идеи за проекти планирани да се реализираат со пари од фондовите на ЕУ. Градските власти велат дека постапката на лобирање е почната, а во меѓувреме се остваруваат и се прошируваат досегашните контакти на Канцеларијата. Инаку, извесен период Канцеларијата реализирала активности поврзани со неопходното канцелариско и административно уредување на просторот.
„Од страна на ЗЕЛС беше објавена јавна постапка за вработување на советник-асистент за координација на активностите на Канцеларијата за комуникација, што започна со работа на 3 февруари годинава. Земајќи го предвид краткиот период од назначувањето на претставникот во Брисел и активностите кон кои ќе биде насочена Канцеларијата, како што е претставување на нејзината мисија, остварување контакти со директоратите за чии програми Македонија може да конкурира за средства, потоа остварување контакти со регионалните претставништва на градови и региони во Брисел и учество на инфоденови на различни финансиски програми, досега се остварени неколку контакти. И тоа со почесниот македонски конзул во Брисел, со претставници на Советот на европски општини и региони, со претставници на групата ЕЛАН, со претставници од канцелариите на Кипар, Букурешт, Лион, Истра, Крагуевац и со претставници на Собранието на европските региони“, информираат градските власти.
Сепак, оттаму не објаснуваат за кои конкретно проекти Балевска веќе лобира. Генерализираат дека станува збор за различни области, како што се проекти за енергетска ефикасност и заштеда на енергија, животна средина и за заштита и промоција на културното наследство. Градските власти потенцираат дека основните полиња на дејствување на Канцеларијата, како неопходна фаза до конечно добивање средства за локалните проекти, се и дистрибуција на информации, јакнење на соработката со институциите на ЕУ, изнаоѓање партнери за проекти и следење на политиките и регулативите што се донесуваат, но, исто така, и обезбедување влијание во нивното креирање. Во таа смисла, велат од Градот, се очекува ефикасно функционирање и реализирање на поставените цели, кои надлежните се убедени дека ќе донесат позитивни искуства и резултати за Градот.
Приоритети
Градоначалникот Коце Трајановски на отворањето на Канцеларијата најави дека приоритетни проекти за чија реализација ќе се бараат европски пари се изградба на водоводи во населбите Шуто Оризари, Ченто и Нерези. Беше најавено дека покрај ова, кај европските фондови ќе се лобира и за финансирање на изградбата на пречистителна станица за отпадните води на изворот Рашче, за имплементација на алтернативни методи за користење на струјата во образовните институции, за поставување штедливо и еколошко осветлување на градските улици и булевари...
Но, досега, освен остварени контакти, од Канцеларијата нема конкретни очекувани резултати. |