Грција непознат, но посакуван противник
Миодраг Мицковиќ
Младите фудбалери на Македонија, играчи до 21 година се најдоа во мошне тешка група во претстојните квалификации за завршниот турнир на Европското првенство, играчи до 21 година што ќе се одржи во 2011 година во Данска. Ќе имаат можност да играат со репрезентации кои имаат многу поголем рејтинг, со практично европските гиганти, без оглед што се работи за млади селекции: Англија, Португалија, Литванија и Грција со кои за првпат ќе се сретнат во досегашните квалификациски циклуси по кои не успеаја да се најдат на собир на најдобрите европски млади репрезентации.
Што е уште поинтересно, никогаш досега на некој официјален фудбалски меч не играле репрезентациите на Грција и Македонија, во која било селекција. Со оглед на познатите проблеми меѓу двете држави околу името, овој меч привлекува посебно внимание, не само кај нашите туку и кај љубителите на фудбалот кај нашиот јужен сосед. Ќе биде тоа не само спортски, фудбалски, туку и некој вид политички меч и токму затоа нашите млади фудбалери ги очекува голема обврска бидејќи очите на сите љубители на фудбалот во Македонија ќе бидат насочени кон градот Триполис и овој натпревар.
Фудбалерите на Македонија вчера околу пладне допатуваа со авион од Солун во Атина, откаде со автобус го продолжија патот за градот Триполис каде утре со почеток во 16 часот ќе се одигра натпреварот. Вчера ппладне одржаа и тренинг, ќе имаат и полесен претпладнево за да селекторот Јонуз уште еднаш ги провери можностите на своите играчи.
Инаку, на патот до Атина, особено на граничниот премин на Дојран, на грчката граница нашите фудбалери немале никакви проблеми. Мошне бргу ги минале пасошките и царинската формалности иако сите фудбалери биле во тренерки на Фудбалската федерација на Македонија. На граничниот премин биле пречекани од претставниците на грчката федерација, а потоа во придружба на полицијата заминале за Солун. Ги немале оние недоразбирања и проблеми што ги имале ракометарките на Металург поради своите дресови на кои пишувало Македонија и поради што неколку часа биле задржани на граница кај Гевгелија.
Селекторот Мирсад Јонуз не ќе може за овој меч да смета на тројца играчи кои играат во странство. Марко Павло��, кој се' уште нема добиено дозвола да игра за Македонија бидејќи настапувал за младата селекција на Исланд, сега игра за шпанскиот Бетис и повредените Димитровски и Лазовски. На нивното место тој ги повика напаѓачот на Вардар Костенцовски, Спировски од Пелистер и Велковски од Металург.
- Во Дојран, во Спортскиот центар „Истатов“ имавме четиридневни подготовки, јас сум задоволен од залагањето и сериозноста на сите играчи на овие подготовки беа зборовите на Јонуз. Свесни сме дека не очекува тежок и непознат противник, но и подготвени да прикажеме добра игра и успешно да стартуваме во овие нови квалификации“ изјави Јонуз. |