Петтонска хлорна бомба му се заканува на Кочани

За да се изврши транспорт на хлорот, неопходно е да се поправи пругата
КОЧАНИ - Речиси една година сопствениците на „Хартија ко“ безуспешно се допишуваат со локалните и централните власти за „демонтирање“ на петтонската хлорна бомба која стои во хлорната станица во кругот на фабриката. Притоа, се укажува на реалната и сериозна опасност од оваа „темпирана бомба“, која во случај на пожар може да предизвика страшна експлозија и да загрози многу човечки животи, со еколошки и материјални последици.
Станицата е лоцирана во непосредна близина на магацинот за целулоза, кој особено во летниот период е изложен на опасност од пожари. Сопствениците на „Хартија ко“ алармираат дека опасниот хлор, кој се користел за белење на целулозата додека работела фабриката, стои десетина години во станицата и нема шанса да биде употребен во производствениот процес во фабриката. Покрај тоа, фирмата не е подготвена сама да го реши проблемот со преточување на хлорот и безбедно транспортирање на сигурно место. Поради долгото неработење железничката пруга која доаѓа до самата хлорна станица, е нефункционална и небезбедна за сообраќај на специјална вагон-цистерна. Значи, за да се изврши транспорт на хлорот, неопходно е да се поправи пругата.
И кога би се создале услови за дислокација на опасната хемиска супстанција, поради незаинтересираност, никој не знае каде таа би можела да се однесе и искористи. Единствената фирма во Македонија која троши поголеми количества хлор скопски ОХИС досега нема пројавено интерес. „Хартија ко“ контактирала со градоначалникот на Кочани, Љубомир Јанев, околу изнаоѓање решение за проблемот, но тој се оградил како ненадлежен и незаинтересиран, упатувајќи ги до Министерството за животна средина, но и тука не ја разбрале опасноста што му се заканува на Кочани, па хлорот се' уште стои складиран во станицата во кругот фабриката. (МИА) |