Средбата во Пили далеку од новинарите
Дали Груевски ќе понуди најмал заеднички содржател кој позитивно ќе ја изненади Грција
Димитар Чулев
Грција направи се' да ја маргинализира денешната средба меѓу премиерите Јоргос Папандреу и Никола Груевски, најавена како почеток на преговорите за разврска на спорот околу името, во преспанското село Пили на грчка страна, на самото тромеѓе на Македонија, Албанија и Грција. Средбата, која се одржува на маргините на трилатералната средба Папандреу, Груевски и Бериша за климатските промени, ќе се одржи доцна вечерва со тоа што новинарите заинтересирани за настанот ќе бидат најмалку на осум километри оддалечени од местото каде што Папандреу и Груевски ќе расправаат за спорот што може или одново ќе ја блокира поканата за Македонија во ЕУ.
Меѓу 200 и 300 новинари се очекува да пристигнат денес во малото преспанско село Пили, лоцирано на западната страна од Преспанско Езеро. Интересот е трилатералата, меѓутоа и, пред се', средбата на премиерите Папандреу и Груевски. Меѓународната заедница врши притисок во пресрет на министерскиот совет на 7 декември, Македонија и Грција да најдат заедничко прифатливо решение за името, а притисокот особено ставен врз Македонија со намера оваа земја да демонстрира подготвеност за промена на сегашното уставно име во назив со кој ќе се обраќа не само Грција, туку и меѓународната заедница, а новото име би го почитувале и граѓаните во земјата. Во Македонија се отвори сериозна расправа, и серија дебати во земјата, дали тоа значи дека Македонија ќе треба да го менува Уставот, законите и дали од земјава се бара откажување од идентитетот, културата, јазикот... Груевски, во Преспа оди и со тој товар, на кој игра и грчката страна.
Македонската јавност, сепак, очекува дека Груевски во Преспа ќе однесе „сет идеи“ со што ќе покаже дека ја презема иницијативата и ќе понуди „најмал заеднички содржател“, кој нема да оди контра македонските национални интереси, а позитивно ќе ја изненади Грција, а пред светот ќе покаже дека оваа земја е подготвена за конкретно решение кое ќе претставува разврска и излегување од дводеценискиот спор. Известувачот за Македонија од Европскиот парламент вчера завчера побара од европските ��нституции да ги поддржат македонскиот и грчкиот премиер во изнаоѓањето решение во проблемот со името. Европа е уморна од спорот што се наоѓа речиси на дневен ред на без малку секоја втора седница на Европарламентот.
Премиерот Груевски, во пресрет на денешната средба, најави дека не очекува да постигне договор со својот грчки колега Папандреу. Тој уште рече дека „некои во земјава намерно да прејудицира преголеми очекувања“ .
Средбата во Пили попладнево била по иницијатива на македонската страна и не е јасно зошто таквото прејудицирање на неуспех од страна на премиерот.
Никој не очекува дека во преостанатите нецели две недели пред 7 декември Македонија и Грција ќе го решат спорот што се влече 18 години наназад. Јавноста овде, сепак, очекува дека Груевски на средбата во Преспа на грчка страна оди со разработен предлог кој можеби нема да го „преобрати“ Папандреу, но ќе демонстрира подготвеност на земјава да го реши еднаш и засекогаш проблемот со името.
Експерти по меѓународно право од Македонија деновиве во ТВ-дебати и во изјави за македонските медиуми се изјаснуваа дека е можно Груевски, доколку е подготвен за тоа, на средбата вечерва во Пили да понуди документ во форма на нонпејпер што ќе ги претстави македонските амбиции и евентуални решенија за разрешување на спорот.
Има различни видувања за тоа дали Македонија и Грција сега и веднаш треба да најдат заедничко прифатливо решение или процесот треба да се одолжи за уште неколку месеци по што, наводно, би се изградиле посериозни позиции во кои би се нашла и Македонија, но и Грција, која во целата „скопска сага“ се обидува да не испадне губитник. |